Јапонската корпорација Suzuki ги објави плановите според коишто ќе се одвива развојот до 2030 година. Главното внимание и натаму се поставува врз познатото начело на марката, да се понуди најголемата можна противвредност, односно најмногу возило за парите. Новината е во тоа што електричните возила забрзано ќе се појавуваат во понудата на Suzuki, во автомобилите и во мотоциклите. Бизнисот со вонбродски мотори исто така се префрлува на струја.
При вложувањето на 32-те милијарди евра до 2030 година, Suzuki ќе се раководи според принципот на производство Sho-Sho-Kei-Tan-Bi, којшто се состои од првите слогови на јапонските зборови за помало, поретко, полесно, покусо, убаво. На ова правило следи и правилото на „Lean Management“, односно организирање на производството со минимално чување залиха од суровини. Целиот систем се заокружува со третото правило, што во Suzuki го нарекуваат „Three Actuals“, за постапување соодветно според земјата или регионот, според ситуацијата и според производот.
Suzuki и натаму им се посветува на трите главни региони, односно на Јапонија, Европа и Индија. За секој регион ќе се развиваат возила какви што бараат клиентите во тие региони. Паралелно ќе се освојуваат нови пазари, главно Африка и Југоисточна Азија, вклучувајќи ги Тајланд, Сингапур и уште бројни држави.
На домашниот пазар, Јапонија, Suzuki годинава стартува со малечко доставно возило со целосно електричен погон. Следен чекор е компактен СУВ, како и малечки градски возила. Вкупно 6 модели до 2030 година за јапонскиот пазар. Во исто време, ќе се равива нов хибриден погон за малечките и компактните модели, паралелно со моделите со батериски електричен погон.
Во Европа, престојат 5 нови батериски електрични модели до 2030 година. Првиот целосно електричен модел е планиран за 2024 година, но не се открива повеќе околу истиот. Претпоставка е дека тоа би можело да биде кросовер во компакт класата. СУВ-моделот на струја што беше најавен во почетокот на месецов со студијата eVX од салонот во Делхи, на ред е во 2025 година. По него ќе следи чисто електричен модел од Б-сегментот, веројатно верзија на новиот Swift.
Во Индија исто така има планови за електричен погон. СУВ-моделот со чисто електричен погон што беше најавен на Ауто Експо во Делхи, стартува во сериската изведба веќе во 2024 година. До завршетокот на деценијата, планирани се вкупно 6 модели за растечкиот индиски пазар. Покрај батериски електрични возила, Suzuki во Индија ќе лансира и модели со штедливи и чисти мотори со внатрешно согорување, што користат метан, биотас или етанол.
Голема новина е најавата дека во 2024 година ќе биде претставен мотоцикл на Suzuki со чисто електричен погон. Од осумте нови модели планирани до 2030 година, два ќе бидат електрични модели. Погонот на струја ќе биде наменет за моделите за градско користење и за модели од средна класа. За големите мотоцикли се размислува за користење синтетско гориво.
Корисниците на мали вонбродски мотори, што обично се користат на реки или езера, исто така ќе имаат на избор електричен погон, од 2024 година.
Како и целата бранша, Suzuki работи на целосно избегнување на емисиајта на СО2 од своите фабрики. Во Јапонија, фабриките ќе бидат неутрални во поглед не емисијата на стакленички гасови веќе до 2035 година.
Toyota останува стратешки партнер во настапот на различни региони ширум светот, меѓутоа како што се наведува во соопштението „во исто време ќе останеме и конкуренти“.
Од вкупно планираниот буџет до 2030 година, над 14 милијарди евра се наменети за електрификација и техника за автономно возење, со четвртина од сумата наменета за вложување во батерии. Преостанатите близу 18 милијарди евра одат во корист на инфрастуктурата, вклучувајќи фабрика за батерии и енергија од обновливи извори.