за

Lamborghini нижеше рекорди и во 2022 година

Производителот на луксузни спортски автомобили од Сант Агата Болоњезе имаше уште една рекордна година и продаде повеќе од 9.000 автомобили Lamborghini лани.

Aventador Ultimae

Lamborghini во 2022 година ја зголеми продажбата за десетина проценти и продаде повеќе возила од кога било во историјата, вкупно 9.233 автомобили.

Според шефот Штефан Винкелман, новата рекордна година се должи на „исклучителниот број на добиени нарачки, што се обработени внимателно и грижливо, со следење на јасната стратегија, чијашто највисока цел е контролиран раст, со цел да ја заштитиме ексклузивноста на нашата марка.“ Тоа не значи друго, туку значи дека компанијата од Сант Агата можела да произведе и повеќе автомобили, затоа што имало нарачки за нив, меѓутоа не смее да произведе драстично повеќе возила, затоа што во спротивно може да избледи ексклузивноста на марката Lamborghini.

За 2023, Винкелман очекува да биде година на предизвици и промени, година на надминување на сопствениците граници. Книгата со нарачки е полна за следните 18 месеци, што на менаџментот му остава време да им се посвети на следните цели.

Најголемиот предизвик е лансирањето на првиот модел на Lamborghini со хибриден погон што претстои годинава. Италијанската марка во 2021 година започна да ја спроведува новата стратегија, што е именувана Direzione Cor Tauri. Во 2023 година, стартува втората фаза на оваа програма, којашто претставува најголема инвестиција во историјата на Lamborghini, со 1,8 милијарда евра за период од пет години. Парите се наменети прво за воведување хибриден погон, а потоа и за преоѓање на целосно електричен погон.

Сите бројки сведочат за одлична деловна година за Lamborghini. Продажбата во Азија напредуваше 14%, следна по раст е Америка со +10%, трет e регионот што ги опфаќа Европа, Средниот Исток и Африка со 7 проценти раст во споредба со 2021. Заедно со рекордните продажби во сите региони доаѓаат и седум нови дилери, така што мрежата на марката сега опфаќа 180 дилери во 53 држави.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Lamborghini (@lamborghini)

Најголем пазар се САД со 2.721 испорачани возила (+10 %), следи Кина, заедно со Хонг Конг и Макао со 1.018 возила (+9 %), па Германија (808 возила, +14 %), Обединетото Кралство (650 возила, +15 %) и Јапонија (546 возила, +22 %).

По модели, најпродаван е супер-СУВ моделот Urus, на којшто отпаѓаат 5.367 примероци (+7 %), а голем раст бележи и Huracán со 3.113 испорачани примероци или за +20 % повеќе во споредба со 2021. За Aventador се јавиле 753 купувачи. Врвниот хиперспортски модел со мотор V12 замина од производство во септември.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alfa Romeo подготвува голема електрична лимузина за Америка

Расте уделот на Renault на европскиот пазар

Renault и Nissan се договорија за новиот старт на алијансата