за

Porsche Panamera го добива последниот шлиф, премиерата во ноември

Неколку месеци пред премиерата, Porsche Panamera ги вози последните тест-километри во Шпанија, пред инженерите да потврдат дека сé e дотерано за стартот на новата генерација.

Главното внимание при развојот на третата генерација на „четиривратниот“ Porsche е поставено на погонската спрега, посебно на новиот менувач со двојна спојка PDK. Подвозјето исто така е нова конструкција и доаѓа со активна регулација на амортизерите.

Кусо пред премиерата, новата Porsche Panamera се наоѓа во завршните возења во коишто се дотеруваат уште финесите. Инженерските тимови во моментов тестираат во Барцелона и околината. Најголемиот дел од опсежните тестирања веќе одамна се завршени.

Спортскиот автомобил со четири врати возеше на четири континенти. Прототипите од третата генерација возеа во САД, каде што на пример се тестираа перформансите на погонот на голема висина, каде што е ниска содржината на кислород и тоа влијае врз моќноста, посебно кај турбомоторите. Затоа и се вршат тестирањата, за електронската интелигенција на моторот да спречи намалување на моќноста во такви услови.

Секако дека меѓу основните тестирања спаѓа и проверка на работата на системот за ладење на моторот и на клима уредот при исклучително високи темпеатури.

Во Скандинавија се возеше во услови на екстремен студ, предизвикот во Јужна Африка беше да се вози по тамошните „патишта“, додека главното измачување за техниката на Porsche во Азија беше изложеноста на висока влажност на воздухот и часови поминати во појди-запри сообраќај во тамошните мегалополиси.

„Секое ново возило го испробуваме интензивно, за да се исполнат нашите барања, и секако, барањата на нашите клиенти ширум светот“, порачува шефот за тестирање Марсел Хенеман. „Мерило секогаш се развојните цели што се поставени во бараните спецификации. Новата Panamera мора тука и сега да брилјира особено во поглед на перформансите, комфорот и акустиката.“

Новата Porsche Panamera ќе биде достапна во четири изведби E-Hybrid

За оптималните перформанси на моделите на Porsche, прв услов се моќните мотори. „Откако во втората генерација на Panamera веќе имавме понудено во продажба три E-Hybrid, во новата Panamera дополнително ќе нудиме четврти модел со приклучен хибриден погон. На тој начин излегуваме во пресрет на огромната побарувачка од нашите клиенти. Во некои држави, уделот на E-Hybrid кај Panamera достигнува речиси 100 проценти“, најавува др. Томас Фримут, директор за моделската серија Panamera.

За новата хибридна варијанта, директорот кажува дека тоа ќе биде изведба со високи перформанси, што значи дека гамата се збогатува угоре. „Ги качуваме перформансите на Panamera во сите модели E-Hybrid во поглед на возната диунамика и во важните дисциплини на електричен досег и брзо полнење,“ додава Фримут.

При нашите тестирања со новиот автомобил во чисто електричен режим возиме до 70 проценти подалеку отколку со претходникот
Др. Томас Фримут, директор за моделската серија Porsche Panamera

Сите четири хибриди од новата Panamera добиваат нов, посилен електромотор, што сега целосно е интегриран во ѕвоното на новиот менувач со двојна спојка. Тежината е смалена, погонската моќност и рекуперацијата се зголемени. Високонапонската батерија е со капацитет од 25,9 kWh. Во возилото е вграден сопствен полнач со моќност од 11 kW.

Иновации во пневматската амортизација

Со доплата, во новата Panamera ќе се нуди High-End-подвозје со активна регулација на амортизерите и широк избор од дополнителни функции. Томас Фримут е среќен со тоа што е постигнато со подвозјето: „Со активното подвозје поставуваме нови мерила. Тоа добро го почувствувавме во секој метар од тестирањето – највисок комфор на калдрмата по пристаништето во Барцелона, а во исто време највисока динамика и агилност на кривулестите споредни патишта во околината. Распон што е невиден досега“.

Стандард во новата Panamera ќе биде полуактивно подвозје со нови амортизери со два вентили. Елеткрониката може одделно да ги регулира работниот и повратниот степен. На тој начин се зголемува распонот меѓу комфорно и спортско подвозје.

Светската премиера ќе се одржи за време на „Иконите“ на фестивалот на Porsche што на 24-ти ноември 2023 година ќе се одржи во Дубаи.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германски министер ја поздравува акцијата на ЕУ против напливот од евтини електрични автомобили од Кина

Производителот на Haval извезе рекорден број возила во август