за

BMW M3 CS со повеќе коњски сили и помалку килограми

По јубилејната година и по славеничкиот модел XM, BMW M GmbH продолжува со специјални модели и во 2023. Важната новина е BMW M3 CS.

Кога Баварците ги додаваат буквите CS кај своите модели, тоа значи дека сé што прави едно BMW да биде BMW, тука е изразено уште повеќе. BMW M3 CS има карбон во каросеријата, екстра КС, посебно дотерување на подвозјето и неколку стилски обележја.

Погонската спрега на новиот BMW M3 CS ја сочинуваат шестцилиндарец со 550 КС, автоматски 8-степен M Steptronic и интелигентен погон на сите тркала M xDrive. Оваа комбинација сервира спринт до темпо сто за 3,4 секунди. Производството ќе започне во март, во строго ограничена серија, во Минхен. Испораката стартува уште истиот месец. Главните пазари се САД, Германија, Велика Британија и Јапонија.

Во моторот се направени зафати, коишто главно се темелат врз искуството на BMW во мотоспортот. Блокот на моторот, на пример, изведен e во т.н. Closed-Deck-конструција. Разликата е во тоа што каналите за ладење што преоѓаат од блокот кон главата на моторот, кај оваа констуркција се неколкупати помали. Тоа му дава исклучителна цврстина на блокот и издржливост под високите притисоци при согорувањето.

Друг зафат се лесните цилиндерски кошулки, коишто се обложени со слој железо, нанесен по пат на електролачна постапка (приближно 4.000 оC). Коленастото вратило исто се одликува со врвна отпорност на торзија. Понатаму, јадрото на главата на моторот е изработено во 3D-печат, со цел да се изведат најкомплицирани канали за ладење. Подмачкувањето и ладењето се проектирани како за тркачки автомобил.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by BMW M GmbH (@bmwm)

Моторот е конципиран за високи вртежи – максимално 7.200/min – и во споредба со погонот во BMW M3 Competition со M xDrive, моќноста е зголемена за 40 КС, на 550 КС. Тоа зголемување се овозможува преку претходно спомнатите мерки, а постигнато е преку зголемување на притисокот на натполнење од 1,7 на 2,1 бар. Соодветно е нагодена и електрониката.

Од место до темпо 200 минуваат 11,1 секунди. Меѓузабрзувањето од 80 до 120 km/h трае 2,6 секунди (4-ти степен) односно 3,3 секунди (5-ти степен). Пакетот M Driver е стандард, тоа значи дека крајната брзина е лимитирана подоцна, на 302 km/h.

Во стандардната опременост на специјалниот модел спаѓаат и сопирачки M Compound, со клешти во црвена или црна боја. Опција е M карбон-керамички сопирачки, со клешти во златна или црвена боја. Кованите тркала имаат ексклузивен дизајн со краци во V, во златно-бронзена боја. По желба, тркалата може да бидат црни. Предните тркала имаат пречник 19, задните 10 инчи, со специјално наменети тркачки гуми за CS, со димензија 275/35 ZR19 напред и 285/30 ZR20 назад. По желба, CS излегува од фабрика со гуми за нормална примена.

Со дополнителните коњски сили под хаубата, одат мерки за одземање на килограмите. Освен за покривот на BMW M3 CS, карбонот се користи и за хаубата, предниот сплитер, отворите за воздух, капите на ретровизорите, задниот дифузор и задниот спојлер. Внатре исто така има карбон: Средишна конзола, рачки за менувачот зад волан, украсни лајсни. Карбонските школкасти седишта се стандард.

Издувниот систем користи издувен лонец од легура на титаниум, што одзема уште 4 килограми. Вкупната разлика со BMW M3 Competition Limousine со M xDrive изнесува околу 20 килограми.

Ценовникот во Германија наведува 146.000 евра за специјалниот модел.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хибридниот Citroen C5 Aircross сега и во основна верзија со 180 КС

Акио Тојода унапреден во претседател на управата на Toyota