за

Alfa Romeo подготвува голема електрична лимузина за Америка

Alfa Romeo ќе им даде спортска нота на идните електрични модели во понудата на марката. Посебно за САД се развива голема лимузина.

Миланската марка развива нов престижен модел од рангот на некогашната Alfa 166, со којшто ќе го зголеми својот пазар во САД. Тоа го најави шефот Жан Филип Импарато, додека ги претставуваше техничките поединости за идната понуда од електрични возила на спортската италијанска марка.

При лансирањето на компактниот СУВ-модел Tonale во Јапонија, извршниот директор на Alfa Romeo, Жан Филио Импарато, изјави за медиумите дека италијанската марка „мора да учествува во Е-сегментот во Северна Америка“. Тој додаде дека развојот на моделот веќе е во тек.

Понудата од модели со традиционалната каросериска форма на Alfa Romeo на пазарот во САД завршува со лимузината од Д-сегментот Giulia.

За да се зголеми продажбата во регионот, на Alfa Romeo ѝ е потребно нешто поголемо и со целосно електричен погон. Импарато посочи дека новиот модел ќе придонесе за Alfa Romeo да ја постигне целта што тој ја постави за 2030 годниа, за 40% од светската продажба на марката да се постигнува на пазарите надвор од Европа. Во 2021 година, тој удел изнесуваше само 18 проценти.

Јапонското деби на Tonale со благ хибриден погон е дел од офанзивата за освојување нов пазари. Компактниот СУВ лани стартуваше со продажба во Европа, додека првите примероци од Tonale на пазарот во САД ќе пристигнат во вториот квартал од годинава.

Паралелно со освојувањето нови пазари ширум светот и со развојот на модели што се наменети точно за одредени региони, Alfa Romeo има цел до 2027 година да стане целосно електрична марка. Новиот модел за пазарот во САД ќе биде со целосно електричен погон и неговото појавување треба да се очекува во текот на 2027 година, најави Импарато.

Шефот не наведе каква точно каросериска форма ќе има тој модел, но посочи дека не тоа не мора да биде кросовер. Преоѓањето на електрични возила дава предимство на аеродинамиката, кажа Импарато, што им отвора простор на лимузините или на покреативните изведби во традиционалните сегменти.

Импарато најави дека каросериската форма и дизајнот на возилото ќе бидат утврдени во текот на следната година

Лани во април, шефот изјави дека идниот знаменосец на Alfa Romeo ќе биде лансиран во 2027 година и ќе биде целосно електричен кросовер, со поголеми димензии од Stelvio. Тој го опиша моделот како конкурент на BMW X5.

Првиот целосно електричен модел на Alfa Romeo стартува во 2024 година, а една година по него ќе следи и првиот електричен модел што нема да ја дели платформата со модели со обичен погон. До 2027 година, планот е да се нудат исклучиво електрични модели, дури и во САД.

Импарато сака спортската нота да биде главно обележје на идните електрични модели. На презентацијата во Токио, тој додаде: „Морам да го пренесам концептот на перформансите, ние ќе бидеме марка со електрични возила со високи перформанси“.

Тоа подразбира брзо полнење под напон од 800 волти, со времетраење од најмногу 18 минути. Моќноста ќе се движи од 350 до 800 КС. За семејството модели Quadrifoglio со исклучителни перформанси, Импарато очекува моќност од околу 1.000 КС да биде соодветна.

Најпродаван модел на Alfa Romeo во САД е Stelvio, од неговиот старт во 2018 година до денес. Лани италијанската марка продаде вклупно 12.845 возила во САД, што е за околу една третина помалку во споредба со 2021 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Производството на автомобили во Британија на ниво како во 1956 година

Lamborghini нижеше рекорди и во 2022 година