Електричната лимузина на Волво полни брзо, патува далеку

Волво напоменува дека заоблениот покрив придонесува за одличната аеродинамичност и помага Волво ЕС90 да постигне досег и до 700 километри.

Волво тврди дека големата премиум лимузина соединува својства на три видови возила: Елеганција на лимузина, приспособливост на комбилимузина и просторност и големо растојание од подлогата како СУВ.

Со соединување на трите возила во едно, Волво ЕС90 „создаде нов простор само за себе“, со што автомобилот е „класа за себе“.

На прашањето дали е ризик трите различни видови автомобили да се соединат во едно, Ерик Северинсон, директорот за модели и стратегија, потврди дека постоела голема дилема околу тоа.

„Дали тоа е автомобил за сите или автомобил за никој?“ одговори тој на прашањето.

„Ценам дека најдовме навистина добар баланс,“ изјави шефот за модели. „Во поглед на дизајнот, успеавме да го задржиме во пакување што е привлечно за купувачите на лимузини, исто како и за купувачи на кросовери или фастбек.“

Подобра аеродинамичност води кон подолг досег

Пропорциите на ЕС90 создаваат форма што му се спротивставува на воздухот со отпор од 0,25. Тоа е најдобра вредност во историјата на Волво. За споредба, луксузната електрична лимузина Порше Тајкан постигнува кофициент на отпор 0,22.

Како резултат од тоа, Волво ЕС90 има досег до 700 километри. Полнењето од 10 до 80 проценти, при користење полнач со моќност од 350 киловати, трае само 20 минути. Тоа е подобрување за 30% во споредба со СУВ-знаменосецот Волво Е Икс 90, којшто се продава од лани и ја користи истата платформа СПА2.

Напредокот во дел се должи на примената на адаптивен софтвер за полнење од Брид Батери Технолоџис. Волво е прв производител на автомобили што има пристап до патентираниот софтвер за полнење на британскиот стартап, што се темели врз алгоритам, под името Брид Чарч.

Вилво има нови задни светла во форма на потковица, коишто ги придружуваат диодни светилки во задниот прозорец.

ЕС90 е воедно и првиот Волво што може да наполни енергија за 300 километри пат за само 10 минути. Тоа е голема разлика од 180-те километри за 10 минути со 400-волтниот систем што Волво го користи во останатите електрични модели.

За споредба, Порше Тајкан може да наполни струја за 315 километри за 10 минути, при користење брз полнач со моќност од најмалку 320 киловати.

Освен Тајкан, соперници на ЕС90 се електричните БМВ и5 и Мерцедес-Бенц Е Ку Е, со тоа што ниту еден од нив не нуди 800-волтно полнење.

Меѓу моделите што располагаат со 800-волтно полнење се Тесла Сајбертрак, Лотус Елетре и Емеја, Ауди Е-трон ГТ и Киа ЕВ6.

Почнуваат нарачките за ЕС90, производството е во Кина

Книгите со нарачки се отворени во Австрија, Белгија, Чешка, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Шпанија, Шведска, Швајцарија и Обединетото Кралство. Наскоро почнуваат и останатите пазари.

Ценовникот во Германија почнува од 71.990 евра.

Волво ќе го произведува ЕС90 во својата фабрика во Ченгду, Кина, каде што се произведува и електричниот СУВ-знаменосец Е Икс 90. Производството е планирано да отпочне во третиот квартал. Испораките ќе следат во четвртиот квартал и ќе продолжат во првиот квартал во 2026 година.

Волво ќе го произведува ЕС90 во својата фабрика во Ченгду, Кина

Северинсон очекува најголемиот дел од продажбата на ЕС90 да биде постигнат во Кина, иако не наведе во колкав процент. Тој очекува Обединетото Кралство да биде уште еден клучен пазар, имајќи предвид дека земјата не наплаќа дополнителни царини за електрични автомобили што се увезуваат од Кина.

Автомобилите на Волво што се произведуваат во Кина и се продаваат во ЕУ подлежат на дополнителни царини за кинески електрични автомобили. За Волво е одредена царинска стапка од 28,8 проценти, којашто се состои од претходните 10 проценти царина и дополнителни 18,8 проценти, коишто е замислено да компензираат за високите субвенции што кинеската влада им ги исплаќа на своите производители.

Видеото од тестот на Волво Е Икс 30

Северинсон кажа дека во Волво се свесни оти дополнителната царина не може целосно да се префрли на товар на купувачите. Имајќи предвид дека Волво е марка од премиум сегментот, тоа ѝ дава поголема слобода околу цената, во споредба со големоволуменските производители, меѓутоа флексибилноста секогаш зависи од пазарот.

Се размислува дали ЕС90 да се продава и во САД

Северинсон кажа и дека Волво размислува дали ЕС90 да го продава во САД, каде што автомобилите од Кина подлежат на царина од 20 проценти, откако администрацијата на Трамп воведе 10 проценти царина за увоз од Кина, дополнително на 10-те проценти увозна такса што беше воведена во февруари.

Волво ЕС90 има дигитални инстrументи од 9 инчи и средишен дисплеј од 14,5 инчи

Компјутер на тркала

Извршниот директор Џим Роуен кажа дека ЕС90 ја докажува позицијата на Волво како „индустриски лидер во софтверски дефинирани возила, што ја користат моќта на процесорите.“

ЕС90 е прв Волво со централизиран систем што работи со двојна конфигурација Нвидиа Драјв АГИкс Орин, што е способна за преку 500 трилиони операции во секунда. Кога Нвидиа го претстави Драјв АГИкс Орин во 2019 година, кажа дека овој систем-он-чип е развиен да понуди цел спектар на нивоа за асистирано возење, почнувајќи од 2-ро ниво, до целосно автоматизирано возење од 5-то ниво.

Безбедносниот систем на ЕС90 користи седум камери, пет радари, 12 ултразвучни сензори и лидар, коишто работат заедно за да се спречи незгода.

Безбедносниот систем на ЕС90 користи седум камери, пет радари, 12 ултразвучни сензори и лидар.

Луксузна опрема

ЕС90 е опремен да им понуди врвна удобност на патниците на задната клупа. Меѓуоскиното растојание изнесува 3.100 милиметри, што гарантира изобилство простор назад. Патниците на задната клупа добиваат електрично местење и залегнување на седиштата, како и греење и вентилација во седиштата.

Електрохроматскиот панорамски покрив дозволува светлината да продира во кабината, но нуди близу 100 проценти заштита од ултравиолетови зраци. Покрај тоа, провидноста на стаклото може да се приспособува и стаклото да се затемнува.

Провидноста на електрохроматскиот панорамски покрив се мести на копче.

Кои се соперниците на ЕС90?

ЕС90 ќе конкурира во сегментот на големи премиум лимузини. Во јануари, најголема продажба постигна серијата 5 на БМВ, по неа се Мерцедес-Бенц Е-Класа и Ауди А6.

Најпродавани целосно електрични модели во сегментот се БМВ и5, пред Мерцедес Е Ку Е и Ауди Е-трон. Сите три електричнио модели имаат поголема продажба од Волво С90 и комбито В90 заедно. Во јануари, продажбата во сегментот порасна за 29 проценти, на 16.008 возила.

Во 2024, продажбата на големи премиум лимузини порасна 9,5 проценти, на 188.262 возила, предводени од Ауди А6, пред Е-Класа и серијата 5. Заедничката продажба на С90 и В90 заедно опадна за 25 проценти, на 8.335 возила.

Во САД, Волво С90 припаѓа во високата класа и во 2024 година беше на 4-то место, зад серијата 7 на БМВ, Мерцедес С-Класа и Лексус ЛС. Продажбата на С90 опадна за 6,5 проценти, на 1.896 возила. Целиот сегмент постигна 28.288 продажби, за 7,5 проценти помалку во споредба со претходната година.

БМВ и5 е меѓу главните конкуренти на Волво ЕС90.

Димензиите на Волво ЕС90

  • Должина 5.000 милиметри
  • Ширина 1.942 милиметри
  • Висина 1.547 милиметри
  • Меѓускино растојание 3.102 милиметри
  • Растојание од подлога 184 милиметри

Три нивоа на моќност

ЕС90 се нуди во три изведби: Со еден електромотор, со два електромотори и со два електромотори со високи перформанси.

Изведбата со еден електромотор на задната оска, располага со 245 кВ, односно 333 КС. Максималниот вртежен момент изнесува 480 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 6,8 секунди. За 10 минути се полни енергија за 275 километри, на полнач со најмалку 350 кВ. Батеријата од 92 кВч е производ на КАТЛ. Досегот изнесува 650 километри.

Изведбата со два електромотори и погон на сите тркала, располага со 333 кВ, односно 453 КС. Максималниот вртежен момент изнесува 670 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 5,5 секунди. За 10 минути се полни енергија за 300 километри. Батеријата од 106 кВч е производ на КАТЛ. Досегот изнесува 700 километри.

Изведбата со два електромотори со високи перформанси и погон на сите тркала, располага со 500 кВ, односно 680 КС. Максималниот вртежен момент изнесува 870 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 4,0 секунди. За 10 минути се полни енергија за 300 километри. Батеријата од 106 кВч е производ на КАТЛ. Досегот изнесува 700 километри.

Претходна објаваЦарините на Трамп се штетни и за Тесла и останатите производители на ЕВ од САД
Следна објаваБИД мерка трета фабрика за да го покрие европскиот пазар

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here