Шефовите во американската филијала на Volkswagen се изненадени од продажбата на Passat со дизелски мотор. Секој трет Passat вози со штедливиот и нетипичен мотор за Американците.
Volkswagen постигнува фрапантно учество во продажбата на возила со дизелски мотор на пазарот во САД. Дури 72 проценти од овие возила го носат знакот на германската марка. Тоа сепак не значи дека Американците се откажале од големите трошачии. Дизелите учествуваат со само 1 процент во продажбата на возила на американскиот пазар.
Американскиот шеф на Volkswagen, Џонатан Браунинг, гледа светла иднина за штедливиот мотор. Околу 30 проценти од продажбата на Passat во САД отпаѓаат на модели со дизел под хаубата. Тоа е речиси двојно повеќе од очекуваните 17 проценти. Купувачите веќе го препознаваат и го ценат знакот TDI, кој прераснува во следниот заштитен знак на марката Volkswagen на пазарот од другата страна на океанот. Браунинг верува дека интересот за дизелот ќе продолжи да расте, особено покрај фактот што Американците умеат да ја ценат големата автономија на дизелските модели.