за

Камиони со погон на водород ќе носат материјали до фабриките на Toyota

Холандската групација VDL ќе користи камиони со погон на водород во логистиката за потребите на Toyota во Европа. Техниката е позната од Mirai.

VDL Groep го пушти во промет првиот од низата камиони со погон на водород, што групацијата ќе ги користи во логистиката за производствениот и сервисниот синџир на Toyota ширум Европа.

Европскиот огранок на Toyota и групацијата VDL пролетоска ја објавија соработката, сега следат и првите резултати од истата. Првиот камион со погон на водород, којшто користи техника од Toyota, подготвен е за пилот-фазата. Големата слика е Toyota во целата своја логистика на континентот во иднина да користи превоз без емисија на СО2.

Првиот демо-камион ќе се користи за тестирање по јавни патишта и за усовршување на техниката. VDL Group подготвува уште четири камиони со погон на водород, што ќе се користат од четири компании во европската логистика на Toyota: VOS Transport Group, CEVA, Groupe CAT и Yusen.

Овие транспортни компании ќе ги користат камионите во секојдневните рути, по патиштата во Белгија (до Антверпен), Франција (Лил), Германија (Келн) и Холандија (Амстердам и Ротердам). На сите четири рути има барем по една станица на којшто може да се наточи водород.

Соработката ќе обезбеди сознанија за применливоста на камионите со водороден погон по јавните патишта. Истите ќе бидат корисни и за енергетската транзиција на Европа.

Пилот-фазата ќе трае 5 години и меѓу другото се очекува дека ќе поттикне помасовна изградба на мрежа од станици за точење водород ширум Европа.

Големата амбиција на Toyota е компанијата до 2040 година целосно да се ослободи од секаква емисија на СО2 во сите свои подрачја од делувањето, од производството до струјата во сервисите.

VDL Special Vehicles е дел од големата VDL Groep, семејна компанија со којашто во моментов раководи третото колено од фамилијата Ван дер Легте. VDL Groep вработува 16.000 лица и присутна е во 19 држави. Во групацијата се опфатени преку 100 компании. Во 2022 година, VDL Group оствари приход во висина од 5,7 милијарди евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Defender во издание точно како за рагби играчи

Нова маска и голем дисплеј за новото моделско годиште на Jeep Wrangler