Еден од најспомнуваните автомобилски новитети во 2025 година секако е електричниот Донгфенг Бокс, модел од класата на Поло и Пунто, што доволно внимание привлекува и со изгледот, меѓутоа сензацијата е во цената – за чисто електричен автомобил. За 21.990 евра, овој несомнено историски модел ќе замисли многумина околу изборот.
Донгфенг Бокс менува уште една димензија во којашто пазарот гледа на производителите од Кина. Долг е над четири метри, колку што е денешната мера на моделите во градската класа, нуди багажник од 326 литри, повеќе од просекот во класата, и за 22.000 евра вози 230 километри чисто на струја, колку што ниту еден друг автомобил не умее во моментов.
Тоа сé уште е досег што повлекува ограничувања и планирања, меѓутоа кога ќе се земе предвид дека просечната километража што ја минува европски возач секој ден изнесува 40 километри, овој досег сé уште значи дека со едно закачување на полнач, може да се биде спокоен во тој поглед цела работна седмица, од понеделник до петок.
Секако постои решение и за тоа, да се посегне по изведба со поголема батерија. И тука излегува математиката на производителите од Кина, затоа што 80 километри досег екстра, односно 310 километри, следат во изведбата со батерија од 42,3 кВч, што чини точно илјада евра над основната изведба, односно 22.990 евра, со попустот од две илјади евра.
Донгфенг Бокс е веќе 4-ти модел со електричен погон со достапна цена што е понуден на македонската сцена, а веројатно и најголем предизвикувач
Најблиску до Донгфенг Бокс е Ситроен е-Ц3, со батерија од 44 кВч и досег до 320 километри, а блиску е уште еден електричен модел што лани се појави во салонот на Аутомакедонија, Липмотор Т03. Исто како Дачиа Спринг, тоа сепак се модели од класа под Бокс и под е-Ц3.
Перформансите одамна не се тема кај електричните автомобили, затоа што сцената уште одамна има научено дека моделите со електромотор влечат посилно и порано од сите класични погони. Производителот го наведува само спринтот до темпо 50, од 4,8 секунди, а брзината е ограничена на 140 километри на час, за да се сочува енергијата во батеријата.
Електромоторот е синхронен со постојана магнетна побуда и максимална моќност од 70 киловати, што одговара на 95 КС. Батеријата во двете изведби, со 31,4 и 42,3 кВч, користи ЛФП технологија, односно литиум железо фосфат. Тоа е новата надеж на браншата, што Донгфенг веќе ја претвори во јаве. Овие батерии се поевтини, потрајни се и побезбедни.

Пример: Доколку фирма избере Донгфенг Бокс да ѝ го сочинува возниот парк, и брзото полнење е најважно – покрај заштедата – тоа ќе трае само половина час со поставен брз полнач во депо
Тука веднаш следи уште една сензација, иако таа е условена со постоењето мрежа од брзи полначи. Донгфенг Бокс дозволува полнење со еднонасочна струја, со моќност од 76,8 киловати во основниот и 87,8 киловати во понапредниот модел. Тоа значи дека полнењето до 80 проценти ќе трае 30 минути. Доколку се користи обична приклучна кутија, тогаш се полни со 3,3 кВ, односно 6,6 кВ.
Гаранцијата за батеријата е осум години или 160.000 километри. Различно од убедувањето на сцената, гаранцијата не значи дека батеријата ќе се самоуништи по 8 години, туку единствено значи дека капацитетот на батеријата нема да се смали под 70 проценти по гарантираниот рок. Возилото е со гаранција од 5 години или 100.000 километри.
Галерија · Донгфенг Бокс
Не само што се чини дека сé е погодено кај овој новитет, туку и навистина е погодено. Во поглед на опременоста, понапредната изведба од 22.900 евра, што се води како Лаунч Едишн, доаѓа со алу-тркала од 17 инчи, систем од камери во 360 степени, а понатаму и со електрика, греење, меморија и вентилација на возачкото седиште, приспособлив темпомат, собирање на ретровизорите и аудио систем.
Тоа што го поседува уште основниот модел Стајл Едишн се средишен дисплеј од 12,8 инчи, автоматски клима уред, безжично полнење телефон, задна камера, амбиентално светло, пристап без клуч, сите системи за асистенција што се грижат за безбедност и комфор.
Ако тоа не било кажано досега: Кинезите ја сменија автомобилската индустрија.
















