за

Производителот на Haval извезе рекорден број возила во август

Од вкупно 114.096 продадени возила, Great Wall Motor во август извезе 30.741 возило, односно едно од секои четири возила е продадено надвор од Кина.

Haval H6, модел од марката премиум СУВ-возила на Great Wall покрај Great Wall, Големиот Ѕид

Како компанија во приватна сопственост, Great Wall Motor не влегува во шемата со субвенционирањето на производството на автомобили од страна на кинеската држава, за автомобилите поевтино да се пласираат на странските пазари, па затоа и производителот не се спомнува деновиве во Стазбур. GWM сепак успева да се пробие на светскиот пазар и без субвенциите. Марката Haval е добро позната и на македонскиот пазар.

Great Wall Motor, осми најголем производител на автомобили во Кина, најмногу познат по марката Haval, пријави рекорден извоз во август. Едно од секои четири продадени возила во земјата во минатиот месец било испорачано за извоз.

Од вкупно продадени 114.096 возила, за извоз заминале 30.741 возило или 27 проценти од продажбата. Тоа е двојно повеќе од истиот месец лани. Добро напредува и продажбата на батериски електрични и приклучни хибридни автомобили, коишто во Кина се водат како NEV (new energy vehicle). Од нив се продадени 26.301 возило или за близу 120 проценти повеќе од лани.

Одличните резултати произлегуваат меѓу другото од потпишаниот договор за дистрибуција со Inchcape Group, еден од најголемите дистрибутери на возила во светски рамки. Таа соработка донесе голем раст во продажбата во Узбекистан.

Great Wall Motor (GWM) се шири на сите страни на светот, вклучувајќи го и мексиканскиот пазар, каде што неодамна започна продажбата на возила од четирите марки на компанијата. Робусниот теренец GWM Tank 500 наиде на одлична прифатеност на Средниот Исток и тоа има голем удел за зголемувањето на извозот.

Пријатно изненадување е веста дека Great Wall Motor во август беше најпродавана марка од Кина на пазарот во Јужна Африка. GWM е воедно меѓу десетте водечки производители на автомобили на пазарот што се вбројува меѓу најзначајните на африканскиот континент.

Продажбата на возила со електрифицирана погонска спрега напредуваше посебно на европскиот и јужноамериканскиот пазар, како и во југоисточна Азија.

Одлично за имиџот на GWM е отворањето ново дилерство во Шведска. Во Германија, марката Ora, којашто нуди само батериски електрични возила, во август продаде 2.211 возила. Големо уверување во зрелоста во проектирањето на возилата даде и резулатот од краш-тестот на Euro NCAP со електричниот модел Ora Funky Cat, којшто освои максимални пет ѕвезди. Згора на тоа, овој модел имаше најдобри резултати за безбедноста од сите тестирани модели од класата на градските автомобили.

Во регионот на Јужна Америка, GWM ја задржа позицијата на водечки кинески производител на автомобили во Чиле, во периодот од јануари до август.

Во Бразил, кинескиот прозиводител ја прошири својата мрежа на вкупно 50 салони. Планот за следната година е почеток на производство на хибриден модел во првото полугодие. Моментно во продажба се HAVAL H6 во изведба со класичен хибриден и приклучен хибриден погон и HAVAL H6 GT со приклучен хибрид, како спортски модел за латинскиот пазар. Во периодот од мај до јули, Haval H6 е најпродаван модел со електрифициран погон во Бразил, со удел во вкупната продажба во сегментот од преку 10 проценти.

Проширувањето на присуството на пазарите во југоисточна Азија доведе до почеток на продажбата во Сингапур и Индонезија. На 2-ри август, GWM го одбележа почетокот на продажбата во Виетнам. Со тоа е заокружено јадрото на тој регионален пазар.

Македонскиот увозник Толту неодамна ги објави цените за првите хибридни модели во својата понуда, коишто се достапни во гамата на Haval H6 и Jolion. Увозникот најави дека првите примероци со хибриден погон ќе пристигнат наесен.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche Panamera го добива последниот шлиф, премиерата во ноември

Работниците во американските фабрики за автомобили во масовен штрајк