Преговорите беа прекинати во завршната фаза, иако производителите на автомобили понудија рекордно зголемување на платите до 20 проценти.
Со масовност којашто ќе биде забележана во историјата, близу 13.000 работници во трите големи производители за автомобили, во петокот започнаа штрајк против „Големата тројка од Детроит“. Претседателот на синдикатот на работниците во автомобилската индустрија Шон Фејн го опишува чинот како „борба за правда“ против богатите, со цел да се постигнат повисоки плати и да се обезбедат придобивки за работничката класа.
Во 88-годишната историја на UAW (United Auto Workers) се нема случено во исто време да се излезе на штрајк против Ford Motor Co., General Motors и Chrysler, којшто сега е дел од концернот Stellantis.
Синдикатот планира периодите на прекинување со работата да ги прошири и во дополнителни часови, за на тој начин да го зголеми притисокот врз производителите на автомобили. Тоа е нова тактика којашто Фејн ја нарекува „стенд-ап штрајк“ и потсеќа на штрајковите со седење во раните години на Синдикатот.
Прекинувањето со работа ќе го запре производството на профитабилни модели за коишто има висока побарувачка, како што се Ford Bronco, Jeep Wrangler и Chevrolet Colorado. Според експертите, тоа може во следните недели да доведе до тешки последици по добавувачите, дилерите и врз пошироката економија, доколку не се постигне договор. Првите фабрики во коишто Синдикатот ќе отпочне со штрајк се во Мичиген, Охајо и Мисури.
Workers walk out at midnight to cheers, hugs, and hollers of jubilation. #StandUp pic.twitter.com/dSUx4nyEZq
— Luis Feliz Leon (@Lfelizleon) September 15, 2023
Преговорите запреа во завршните часови, и покрај тоа што производителите на автомобили во преговорите ги зголемија своите предлози на рекордно ниво, вклучувајќи и зголемување на платите до 20 проценти. Извршниот директор на Ford, Џим Фарли, во четвртокот низ фрустрација се пожали дека од Синдикатот не преземале ништо и само чекале да измине крајниот рок на една минута пред полноќ. Синдикатот одбил да ги продолжи договорите на четири години што биле потпишани во 2019 година, што се случувало и многупати досега.
ЦЕЛИТЕ НА ШТРАЈКОТ
Фабриките што ќе бидат опфатени во првиот круг од планираниот „стенд-ап штрајк“ на Фејн се:
- Фабриката на GM во Вентсвил, каде што се произведуваат пикапите Chevrolet Colorado GMC Canyon, како и вановите Chevrolet Express и GMC Savana.
- Фабриката на Ford во Детроит (запад), каде што се произведуваат Bronco и Ranger.
- Комплексот на Stellantis во Охајо, каде што се произведуваат Jeep Gladiator и Wrangler.
Трите фабрики вработуваат околу 13.000 работници што се исплаќаат по час, што претставува околу 9 проценти од членовите на UAW од фабриките на „големата тројка“ од Детроит
Мајкл Хадлстон, 35-годишен привремен работник во фабриката на GM во Мичиген, кажува дека му е важно да присуствува на штрајкот. „Заработувам 17,67 долари на час. Со тоа тешко се живее.“ Тој одвај може да си дозволи да ги отплаќа ратите за својот пикап Chevy. „Барам тие да се погрижат за нас“, кажува Хадлстон, „Луѓето во McDonald’s добиваат повеќе од тоа што ние го добиваме во моментов.“
Фејн негира дека синдикатот не преговарал сериозно со компаниите. „Тие чекаа до последната недела за да преговараат“, кажува Фејн. „Треба да се срамат од тоа, а тоа што го кажуваат е целосна бесмислица.“
The UAW Stand Up Strike begins at all three of the Big Three.#StandUp pic.twitter.com/WsUdPt0or5
— UAW (@UAW) September 15, 2023
GM излезе со соопштение дека добиле официјален допис од синдикатот, за почнатиот штрајк во фабриката во Вентсвил. Џералд Џонсон, потпретседател за производство и одржливост на GM, во видеото што беше објавено веднаш по полноќ, кажува: „Нашите тимови од двете страни работеа и ќе продолжат да работат напорно, за да осигураат дека можеме да најдеме решение. Нашата цел е истата: Очекуваме фер договор којшто ќе ги награди и членовите на тимот, но исто и ќе ја заштити иднината на нашата компанија.“
Бриџет Мејлинк, којашто работи 10 години во фабриката за Jeep во Толедо, во производството на Wrangler, предводи група штрајкувачи: „Подготвени сме да направиме сé што е потребно за да добиеме фер плата, добри услови за работа, како и да се обидеме да вратиме дел од тоа што го изгубивме во 2008“.
Членовите на синдикатот по осмиот ден од штрајкот имаат право на 500 долари неделно, сума што ќе се исплатува од фондот на за штрајк на синдикатот, којшпто изнесува 825 милиони долари.