за

Renault и Nissan се договорија за новиот старт на алијансата

Двата производители ќе соработуваат на помалку проекти отколку што бараше Renault. Спогодувањето за новиот старт на алијансата треба ќе биде објавено на 6-ти февруари.

Расте уделот на Renault на европскиот пазар

Renault и Nissan ќе ѝ дадат нова содржина на соработката долга две децении, со низа индустриски проекти, коишто се дел од договорот што предвидува Renault да го намали својот удел во акциите на јапонскиот производител.

Renault, Nissan и најновиот партнер Mitsubishi Motors ќе соработуваат во пет проекти, под кодното име „reloaded“. Тоа е за почеток, следат и други проекти.

Еден од проектите се однесува на Индија, каде што компаниите имаат фабрика во близина на Ченаи, во којашто се произведуваат мали автомобили, мотори и менувачи. Другиот проект е заеднички развој во сегметнот на доставните возила. Проектите досегаат до Латинска Америка, каде што се договара потесна соработка меѓу партнерите.

Нејасно е дали во петте проекти се вклучени и зделките што веќе се договорени, на пример, производството на наследникот на Nissan Micra во една од фабриките на Renault во Франција, како и на новите модели ASX и Colt на Mitsubishi во фабриките на Renault во Шпанија и Турција.

Nissan исто така планира да вложи во бизнисот со електрични возила, што Renault ќе го издвои како посебен огранок под името Ampere.

Според францускиот дневен лист Le Figaro, Renault предложил да се соработува на десет до 15 проекти.

Расположението да се постигне договор за свежи нови проекти е знак, дека компаниите гледаат заедничка иднина за алијансата, што опстојува 23 години. Односите во алијансата се влошија по приведувањето на поранешниот лидер Карлос Гон во 2018 година, кој отворено зборуваше за Renault и Nissan да се спојат во една компанија.

Алијансата заеднички ги користеше фабриките, заеднички се набавуваа делови и се развиваа технички платформи за повеќе модели, со цел да се смалат трошоците и да се создаде една од најголемите автомобилски групации во светот. Меѓутоа, сложената организација, културните разлики и погрешните чекори го доведоа партнерството речиси пред распаѓање.

Обновената алијанса ќе му овозможи на извршниот директор Лука де Мео да управува со сложената поделба на Renault на пет посебни ограноци, вклучувајќи ја дивизијата за електрични возила Ampere.

Лидерите на двете компании одржа видео средба во четвртокот. Упатени извори кажуваат дека средбата минала без забелешки, но остануваат уште детали што треба да се договорат. Како што кажува неименуваниот извор на Аутомотив Њуз, „како што денес стојат работите, не можам да кажам дека постигнавме договор“.

Според изворот, не постои големо разидување меѓу двете компании и незначителни се изгледите дека преговорите ќе прекинат. Единствено е неизвесно дали спогодбата ќе биде објавена на 6-ти февруари.

Управните одбори на двете компании треба посебно да дадат одобрение за потенцијалната зделка по четврточниот состанок на двата челници.

Идната форма на алијансата покажува дека огромниот технолошки напредок во автомобилската индустрија ги принудува компаниите да се здружуваат и да се натпреваруваат со новоформираните компании и со технолошките гиганти. Renault, на пример, ќе склучи партнерство со бројни компании, почнувајќи од кинескиот автомобилски холдинг Geely до водечкиот производител на микрочипови Qualcomm.

Renault работи посебно на финализирање на договорот со Geely, како и на привлекување на државната нафтена компанија Aramco од Саудиска Арабија како инвеститор и партнер, што ќе учествува во развојот на бензински мотори и хибриден погон.

Nissan е загрижен дека технологијата што ја има развиено во рамките на партнерството со Renault, може да им стане достапна на новите партнери на францускиот партнер, додека тој се реструктурира.

Со договорот се предвидува Renault постепено да го смалува својот удел во Nissan, од сегашните 43 проценти на 15 проценти, со цел да се елиминира нееднаквоста во калиталот, којашто беше причина за несогласувања во изминатите години.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lamborghini нижеше рекорди и во 2022 година

Холандија: Kia најпродавана марка во 2022 година