Горивните ќелии се погонот на иднината, тврди студијата на европското здружение на машински инженери. Тоа е голема шанса за индустријата, на којашто погонот на водород само во Европа може да ѝ донесе 68.000 нови работни места, како и над десет милијарди евра промет.
Европската асоцијација на машински инженери очекува зголемениот обем на вградување на горивните ќелии и преоѓањето на погон на водород да донесе промет во висина од неколку милијарди евра. Само во Европа, во автомобилската бранша може да се реализира промет од единаесет милијарди евра до 2040 година, од вградувањето на компоненти за погонската технологија со горивни ќелии, односно за погон на водород.
Како што се наведува во студијата што ја објави здружението, „електрификацијата во автомобилското подрачје се подржува преку растечкиот број на возила со погон на водород”. Јапонија и Јужна Кореја важат како пионери во користењето на автомобили со горивни ќелии.
Годишната продажба на возила што користат горивни ќелии до 2040 година ќе надминува десет милиони примероци. Тоа одговара на пазарен удел од дванаесет проценти. За таа цел, во следните години во светски рамки ќе се вложуваат по пет милијарди евра на годишно ниво, за истражување и развој на технологијата.
Европските инженери посочуваат и дека производството на горивни ќелии само на територијата на континентот ќе отвори 68.000 нови работни места. Технологијата на горивни ќелии претставува голема шанса за индустријата, од гледиште на создавањето на дополнителна вредност. Авторите на студијата порачуваат дека „од политиката се бара да се заложи за долгорочно осигурување на плановите на компаниите што ќе вложуваат во технологијата на горивни ќелии“.
Автобуси возат на водород добиен од отпад
