На светскиот пазар, Киа во изминатата година испорача 2.543.361 возило односно за 1,0 процент повеќе од ’23, додека домашниот пазар имаше мал пад од 4,2 проценти и продадени 540.010 возила. Целта за 2025 година е продажбата да продолжи да расте и да достигне 3,22 милиони возила.
Поставените цели на Киа за 2025 година и понатамошниот раст во продажбата се темелат на очекувањата за зајакнување на местото на Киа меѓу водечките производители на електрични автомобили, преку лансирање нови модели со електричен погон, како и развивање на новиот деловен огранок, со возила за посебна намена, односно професонални возила.
Киа ја заврши минатата година со рекодна продажба од 3.089.457 возила во светски рамки. Наспроти растот од 1,0 процент на извозните пазари, во време кога целиот пазарот се движи надолу или мирува, следи пад од 4,2 процент на корејскиот пазар, така што за вкупната продажба произлегува раст од 0,1 процент, но пак е доволно за нов рекорд.
Само во последниот месец лани, светската продажба на Киа напредуваше за 11,8 проценти во споредба со истиот месец во ’23, со испорачани 240.537 возила.
Најпродаван модел и во 2024 година е компактниот-СУВ Спортаж, со 587.717 возила, пред СУВ-моделот Селтос со 312.246 возила (се нуди во САД и Азија), а веќе на третото место е луксузниот знаменосец Соренто, со 280.705 примероци.
Голем придонес за рекордната година даде пуштањето на новите модели, меѓу кои посебна заслуга има електричниот СУВ-модел ЕВ3, како и лимузината К4 и воведувањето на хибридниот погон во Карнивал, луксузен МПВ од рангот на Соренто. Сето тоа беше поткрепено со стабилно снабдување и со флексибилно работење.
Целта за 2025 година е да се постигне продажба од 3.216.200 возила, што би претставувало раст од преку 4 проценти во споредба со претходната година. Од тоа, за домашниот пазар се очекуваат 550.000 возила (+1,8%) и 2.658.000 возила на светските пазари (+4,5%), како и 8.200 возила изработени за посебна примена.
















