Toyota го урива лошиот глас на сервисните повици

Јапонците повикуваат 6,39 милиони автомобили во сервис – поради безначајни и веројатно непостоечки дефекти. Што се крие зад тоа? Toyota на овој начин ја враќа довербата на купувачите. Ако истата воопшто била загубена.

Автомобилскиот концерн Toyota повикува 6,39 милиони автомобили во своите сервисни работилници. Повикот се однесува на примероците од моделот Yaris што се произведени во периодот меѓу 2005 и 2010 година, како и на теренецот RAV4 и пикапот Hilux, со датум на производство меѓу 2004 и 2010 година. Кај Yaris е можна грешка во шините на седиштата и во прицврстувањето на столбот на управувачот, додека кај вторите два модела повикот се однесува на пропустот што може да доведе до кинење на каблите во возилото. Во светот се повикуваат вкупно 27 модели, а проблем е откриен кај пет конструктивни делови.

Техничарите на Toyota ќе ги проверат овие компоненти и по потреба ќе ги заменат без трошоци за сопствениците. Досега се регистрирани околу 1.000 случаи со проблеми во погодените конструктивни групи, но ниту една незгода не може да се поврзе со истите. Вкупно ќе се заменат 6,76 милиони компоненти, кои се вградувани во повеќе модели и поради тоа бројот на возила што мораат да го посетат сервисот изнесува 6,39 милиони.

Масовниот повик се случува во време кога најголемиот производител на автомобили во светот заздравува од милионскиот повик што пред четири години го разниша имиџот на претпријатието.

Надлежните институции на важниот американски пазар го тужеа јапонскиот гигант дека во 2009/2010 година задоцнил со сервисниот повик за лизгањето на патосниците и за заглавувањето на педалот за гас. Пред само неколку денови Toyota се спогоди на исплата на казна во висина од 1,2 милијарда долари. Како поука, Toyota стартуваше обемна офанзива за подобрување на квалитетот, а последниов сервисен повик оди во прилог на тоа. Првите луѓе на Toyota ветија дека во случај на откривање на дефект, погодените возила веднаш ќе бидат повикани во сервис.

Неоспорно е дека во браншата се води жестока борба за освојување и задржување на највисоките позиции во продажбата на возила. Како светски број 1, Toyota е во вкрстен оган од сите конкуренти што се надеваат да ја преземат нејзината позиција. Не е тајна дека голем број од наводните дефекти се „измислуваат“ од конкурентите. Постои мудрост: Ако лагата ја повториш доволен број пати, таа на крајот ќе се претвори во вистина. На голем број регионални пазари со високо учество во продажбата, Toyota е „само“ странска фирма, без разлика што располага со огромни производствени капацитети, меѓу другото и во САД, каде што марката не ја ужива заштитата на домашните производители.

Затоа, последниов сервисен повик не е ништо друго, туку мудро смислен обид на Toyota, бламажата на сервисните повици да ја претвори во триумф. Настрана од тоа што се појавува во јавноста, сопствениците на моделите на Toyota најдобро знаат дали и какви проблеми имаат со своите возила. Што би помислил сопственик на некој од повиканите модели? „Да, Toyota открила дека постои некој пропуст во мојот автомобил и ме повикува да го замени бесплатно. Сепак направив добар избор со тоа што купив Toyota.“

Toyota не е случајно број 1 во браншата. Некогаш култниот Aston Martin, на пример, на кого ниту точните сопственици не му се знаат, неодамна имаше вистинска бламажа. Добавувачот на пластични компоненти за механизмот на педалите, во намера да заштеди го „ослабнал“ квалитетот на делот и без знаење на британската марка го испорачувал во редовното производство. Добавувачот, инаку, е од Кина. Aston Martin ги повика своите скапи возила во сервис, за да спречи кршење на пластиката во механизмот на педалите. Колку такви добавувачи постојат во светот и во кои марки се вградуваат нивните производи? Ова што последно го направи Toyota повеќе не заслужува да се води како сервисен повик, туку како грижа за купувачите. А, тие сигурно ќе бидат благодарни.

Претходна објаваFiat ги учи своите вработени на правилна љубов
Следна објаваLand Rover измисли хауба што станува проѕирна

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here