за

Нова маска и голем дисплеј за новото моделско годиште на Jeep Wrangler

Некои од промените кај Jeep Wrangler во моделската 2024 година се очигледни, но има и промени што не се видливи, а менуваат нешта кај иконскиот теренец.

Новото моделско годиште на Jeep Wrangler доаѓа со нова маска, дополнет арсенал од безбедносни системи, воздушни завеси како стандард и радио со дисплеј од 12,3 инчи. Во поглед на моторите, хибридниот погон во Wrangler 4xe и натаму ќе биде најчест избор на купувачите.

На домашен терен, освеженото моделско годиште на Jeep Wrangler ја имаше својата премиера на салонот во Њујорк во април. Промените во надворешноста се повеќе од козметички вид. Теренскиот класичар доби нова маска, чијшто седум надолжни отвори се пониски од порано. Другата промена е невидлива: Антената за радиото е вградена во ветробранот. Има и нови дизајни за тркалата, за коишто може да се избира големина до 20 инчи. Новина во палетата од бои е „анвил“, сино-сива комбинација.

Арматурната табла е обложена со нови материјали што се меки на допир. Зависно од варијантата, тоа може да биде платно или полиуретан, во комбинација со штепови во контрастна боја.

Главната новина во кокпитот е средишниот дисплеј од 12,3 инчи, преку којшто се ракува со инфо-забавниот систем Uconnect 5, што се базира на оперативен систем андроид и го обновува софтверот Over-the-Air.

Новата задна оска ги унапредува теренските способности

За новиот Jeep Wrangler да се освежи и во најважното подрачје што се поврзува со култот зад овој автoмобил, американската марка работеше и на унапредување на теренските својства. Моделите Rubicon првпат располагаат со „пливачка“ задна оска 44 HD, производ на специјалистот Dana – тоа е решение со коешто самата оска е ослободена од тежината на каросеријата и од оптоварувањата при возењето и со тоа се избегнува опасноста од кршење при возење по најпредизвикувачки терен. Оската со овој начин на влежиштување е изложена единствено на оптоварувања од торзија. Со ова решение воедно се овозможува и вградување уште поголеми тркала, што носи предност на теренот.

На европскиот пазар ќе се дистрибуираат две моделски изведби: Sahara и Rubicon. Првите примероци се очекува да пристигнат во салоните во првата половина од следната година.

Како мошне корисна функција се прикажува Send&Go, дел од мобилната апликација на Jeep, со којашто претходно снимени возења може од телефонот да се пренесат директно во навигацијата на возилото.

Моделската изведба Sahara располага со збогатена опременост, којашто меѓу другото вклучува тркала од 18 инчи со нов дизајн, диодни светла, кожени седишта со електрично местење, греење на седиштата и на воланот, аудио систем Alpine, пристап и старт без клуч, задна камера и сензори напред и назад, странични цевни нагазници, систем за задржување во лента, предупредување за замор и камера за знаци.

Кај Rubicon во основа е исто нивото на опременост, со таа разлика што тука се става повеќе нагласок на теренската пробивност, со стандардна оска Dana 44 HD и ослободување на предниот стабилизатор.

Jeep Wrangler 4xe со приклучен хибриден погон се покажа како погонска изведба што е прифатена од заедницата на марката. Американците по 2030 година ќе продаваат единствено целосно електрични возила. Погонот на Wrangler 4xe се состои од турбо дволитарец, осумстепен автоматски менувач и два електромотори, во комбинација со 400-волтна батерија од 17 kWh. Системската моќност изнесува 380 КС, вртежниот момент достига 637 Nm. Со батеријата може да се изминат до 5 km во електричен режим.

Во новото моделско годиште, Wrangler 4xe располага со кутија со четири приклучоци со напон од 220 волти, што овозможува надворешни уреди да се напојуваат од батеријата на возилото.

Во Германија, Италија, Полска и Шпанија ќе биде достапна класична верзија со 2,0-литарски турбо бензинец, со 272 КС и 400 Nm, во комбинација со 8-степен автоматик.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Камиони со погон на водород ќе носат материјали до фабриките на Toyota

Германски министер ја поздравува акцијата на ЕУ против напливот од евтини електрични автомобили од Кина