за

Германски министер ја поздравува акцијата на ЕУ против напливот од евтини електрични автомобили од Кина

Европската Комисија во следните 13 месеци ќе утврдува дали да воведе дополнителни давачки над стандардната стапка од 10 проценти во ЕУ.

Во истрагата на ЕУ ќе бидат вклучени и електричните автомобили што западните производители на автомобили ги изработуваат во фабриките во Кина. Таков случај е Dacia Spring, еден од најпродаваните електрични автомобили во Европа, за чиешто субвенционирање се трошат пари од даночните обврзници ширум континентот.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек ја поздравува акцијата на Европската Унија против субвенциите за производителите со коишто Кина вештачки ја смалува цената на електричните автомобили произведени во тамошните фабрики.

Европската Комисија започна со истрага дали да се воведат казнени царини, со цел производителите на автомобили во ЕУ да се заштитат од увозот на евтини електрични возила од Кина. Нивната цена се намалува вештачки, со тоа што државата покрива дел од трошоците за производство на автомобили, коишто потоа со пониски цени им се нудат на европските граѓани.

„Се работи за конкуренција што не е фер, не се работи за тоа, ефикасните и евтини автомобили да се исфрлат од европскиот пазар“, вели Хабек.

Министерот кажа дека доколку истрагата на ЕУ докаже постоење на груби прекршувања на правилата на конкуренцијата, „секако дека ќе мора да преземеме чекори.“

Франција исто така ја поздрави истрагата. Француската министерка за Европа, Лоренс Бун, порача: „Нема да дозволиме пазарот да се преплави со претерано субвенционирани електрични автомобили што ги загрозуваат нашите компании, исто како што тоа се случи со соларните панели.“

Објавувајќи го почетокот на истрагата во средата, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, кажа: „Глобалните пазари сега се преллавени со поевтини електрични автомобили. Нивната цена вештачки се држи ниска, со помош на огромни државни субвенции.“

Комисијата има на располагање 13 месеци време, да за оцени дали да се воведат казнени царини, над стандардните 10 проценти царина во ЕУ за автомобили. Станува збор за најсериозниот случај што се поведува против Кина, откако истрагата на ЕУ пред една деценија, за кинеските соларни панели, доведе речиси до отпочнување на трговска војна.

Поништување на предимството на Кина

Европските производители на автомобили сфатија дека ќе мораат сами да се борат, за поевтино да ги произведуваат електричните автомобили и да ја поништат предноста на Кина во развојот на поевтини модели.

Кинеските производители на електрични автомобили, почнувајќи од пазарниот лидер BYD, преку MG и помалите ривали Xpeng и Nio, преземаат чекори за своето присуство да го прошират на светскиот пазар. Тоа е безусловно, додека во Кина расте домашната конкуренција, а пазарот притоа повеќе не расте како порано. Кинескиот извоз на автомобили во август порасна за 31 проценти.

Европската Комисија кажа дека кинескиот удел на електрични автомобили во продажбата во Европа се зголемил на 8 проценти. Се очекува тој удел до 2025 година да се зголеми на 15 проценти. Цените во споредба со моделите од европско производство обично се повисоки за околу 20 проценти.

Влијанието од поевтините електрични автомобили од Кина предизвика некои европски производители да преземат чекори. Renault во јули најави дека цели трошоците за производство на своите електрични модели да ги смали за 40 проценти.

Dacia Spring

Исто како и останатите производители на електрични автомобили, француската марка се соочува со голем притисок од Tesla. Американскиот ривал неколкупати во текот на годинава ги намалуваше цените, иако тоа водеше кон десеткување на заработката.

VW, BMW, Renault може да трпат последици

Германското здружение на производители на автомобили порача дека ЕУ мора да смета на можно возвраќање со соодветни противмерки од Кина. Здружението исто така порача дека вниманието мора да биде посветено на создавање услови, за европските играчи да можат да успеваат – вклучувајќи и смалување на цената на електричната енергија или намалување на бирократските пречки.

Германската автомобилска индустрија, вклучувајќи ги Volkswagen, BMW и Mercedes, во голема мера зависи од Кина, затоа што нивната продажба во земјата има висок удел во заработката и тие подолго време се залагаат за вратите да останат отворени за трговијата.

Истрагата за субвенциите ги вклучува батериските електрични автомобили од Кина, но и автомобилите од странските марки што се произведуваат во земјата, како што е случај со Tesla и со нивниот Model 3, но и со Dacia Spring, BMW iX3 и неколку модели на Volvo.

Кинеската трговска комора за ЕУ кажа дека е мошне загрижена и дека е против отпочнување на истрагата, како и дека предностите во автомобилскиот сектор не се потпираат само врз субвенциите. Таа побара, ЕУ објективно да ги гледа кинеските електрични возила.

Кинескиот производител Aiways прашува колку ќе се исплати истрагата на ЕУ. „Љубопитни сме за тоа, како можните истраги ќе влијаат врз странските производители што своите возила за светскиот пазар ги произведуваат во Кина“, изјави директорот за прекуокеанските пазари на Aiways, Александер Клозе.

„Покрај тоа, изненадени сме од тоа што постојано се бара, NEV (New Electric Vehicles, батериски електрични и приклучни хибридни автомобили н.з.) да бидат подостапни, за преоѓањето на електричната мобилност да биде попривлечно, а сега одненадеж се жалат дека возилата биле премногу евтини. Силно се залагаме за NEV да станат поевтини ширум светот, за Европа да остане силен производител и да не се случи автомобилската индустрија да тргне по истиот пат како што беше со индустријата на мобилни телефони.“

Според консултантската куќа AlixPartners, кинеските државни субвенции за електрични и хибридни возила доситигнале вредност од 57 милијарди долари во периодот од 2016 до 2022 година. Тоа помогнало за Кина да стане најголем производител на електрични автомобили во светот и да ја престигне Јапонија како најголем извозник на автомобили, во првиот квартал од 2023 година.

Кина лани ја прекина 11-годишната шема за масивно субвенционирање за купување електрични автомобили. Некои локални власти сепак продолжија да нудат помош или даночни повластици, со цел да привлечат инвестиции, исто како и субвенции за купувачите.

Основачот на Nio, во април предупреди дека кинеските производители на електрични автомобили ќе мора да се соочат со можноста дека странските држави ќе воведат протекционистичка политика. Тој цени дека неговата компанија и домашните конкуренти имаат ценовна предност од околу 20 проценти, над ривалите од ковот на Tesla, благодарение на контролата на Кина врз синџирот на набавки и врз суровините.

Кингсмил Бонд, директор на тимот за стратегии на институтот Роки Маунтин, кажа дека кинеските производители во 2022 година ја искористиле предноста од тоа што цената за батериите за електрични автомобили изнесувала 130 долари од киловатчас, наспроти светскиот просек од 151 долари по киловатчас.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Нова маска и голем дисплеј за новото моделско годиште на Jeep Wrangler

Porsche Panamera го добива последниот шлиф, премиерата во ноември