за

Volkswagen најавува електричен минибус за 2019 година

Volkswagen ветува голем пробив на електричните автомобили кон крајот на деценијава. Како ќе му успее тоа на германскиот гигант, покажува студијата од саемот за електроника во Лас Вегас.

Автомобил од минатото ќе послужи како основа за иднината којашто ја најавува Volkswagen. На саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас, премиерно е претставена студијата Budd-e, како минибус во духот на легендарниот „Були“, но за разлика од оригиналниот „хипи-мобил“, за погон во студијата служат електромотори.

Budd-e пристига како прв автомобил изработен врз новата платформа за електрични возила MEB на концернот Volkswagen
Budd-e пристига како прв автомобил изработен врз новата платформа за електрични возила MEB на концернот Volkswagen

Концептното возило ќе биде почеток на новата ера на електричниот погон, по достапна цена и со поголем досег отколку кај постоечките возила со погон на струја. E-Buddy е прв автомобил изработен врз основа на модуларната електрична платформа MEB на концернот Volkswagen. Кога оваа техника ќе влезе во сериско производство кон крајот на деценијава, со енергијата во батериите ќе може да се измине исто толкав пат како кај денешните возила со бензински или дизел мотори. Полнењето на батериите исто така ќе трае многу покусо, само половина час, по пат на кабел или преку индукција. На овој начин, Volkswagen ја најавува револуцијата на електричните автомобили.

Голем дел од заслугата за долгата автономија од 533 километри кај студијата се должи на особено големите батерии. Со капацитет од 92,4 киловатчасови, батериите располагаат со четирипати повеќе енергија отколку актуелниот Golf со електричен погон. На секоја оска работи по еден електромотор, напред со моќност од 136 КС, назад со 170 КС. Како крајна брзина се наведуваат 180 километри на час – ограничени електронски за да се спречи преголемо празнење на батериите – додека спринтот до сто трае мошне импресивни 6,9 секунди.

Со поврзување во мрежата може директно од Budd-e да се вклучи климатизацијата или други уреди во домот со функциитена на Smart-Home
Со поврзување во мрежата може директно од Budd-e да се вклучи климатизацијата или други уреди во домот со функциитена на Smart-Home

Во согласност со трендот, студијата со електричен погон е зачинета со напредни можности за поврзување со преносни уреди и користење на истите преку системите во возилото. Ракувањето со повеќето функции се врши преку гестикулација, камери се користат во замена за ретровизорите, а преку пристап на интернет може да се командува и со уредите во домаќинството коишто ги подржуваат функциите на Smart-Home. Тоа, меѓу другото, значи дека од возилото може да ја вклучите климатизацијата во домот, додека патувате.

Единствено не се наведува цената на серискиот модел. Според денешните цени, само огромните акумулатори би чинеле колку поскапа верзија на Golf. Експертите очекуваат дека цените на батериите ќе продолжат да опаѓаат уште порапидно до крајот на деценијата и ќе достигнат цена од 150 долари по киловатчас. Но, дури и во тој случај, батериите во Budd-е и натаму би чинеле околу 12.000 евра.

Минибусот нема да биде единствениот сериски модел со погон на струја што Volkswagen планира да го воведе во понудата до крајот на деценијава. Во 2018 година се очекува спортскиот теренец на Audi со чисто елекетричен погон, Porsche исто така најави спортски автомобил со револуционерната техника од концернот. Volkswagen секако дека нема да остане без уште еден електромобил во понудата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo е автомобилот што навистина ги разбира вашите зборови

Jaguar во трка за брза достава на храна во Мумбаи