Шефот на марката товарни возила Volkswagen Nutzfahrzeuge, Карстен Интра, на денешната дигитална премиера на новиот пикап, посочи дека „вложувањата во такво возило се мошне високи“. Поради тоа, марката со седиште во Хановер, наспроти автомобилската марка со својот Волфсбург, развиваше заедничка платформа со Ford. Американскиот пикап стартуваше на крајот на минатата година. Шефот на VW NFZ, сепак поралува дека сé што се гледа и допира, тоа е Volkswagen.
Новиот Amarok е позициониран како премиум пикап. Официјалната премиера ќе се одржи во септември, на салонот за товарни возила ИАА во Хановер. Првите примероци ќе пристигнат во салоните кон крајот на годината.
Втората генерација на Amarok е дизајнирана и развиена во Германија и Австралија, но и во Јужна Африка, каде што ќе се произведува моделот, како еден од главните пазари за пикапот. Со должина од 5,35 метри, новакот е за десетина сантиметри подолг од претходникот. Меѓуоскиното растојание е зголемено за дури 17 сантиметри и изнесува 3,27 метри. Од тоа произлегуваат повеќе простор во кабината, но и подолга товарна платформа. Каросериските превиси се скусени, а напред е значително зголемен аголот на пристап, така што се очекуваат и пристојни теренски својства. Одушевува и дозволената длабочина на понирање во вода, којашто е зголемена од 500 на 800 милиметри.
Главниот дизајнер на Volkswagen „нуцфарцојге“, Алберт Кирцингер, вели дека Amarok е „вистинска машина за возење“ и за таквиот впечаток придонесува предниот дел со нагласена ширина и високо поставена хауба, заедно со масивни хоризонтални пречки во маската. Во сите пет нивоа на опрема стандардно следат диодни предни светла. Во повисоко опремените изведби Style, PanAmericana (Offroad-Styling) и Aventura (ексклузивен изглед) сериски се вградуваат матрични диодни светла. Разлика кај поскапите изведби има и во самата маска. Кај нив, маската продолжува надолу. Во двете топ-нивоа, во долниот дел од браникот се препознава X-шема. Ефектен е исписот на моделското име над регистерската таблица.
Гамата ќе се состои од изведба со двојна кабина и четири врати DoubleCab и изведба со единечна кабина и две врати SingleCab. Препознатлив белег на Amarok се арките околу тркалата од најмногу 21 инчи, што се обложени со темна пластика, и за разлика од останатите пикапи се речиси прави во горниот дел. Моделот се препознава и од назад, а посебно по стилски изведените светла во форма на потковица. Секако дека хром не недостига, како и традиционалното обележје на пикапите, име на моделот втиснато во задниот поклопец.
Во внатрешноста има спој од дигитални функции и аналогни копчиња, заедно со класични ротирачки и притискачки регулатори. Звукот на инфо-забавниот систем се мести со класични команди, исто како и начинот на работа на погонот на сите тркала. Пречникот на инструментите изнесува 8 инчи во основната изведба, заедно со средишен дисплеј од 10 инчи, којшто е поставен исправено. Од нивото Style, двата дисплеи добиваат пречник од 12 инчи.
Вистински луксуз владее во двете топ-изведби, со вештачка кожа со контрастни штепови по арматурната табла и вистинска кожа на седиштата, електрично местење и аудиосистем Harman-Kardon. Арсеналот од системи за асистенција содржи до 20 најразлични системи. Постои и избор меѓу шест програми за возење.
Пикапот на Volkswagen, секако дека поседува и таленти на работна машина. Исто како претходникот, на товарната платформа собира европалета, односно две палети кај моделот со единечна кабина. Тука може да се натоварат до 500 килограми. Максималната носивост е зголемена од еден на 1,16 тон.
Товарниот простор може да се заштити со ролетна што се навлекува рачно или со електрична помош. Згодни детали се држачот за велосипед, мултинаменскиот систем од носачи, но и цврстата школка, што се поставува над товарната платформа, за Amarok да се претвори во еден вид СУВ, со товарен простор колку комбе. Најсилните изведби можат да влечат приколка до 3,5 тони.
Volkswagen вградува пет мотори во новиот Amarok, но во Европа ќе се нудат само три. Основниот дизел со 150 КС е наменет главно за Африка, а исто и 2,3-литарскиот турбо бензинец од Ford, со 302 КС, замислен е за „класичните бензински пазари“. Во Европа ќе се нуди 2.0 TDI со 170 КС, над него е битурбо-верзијата со 204 КС, а врвот на понудата привремено ќе го означува 3,0-литарскиот V6 дизел, со 241 КС и 600 Nm. Со овој мотор стандардно следи погон на сите тркала, како и 10-степениот автоматски менувач на Ford. За менувачот може да се доплати кај дизелот со 204 КС.