Концернот Stellantis и европскиот огранок на Toyota потпишаа нов договор за модел на големо доставно возило, којшто ќе се нуди и во електрична изведба.
Третиот заеднички модел во соработката во подрачјето на доставните возила меѓу Toyota и концернот Stellantis, следи по Toyota Proace и Toyota Proace City. Моделот ќе се продава само на европскиот пазар и ќе биде верзија на Peugeot Boxer, Citroen Jumper и Fiat Ducato, под знакот на јапонската марка. Оваа соработка исто така е дел од амбициозниот план Dare Forward 2030 на Stellantis.
Големиот доставен модел на Toyota ќе се произведува заедно со моделите на Stellantis во фабриката на концернот во Гљивице, Полска, како и во Атеса, Италија. Продажбата ќе стартува во средината на 2024 година. Ова е првпат европскиот огранок на Toyota да нуди модел на големо доставно возило.
Во рамките на Dare Forward 2030, шефот на Stellantis, Карлос Таварес, планира концернот да го зајакне своето водство во ЕУ30 во подрачјето на лесните товарни возила и возилата со ниска емисија на штетни материи. Конечната цел е Stellantis да биде неприкосновен во подрачјето на доставните возила, во поглед на технологијата, производството, пазарниот удел и профитабилноста.
Соработката меѓу Stellantis и европскиот огранок на Toyota започна во 2012 година, со производството на Toyota Proace во фабриката на Stellantis во Ордaн, Франција. Потоа следеше проширување на соработката, со воведувањето на компактниот доставен модел Toyota Proace City, чиешто производство се одвива во Виго, Шпанија.
Широките соработки меѓу голеите производители на возила се клучни во подрачјето на лесните товарни возила, кадешто првенствено се бараат издржлива техника, широка сервисна мрежа и поддршка, но секако дека е главна цената.
Покрај моделите Proace и Proace City, Toyota го покрива сегментот на товарните возила во Европа и со светскиот пикап Hilux.
Еден коментар
ОдговориOne Ping
Pingback:Џампер, Боксер и Дукато ќе добијат братче од Toyota | Блог на порталот за автомобилизам Automedia.mk