Зимата може да им изгледа покуса на оние што отсега ќе го нарачаат Golf GTI Cabriolet. Volkswagen изврши неколку освежувања во изгледот, вгради мотор со 220 КС и додаде неколку комбинации од бои.
Ако се послушаат луѓето од маркетингот на Volkswagen, подобро од Golf GTI може да биде само кабриолет Golf GTI. Волфсбург го подготви кабриолетот од GTI за следната сончева сезона и ги отвори книгите за нарачки, за автомобилот што како „комбинација од наследството на GTI и отворен покрив, покрај впечатливи перформанси, нуди и изобилство од свеж воздух и сонце“ – како што пишува во објавата од Volkswagen.
Golf GTI Cabriolet вози со 220 КС од дволитарски турбо-бензинец, заедно со сериски старт-стоп и шестстепен менувач со двојна спојка. Со оваа моќ, кабриолетот што сé уште ја користи шестата генерација на Golf забрзува до сто за 6,9 секунди.
Новата форма на браниците му дава поубедлива спортска нота на GTI Cabriolet
Типичните обележја на GTI се присутни и во кабината и во каросеријата, вклучувајќи класични каро-облоги на седиштата, нов мултифункциски волан во кожа и црвени штепови на сите можни места. Спортски нагласок во надворешниот изглед на кабриолетот даваат маската со структура на саќе обрабена со црвена рамка, сопирачките клешти во црвена боја, новата форма на предниот и задниот браник, страничните прагови, новиот заден дифузор лакиран со сјаен финиш, бандажите од 17 инчи и задниот спојлер, кој се добива со доплата.
Исто како и стандардните „затворени“ верзии на GTI, кабриолетот поседува спортско подвозје, со електронска симулација на блокада на диференцијал и приспособлива амортизација DCC. Трислојниот платнен покрив се грижи звукот во кабината да биде пријатен исто колку во комбилимузината. Новитет е тоа што платнениот покрив освен во црна боја може да се добие и во сина или црвена боја. Цените за Golf GTI Cabriolet според германскиот ценовник стартуваат од 37.075 евра.
















