за

Тоа што Tesla го нема: Mercedes прв доби дозвола за својот автопилот во САД

Mercedes-Benz е прв производител на автомобили во светот со сертификат за својот автопилот од 3-то ниво во САД.

Системот Drive Pilot на Mercedes‑Benz е одобрен да се користи за високо автоматизирано возење според 3-то ниво во американската сојузна држава Невада.

Купувачите на Mercedes S-Class и на нејзиниот електричен пандан EQS, што очекуваат возилата да им бидат испорачани во втората половина од годината и имаат нарачано систем Drive Pilot, ќе можат комотно да го пуштат својот автомобил да вози сам. Во САД, тоа засега е дозволено само во сојузната држава Невада.

Drive Pilot е единствен систем за автономно возење според 3-то ниво, што е зрел за сериско производство. Системот е дозволен да се користи на автопатиштата во САД. Доколку се исполнети одредени услови, контролата врз возилото му се препушта целосно на автопилотот. Планот е системот уште во текот на годинава да се понуди и во Калифорнија, за што се чека одобрение од властите.

„Времето е меѓу најскапите добра во модерниот свет. Затоа, клучен елемент на нашата стратегија да бидеме производител на најценетите автомобили во светот, е на клиентите да им го вратиме времето. Drive Pilot нé носи голем чекор понапред кон таа цел и претставува уште еден доказ дека иновациите и пионерскиот дух се дел од нашиот генетски запис. Сертификатот во Невада е почеток на воведувањето на светскиот пазар и со тоа е почеток на новата ера во автоматизираното возење“, објаснува Маркус Шефер, прв човек за техника, технологија и набавки во Mercedes‑Benz Group AG.

Drive Pilot во моментов е дозволен да се користи во Германија до брзини од 60 km/h, односно до 40 милји на час во САД. Со системот се ракува преку командите што се поставени на обрачот на воланот, лево и десно над површините на коишто се потпираат палците. Кога системот ќе препознае дека постојат услови, на возачот му соооштува дека може да го вклучи автопилотот.

По вклучувањето, системот ги регулира брзината, растојанието, го следи и патот. Во исто време, се следат случувањата на патот и се читаат сообраќајните знаци. При ненадејна ситуација, системот реагира со избегнување на пречката, при што возилото ја обиколува пречката, без да се напушта лентата, и по потреба сопира.

New item by Automedia MK / Google Photos

Два дополнителни сензори, покрај бројните сензори за останатите системи за асистенција, пресудни се за автономното возење. Тоа се ЛиДАР, заедно со микрофони и камера во задното стакло (регистрира возило на итна служба), како и сензор за влажност во поткрилата. Системот е изведен двојно заради сигурност.

При пречка во системот, возачот може целосно да ја преземе контролата. Доколку при предупредување од системот, возачот не реагира и не ја преземе контролата, системот го пренасочува возилото во помошна лента, ги вклучува сите трепкачи и јавува телефонски до службата за итна помош.

New item by Automedia MK / Google Photos

Позицијата на возилото се одредува со висок степен на прецизност, многу попрецизно отколку со обичните GPS-системи. Прецизноста се мери во сантиметри, место во метри. Покрај лидар, камера, радар и ултразвучни сензори, системот користи дигитална карта со висока резолуција, со тридименионален приказ на средината.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki вложува 32 милијарди евра во електрификација до 2030 година

Производството на автомобили во Британија на ниво како во 1956 година