Марката од Волфсбург ги претстави новите мотори со три и четири цилиндри, наменети за Polo и Golf, но и супердизелот 2.0 TDIсо 240 КС, кој ќе има премиера во новиот Passat.
Цела Европа деновиве е сосредострочена на Виена. Додека евровизиските фанови ја слават победата на Кончита Вурст, врвните автомобилски инженери од целата бранша работат на иднината на моторите. На симпозиумот за мотори во Виена, Volkswagenги претстави и своите планови за иднината. Иновациите на Волфсбург се сведуваат под заедничкото мото „Помалку е повеќе“, односно на помали и поштедливи мотори, што во исто време ќе понудат и поголемо уживање во возењето.
На симпозиумот во Виена доживеа премиера новиот дволитарски TDIсо битурбо натполнење и 240 КС. Моторот ќе се вградува премиерно во новата генерација на Passat, што ќе дебитира наесен. Golf R400 ни е веќе познат како студиски автомобил, а набрзо ќе биде достапен и како сериски модел. Како што укажува и ознаката, дволитарскиот мотор TSI ќе развива 400 КС. Менувачите со двојна спојка на Volkswagen досега имаа само еден проблем. Тие поднесуваа само мотори со вртежен момент до 500 њутнметри. Тоа се решава со новата генерација на менувачи DSG, со десет степени на пренос и со можност за комбинирање со мотори со вртежен момент од преку 500 њутнметри.
Другите новитети во понудата на мотори се дизелот од 1,4 литар и 1,0-литарскиот TSI, обата со по три цилиндри. Бензинскиот мотор е дел од семејството EA211, коешто моментно го сочинуваат четирицилиндарците со турбонатполнење и зафатнина од 1,2 и 1,4 литар. Моторот 1.0 TSI ќе почне да се вградува во Poloи Golf. Во првиот модел, трицилиндарецот со турбонатполнење и директно впрскување ќе ослободува 95 КС (во специјалната еко изведба) и 110 КС, додека во Golfќе достигне 115 КС. Максималниот вртежен момент се движи меѓу 160 и 200 њутнметри.
Трицилиндарскиот 1.4 TDIисто така е предвиден за Poloи Golf. Моторот е составен дел од т.н. модуларна дизел платформа MDB. Новиот дизел ја исполнува нормата EU 6 и ќе ги замени дизел моторите во Poloшто досега се нудеа со различна работна зафатнина. Верзиите на дизелот со 75 и 90 КС ќе работат во Polo, додека за Golf е резервирана верзијата со 105 КС. Дијапазонот на вртежниот момент се движи меѓу 210 и 250 њутнметри. Трицилиндарскиот TDIе полесен за околу 30 килограми од неговите претходници со четири цилиндри.
















