Расното компактно купе на Toyota отсега е достапно во изведба со „посиромашна“ опрема, но и натаму со 200 КС. На тој начин GT86 се отвора за поширок круг купувачи да уживаат во адреналинскиот наплив на 200 КС и заден погон.
Toyota презеде чекор каков што не се помни децении наназад. Во желба за профит, производителите „научија“ коњските сили редовно да ги нудат во пакет со опрема што никому не му е потребна во автомобил што е наменет за спортско уживање, но се плаќа и вклучена е во цената заедно со механиката што е основа на доживувањето. Toyota GT86 Pure прво стартува од најголемите продажни пазари на марката, меѓу другото Германија, кадешто новата, поевтина моделска изведба на веќе култното купе стартува од 28.900 евра, место од 30.750 евра.
Спортското купе е „пречистено“ само таму каде што смее. Седумте воздушни перници и алу-бандажите од 16 инчи остануваат, исто како и клима уредот и мултимедискиот систем, но и спортските седишта, спортскиот волан обложен со кожа и црвени штепови, и алуминиумските педали. Промените се забележуваат однадвор во поедноставните предни светла и поедноставниот изглед на бандажите, за разлика од „топ-моделот“. Задниот спојлер останува ако опција. Механиката е истата: Боксер мотор од два литри со 200 КС, во комбинација со шестстепен мануелен менувач и механичка блокада на задниот диференцијал.
Тоа што недостига во новата основна верзија во споредба со топ-моделот се биксенонски светла со автоматско вклучување, темпомат, автоматика за климата и пристап без клуч. Секоја чест за овој чесен потег на Јапонците. Дали „Pure“ ќе биде достапен и на македонскиот пазар, засега уште нема издадено соопштение. GT86 на нашиот пазар стартува од 32.900 евра, во ниво на опрема Drift.
















