Германскиот концерн пред четири години ја претстави студијата BlueSport. Сега повторно се зборува за евтиниот спортски двосед, кој во сериската верзија би возел со мотор од Ducati.
Alfa Romeo деновиве покажа дека може да се изведе суперспортски автомобил за половина цена од Ferrari. Купето 4C поседува лесна конструкција и не тежи ниту 900 килограми, па за спортски перформанси е сосема доволен и обичен четирицилиндарец со турбонатполнење и 240 КС. Цената: 53.000 евра во Италија. Слични планови сега открива и шефот на управниот одбор на Volkswagen, Фердинанд Пих. Проектот се води под името XL Sport.
Станува збор за спортски автомобил кој ја користи платформата од суперштедливиот XL1, но пред задната оска работи мотор од Ducati. Идејата е да се направи екстремен спортист, кој со тежина помала од 800 килограми во исто време ќе постигнува врвни перформанси и штедливост. Моторот во XL Sport ќе потекнува од Ducati Panigale – италијанската марка стана дел од концернот Volkswagen откако таа ја прекина соработката со AMG-Mercedes.
Тоа значи дека моторот од 1,2 литар ќе постигнува моќност од 190 КС при 10.750 вртежи и вртежен момент од 123 њутнметри при 9.000 вртежи. Преносот на сила ќе се врши преку менувач со двојна спојка на Volkswagen. За помошните агрегати, како за компресор за климата и генератор ќе се додаде дополнително погон со ремен. Серискиот старт на моделот уште не е потврден.