Аферата Дизелгејт уште е далеку од разрешница, но бизнисот не смее да запре. Volkswagen стартува со фејслифтот на верзијата на Passat што е развиена посебно за САД и се базира на претходната генерација на моделот.
Volkswagen уште произведува добри вести. Аферата со софтверот на моторите TDI веќе се потсмирува, и токму во „пештерата на лавот“, од каде што стартуваше целата афера, Volkswagen сега стартува со продажба на фејслифтот на специјалната верзија на Passat за пазарот во САД.
Европските купувачи првично реагираа бурно кога Volkswagen го претстави овој Passat којшто од 2011 година се прозведува во сојузната држава Тенеси. Тој е поевтин и поголем од германскиот модел, поради што тукашните купувачи на Passat се почувствуваа запоставени.

US-Passat со техниката од 2011 година е поголем и поевтин од европскиот модел, но и поедноставен
Но, има и спротивна страна на медалот. Се покажа дека во американскиот Passat се користат многу поедноставни материјали, а и моторите трошат повеќе од европските. Откако Германците го префрлија новиот „европски“ Passat на платформата MQB, разликата меѓу моделите се зголеми уште повеќе.
Целта на фејслифтот е Passat да се приближи до владетелите во класата на пазарот во САД, односно до Honda Accord, Toyota Camry и Chevrolet Malibu. Промените се извршени најмногу во електрониката во кокпитот и сменет е носот заради новите прописи за безбедност во земјата. Иако дел до предниот столб е сменет, изгледот остана ист. Нов е браникот, со доплата се достапни диодни светла, има и неколку украси што внесуваат повеќе живост во појавата. Слични промени се извршени и назад, с има и нови дизајни за алуминиумските бандажи.
Луксузните верзии на Passat учествуваат со помалку од 10 проценти во продажбата
Во кокпитот се додадени сребрени лајсни околу имитацијата на дрво во повисоките нивоа на опрема, инструментите се поставени во туби и изгледаат поспортски. Новитет е тоа што за американскиот Passat сега се достапни ксенонски светла и системи за асистенција. На пазарот во САД се продаваат помалку верзии од моделот во споредба со европскиот пазар, што помага во намалувањето на трошоците за производство.

US-Passat првично беше достапен со 2,5-литарскиот петцилиндарец, кој сега е заменет со 1,8-литарскиот TSI со 170 КС. Автоматскиот менувач со шест степен се подразбира, мануелен менувач повеќе не се нуди. Забрзувањето до сто е пристојно со 8,0 секунди, а крајната брзина е ограничена електронски на 190 km/h. Нова е врвната верзија со 3,6-литарски атмосферски мотор со 280 КС и 350 њутнметри на предната оска. Менувачот е со „влажна“ двојна спојка и шест степени на пренос. Спринтот трае 6,5 секунди, крајната брзина тука е ограничена на 209 km/h – без ограничување продолжува до 250 km/h. Овој шестцилиндарец за жал не се нуди во Европа, а и во САД, луксузната верзија на моделот учествува со помалку од 10 проценти во продажбата.
Една од причините зошто Volkswagen не го носи американскиот Passat во Европа е неговата цена. Основниот модел чини 22.400 долари, односно помалку од 20.000 евра. За оваа цена сепак се добива Passat со техника од претходната генерација, којшто во многу погледи заостанува зад актуелниот европски модел. Наследникот е планиран дури за 2019 година, со техника базирана на платформата MQB.
Од почетокот на следната година може во понудата да се вратат и варијантите со мотор TDI. На американските власти сепак ќе им бидат потребни неколку месеци додека издадат „нова“ хомологација.
















