за

Како Тојота стана втора најпродавана марка во Европа

Во време кога забавува побарувачката за електрични автомобили, посветеноста на Тојота во хибридите и воведувањето нови и значајни модели, на компанијата ѝ донесе место погоре во европското рангирање.

Тојота Јарис Крос: Градскиот СУВ е посебно омилен меѓу европските возачки и возачи.

Тојота во последните две години без многу врева стана втора најпродавана марка во Европа. Јапонците ги престигнаа своите конкуренти со тоа што се посветија на хибридната технологија. За тоа време, сите вложуваа засилено во електричните автомобили. За триумфот придонесе и тоа што беа пуштени модели во некои од најпродаваните сегменти на континентот, што се покажаа мошне успешни.

Светскиот број 1 во минатата година продаде 828.484 автомобили во Европа. Тоа е за осум проценти повеќе од лани, но е помалку од 13 проценти колку што беше растот на целиот автомобилски пазар. Иако напредувањето на Тојота беше послабо од вкупниот раст на пазарот, марката задржа предимство од близу 100.000 возила пред Ауди, коишто се на третото место. Фолксваген остана таму каде што е со години, на првото место.

„Сé се врти околу хибридната технологија“, објаснува Фелипе Муњоз, глобален аналитичар во Јато Динамикс. „Тие почнаа со тоа пред повеќе од 20 години и тоа сега е најдобро решение за голем број купувачи, што не мораат да мислат на полначи, а сакаат и помалкју да плаќаат за гориво.“

Околу 70 проценти од продажбата на Тојота во Европа се „елеткрифицирани“, односно тоа се возила со хибриден, приклучен хибриден и целосно електричен погон. Во Западна Европа, близу 100 проценти од продажбата се електрифицирани возила.

Повеќето се хибриди. Според податоците на пазарните аналитичари од Датафорс, единствениот целосно електирен модел, би-зи-фор-крос, во 2023 година се продал во само 17.381 примероци. Понудата од приклучни хибриди лани беше сведена на СУВ-моделот РАВ4, а годинава се придружува купе-кросоверот Ц-ХР.

Хибридите се поевтини

Муњоз укажува на тоа дека трите бестселери на Тојота во Европа, урбаниот СУВ-модел Јарис Крос, градскиот модел Јарис и компактната лимузина Корола, посебно се барани во своите хибридни верзии.

Корола Комби е посебно барана како семејно возило, но и од такси компаниите, што внимаваат на издржливоста и на трошоците. Јарис и Јарис Крос се меѓу малкуте хибриди во своите сегменти. Тие нудат подобра ефикасност од конкурентите без хибриден погон, а во исто време се значително подостапни од целосно електричните модели.

„Хибридите дефинитивно се подостапни од електричните возила, и покрај напорите на производителите да развијат достапни електрични автомобили и да поттикнат државни субвенции“, кажува Муњоз. Том Фукс, шеф за продажба во Тојота Европа, кажа дека хибридите биле „важен дел од привлечноста на Тојота“.

„Во почетокот, тие беа ниш продукт“, пиша тој во е-писмо до Аутомотив Њуз Европа, повикувајќи се на првите генерации на Приус. „Кога Корола и Јарис ги опремивме со хибриди, тие за кусо време станаа нашиот најпродаван погон, бидејќи нудат предимство во потрошувачката на гориво, без да влијаат врз целото возачко искуство.“

Притисокот ќе расте

Тојота побавно ја ширеше својата понуда од електрични возила во Европа, во споредба со повеќето конкуренти. Компанијата ги исполнува строгите ограничувања за ЦО2 на ЕУ главно преку својата силна понуда од хибридни модели. Марката сепак има и богата понуда од разни видови погон, вклучувајќи приклучни хибриди, електрични возила (се продава и водородна Мираи), а се нудат и модели што немаат хибриден погон, како што е Ауго Крос, кажува Фукс.

„Точно е дека благодение на ХЕВ (целосен хибрид) во последните години бевме водечки во намалувањето на емисијата на ЦО2, но гледаме кон иднината“, вели Фукс. Тојота во 2026 година ќе нуди 15 модели без каква било емисија во Европа, вклучувајќи батериски и водородни електрични автомобил.

Бидејќи европските цели за емисијата засилено ќе се заоструваат во пресрет на забраната за продажба на возила со погон на фосилни горива по 2035 година, аналитичарите ценат дека Тојота ќе мора да ја зголеми својата продажба на целосно електрични возила, иако нејзините модели со приклучен хибриден погон се вбројуваат меѓу најчистите во таа категорија. „Преоѓањето на БЕВ-стратегија, за глобален производител на автомобили, што продава 11 милиони автомобили ширум светот, потешко е отколку за производител што е концентриран во Европа“, цени Ромен Жилет, главен аналитичар за погон во С и П Глобал во Париз.

„Јасно е дека тие порано или подоцна ќе почнат да забрзуват со воведувањето електрични автомобили во Европа“, вели Жилет. Тој сепак наведува дека Тојота и во 2025 година ќе може да ги исполни целите за емисија на ЦО2 на ЕУ со својата понуда од хибридни модели. Во бројни држави во Западна Европа, Јарис се нуди единствено во хибридна изведба, вклучувајќи ги најголемите пазари, Германија и Франција.

Ц-ХР и Јарис Крос ја качуваат продажбата

Од средината на 2010-те години, Тојота продава стотици илјади автомобили во најголемите пазарни сегменти во Европа. Ц-ХР, кросовер во стил на купе, постигна огромен успех од продажниот старт во 2017 година. Неговиот изглед противречи на претставата дека Тојота е конзервативна марка. Во 2023 година, во својата шеста година во вториот најголем пазар во Европа, Ц-ХР постигна преку 100.000 продажби – иако тоа беше последната година во нејзиниот моделски циклус.

Втората генерација на Ц-ХР е во продажба од јануари (од минатата недела и во Македонија), со повисоки продажни цели и првпат во верзија со приклучен хибриден погон. „Ц-ХР беше пресвртница за Тојота. Таа донесе нов дизајнерски говор во нашата понуда од модели и освојуваше најмногу од пазарот, од сите наши модели“, кажува Фукс.

Во сегментот на градските СУВ, којшто е најголем сегмент во Европа, Јарис Крос брзо се искачи на врвот. Со продадени 176.685 возила, тој е број 2 во минатата година и бестселер е на Тојота на европскиот пазар. „Јарис Крос значително придонесе за нашиот продажен успех“, кажува Фукс и го цени како „важен забрзувач на пазарот“.

Уште два нови модели, компактниот теренски модел Корола Крос и минито Ајго Крос, исто така се докажаа на пазарот. Корола Крос во 2023, во својата прва цела година на пазарот, се продаде во 31.541 примероци. Минито Ајго Крос е на најдобар пат да продолжи да ја зголемува продажбата, откако конкурентите Пежо и Ситроен се откажаа од сегментот. Со продадени 85.847 возила во минатата година, Ајго Крос држи чекор со моделот од претходната генерација, во сегментот што мирува.

Втората генерација на Тојота Ц-ХР се продава во Македонија од февруари, а напролет за првпат ќе биде достапна и во изведба со приклучен хибриден погон

Успех на бројни пазари

Тојота е успешна и на помалите пазари, главно во земјите што немаат сопствено автомобилски производство. Модели на Тојота се појавуват 48 пати во списокот на 10 најпродавани модели на 30 пазари во Европа, што ги следи Датафорс. Тоа е повеќе од која било друга марка. На петте најголеми пазари – Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија – Тојота сепак се појавува само четирипати во Топ 10.

„Нашата стратегија е да се погрижиме за сите клиенти, без оглед од каде доаѓаат тие“, кажува Фукс и додава дека тоа што Тојота нуди патнички и товарни возила ширум светот дозволува конкурентност „на највисоко ниво на сите пазари.“

Во подрачјето на делување на Тојота Европа спаѓаат 52 пазари, секако вклучувајќи го македонскиот. Според Фукс, Тојота на 14 пазари е меѓу трите најпродавани марки, а на шест пазари, Тојота е број 1. Вклучувајќи го македонскиот пазар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мерцедес прв, потоа останатите: Зошто е важно за краш-тестовите да има и женска кукла

tesla priemno oddelenie

Тесла заработи 9 милијарди долари од производители што немаат доволно ЕВ