Глобалниот недостиг од микрочипови и затворањето на големите фабрики доведоа до тоа, 2022 да биде најлоша година за производството на автомобили во Обединетото Кралство во последните близу седум децении.
Продукцијата падна за 9,8 проценти, на 775.000 автомобили, што е најслаб резултат по 1956 година и далеку е од нивото што фабриките за автомобили го постигнуваа во земјата пред пандемијата.
Здружението на производители предвидува продукцијата во 2023 година да достигне 842.200 возила, благодарение на попуштањето на тесното грло во снабдувањето со компоненти. Новиот оптимизам се темели и врз подготовките на фабриките на Stellantis и Nissan да почнат со производство на електрични возила.
Обединетото Кралство сепак заостанува зад останатите земји што произведуваат возила, вклучувајќи ја Германија, којашто лани веќе постигна раст во продукцијата.
„Зошто сме паднати толку ниско? Главната причина за тоа е недоволната испорака на компоненти од добавувачите, но Обединетото Кралство е повеќе погодено од кој било од нашите конкуренти, поради тоа што имаме некои структурни промени“, објаснува Мајк Хјуз, претседател на Здружението на производители на автомобили.
BMW во октомври најави дека производството на електричната изведба на Mini со три врати ќе ја пресели од Обединетото Кралство во Кина. Honda ја затвори својата фабрика во Свиндон, во којашто се произведуваше верзијата на Civic со пет врати до средината на 2021 година.
Stellantis исто така го запре производството на Vauxhalls во фабриката во Елсмер Порт. Тука сепак е различна ситуацијата, затоа што фабриката се подготвува да се префрли на производство на електрични доставни возила.
Единствена светла точка се електричните возила. Нивната продукција се зголеми за 5 проценти. Вредноста на извезените целосно електрични, приклучни хибридни и хибридни модели зголемена е седумпати во споредба со 2017 година, на повеќе од 10 милијарди фунти.
Луксузната марка Bentley, во сопственост на групацијата Volkswagen, вложува 2,5 милијарди фунти во следната декада, за своите модели да ги префрли на електричен погон и да ја модернизира фабриката во Кру.
Nissan најави дека ќе произведува електрични автомобили во фабриката во Сандерленд, којашто ќе вработува 1.650 лица.
Десетте најизвезувани модели од британска продукција
Големите надежи дека земјата ќе се избори за место повисоко во глобалната трка и ќе постигне независност во зелената технологија, пропаднаа месецов, со гаснењето на Britishvolt, планираната голема фабрика за батерии.
Уште една закана по производството во Обединетото Кралство се 370-те милијарди долари, со коишто САД ќе ги субвенционираат производителите на електрични автомобили и батерии, што ќе изградат фабрики таму.