Меѓу првите чекори од почетокот на годината, Citroen додава во својата понуда уште една моделска изведба со електрoмотор во погонот. Станува збор за C5 Aircross Hybrid 180, втора моделска изведба со приклучен хибриден погон, покрај Hybrid 225.
Системската моќност изнесува 180 КС, во случај кога електромоторот и бензинецот од 1,6 литар испорачуваат најмногу што е можно при заедничка работа, кога возачот бара максимална моќност. Исто како во посилниот модел, менувачот е класичен 8-степен автоматик со претворач на вртежен момент, кој досега има добивано одлични оцени.
Македонскиот увозник Автонова веќе ги објави и цените за новата моделска изведба. Во нивото Feel Pack, хибридна верзијата на големиот Aircross со 180 КС, чини 46.990 евра, односно илјада евра помалку со промотивнатa цена. Разликата со моделот со 225 КС изнесува точно 2.000 евра. Може да се посегне и по врвно опремената изведба Shine, за којашто соодветно се доплаќа 2.000 евра над нивото Feel Pack.
Моторот од 1,6 литар испорачува максимално 150 КС, значи 30 КС помалку од неговата верзија во C5 Aircross Hybrid 225. Вртежниот момент е идентичен, 300 Nm при 3.000 вртежи. Кај електромоторот исто така нема разлики, во двете верзии работи електромотор со 81 kW (110 КС) и 320 Nm, вграден во куќиштето на менувачот. Смислата со намалената моќност е во тоа што осигурителната премија е пониска (тоа е важна и скапа ставка при регистрирањето во повеќето земји во ЕУ). Исто и компаниите во странство што го регистрираат хибридниот C5 Aircross плаќаат пониски даноци за возилото.
Има предност и во секојдневието. Потрошувачката на електрична енергија е пониска. Додека „225“ троши 16,5 kWh на сто километри, новата верзија поминува со 15,9 kWh. Капацитетот на батеријата, сепак е помал (14,2 наспроти 12,4 kW), така што посилната верзија пак минува повеќе километри во чисто електричен режим (66 место 57 километри).
А, дизелот беше толку „природен“ на тестот на C5 Aircross…
Полнењето на батеријата на C5 Aircross Hybrid може да се врши преку обична приклучна кутија, на ѕиден полнач или на јавен полнач. Преку апликацијата My Citroën може да се провери колку батеријата е наполнета во меѓувреме и колку е досегот со таа енергија. Исто може и да се програмира климатизацијата во кабината.