Светот е уште еден чекор поблиску до времето кога возилата ќе почнат да управуваат целосно самостојно.
Германската компанија Vay е прва во светот што користи возило по јавните патишта низ Европа, без да има човек во возилото. Следниот чекор е компанијата по неколку месеци да почне на своите клиенти да им ја нуди услугата за далечинско управување со нивните возила.
Vay ја нарекува технологијата „теледрајвинг“, со луѓе што од оддалеченост од неколку километри управуваат со автомобили. Тоа е веќе чекор поблиску до целосното автономно возење.
Очекувањата на браншата дека во видно време ќе се појават голем број роботски автомобили не се исполнија, иако инеститорите досега имаат вложено 100 милијарди долари во најразлични компании што ја развиваат технологијата.
Компанијата Vey објави дека започнала со телевозење на одредени рути во Хамбург, откако властите на пристанишниот град на северот на земјата дадоа одобрение. Vay тестираше во изминатите три години, но условот беше во возилото секогаш да се наоѓа возач. Како возила за тестирање се користеа приспособени електрични модели на Kia.
„За следните чекори ќе соработуваме со властите, за оваа услуга да им ја понудиме на трети лица“, изјави извршниот директор Томас фон дер Ое, кој претходно има работено во стартапот за самостојно возење Zoox. „Зборуваме за месеци, не за години“.
Услугата на Vay се состои од телевозачи кои им ги испорачуваат електричните возила на клиенти што сакаат возилото да им биде донесено на одредена локација, од којашто тие понатаму ќе продолжат да возат.
Телевозачите потоа ги управуваат возилата до следниот клиент. Стартапот досега има обезбедено околу 100 милиони долари од инвеститори, меѓу кои се директорот за финансии на Google, Патрик Пишет, Kinnevik и инвестициската фирма Atomico.