за

Акио Тојода унапреден во претседател на управата на Toyota

Коиџи Сато е новиот извршен директор на Toyota, додека Акио Тојода, внук на основачот на компанијата, унапреден е на местото на претседател на упавниот одбор.

Toyota го избра Коиџи Сато, шефот на Lexus и на тркачкиот огранок Gazoo Racing, за нов претседател и извршен директор на производителот на автомобили. Досегашниот шеф Акио Тојота, внук на основачот на компанијата, преоѓа на највисоката позиција во Toyota Motor. Промените стапуваат на сила на 1-ви април, со почетокот на новата деловна година.

Како дел од промените, сегашниот претседател на управниот одбор, Такаши Ушијамада, познат како татко на Prius и заслужен за развојот на историски пресудниот автомобил со хибриден погон, го напушта претседателското место, но задржува место во одборот.

Реорганизацијата е одговор на долготрајното прашање околу наследникот на Тојода, кој ја презеде функцијата во 2009 година и раководеше во периодот на големи предизвици и на експанзија на компаијата. Акио Тојода се соочуваше со надминување на финансиската криза во 2009 година, со глобалниот сервисен повик на возилата на Toyota, како и со последиците од земјотресот во Јапонија во 2011 година.

Под раководство на Тојода, компанијата ги надмина сите предизвици и постигна рекордна продажба и рекоддна заработка. Со тоа, јапоноскиот производител ја зацврсти својата позиција како најголем производител на автомобили во светот.

„Верувам дека во последните 13 години, изградив цврста основа за да можам да ја препуштам палката“, изјави Тојода во кусиот онлајн-брифинг во четвртокот. За новиот управувачки тим, Тојода вели дека „има мисија да ја претвори Toyota во компанија за мобилност“.

Коиџи Сато

Шеесет и шестгодишниот Тојода, има богата соработка со Сато (53), во неговите улоги како шеф на премиум марката Lexus и како лидер на Gazoo Racing, одделението што е како милениче на претседателот во заминување.

Кои се предизвиците што го очекуваат Сато во Toyota

Предизвиците за Сато се да ја насочи индустријата во ерата на електрификацијата, кон автономното возење и коменективноста. Сато го презема кормилото во време кога Toyota е под напади дека заостанува во глобалната трка со електричните возила. Тој има задача да ги надмине старите предрасуди за Toyota, со тоа што ќе развива автомобили што се забавни за возење и стилски.

Сато мора да зацрта правец по којшто компанијата ќе се движи во насока на иднина без емисија на СО2, додека во исто време прави баланс меѓу потребите на широкиот пазар на марката и спротивствување на новите ривали од Силиконската долина, Кина и од други страни.

Новиот шеф треба компанијата да ја постави одново, да ја подготви за новата ера, додека ја задржува сета корпоративна култура што долго време е тајна на успехот на Toyota.

Тојода е внук на Кичидо Тојода, основачот на компанијата и син на Шоичиро Тојода, претседател на компанијата до 1992 година. Преоѓањето на Тојода во управниот одбор, во улога на негов претседател, претставува прво предавање на дневните активности на компанијата, на менаџер што не припаѓа на семејството, по една декада.

Акио Тојода го презеде раководењето со компанијата што го носи неговото семејно презиме во период кога Toyota првпат забележа губиток по 70 години, како последица од глобалната финансиска криза.

Тој веднаш потоа се соочи со следниот предизвик, кога во 2010 година компанијата мораше масовно да ги повлекува своите модели ширум светот, поради наводното самостојно забрзување на возилата на Toyota. Во 2011 година, трикратна катастрофа – прво земјотрес, потоа цунами, па топење на јадрото во атомските централи – ја урна целата јапонска индустрија и Toyota се најде во улога да се бори за враќање на својата моќ.

Шефот реагираше на тој начин, што брзата експанзија ја стави во „намерна пауза“, за да го подигне квалитетот и да ги подобри своите автомобили. Со забавувањето на експанзиајта, Toyota брзо се врати на старата патека и постигна нови рекорди во заработката, продажбата и имиџот на компанијата.

Новиот шеф Сато е дипломиран машински инженер на престижниот Универзитет Васеда, и работи за Toyota од 1992 година. Тој беше назначен за главен инженер во Lexus International Co., каде што раководеше со развојот на моделите, вклучувајќи го престижното и елегантно купе Lexus LC.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW M3 CS со повеќе коњски сили и помалку килограми

Suzuki вложува 32 милијарди евра во електрификација до 2030 година