Дел од производството на спортскиот модел ГР Корола на Тојота ќе се префрли од Јапонија во Обединетото Кралство. Тојота ќе вложи 56 милиони долари за наменска линија за производство на овој модел во Англија, што ќе се извезува на пазарите во Северна Америка, соопштуваат две лица што се запознаени со случувањата.
Со преселување на дел од производството од Јапонија, Тојота планира да го искористи слободниот капацитет во фабриката во Британија и воедно да го скуси рокот на чекање за овој модел. Според изворот на информацијата, овој чекор не е одговор на царините на претседателот на САД, Доналд Трамп, за увозот на автомобили.
Администрацијата на Трамп месецов постигна спогодба со Британија, за царината за увоз на автомобили да се смали на 10 проценти, за квота што ќе важи за 100.000 возила. Јапонија бара да се укине царината од 25 проценти што САД ја воведоа за сиот увоз на автомобили.
Царините им станаа дополнителен товар на светските производители, коишто се под притисок на строгите стандарди за заштита на животната средина и различните барања на пазарите ширум светот.
Тојота ја произведува ГР Корола (Газу Рејсинг) во Јапонија, за продажба на домашниот пазар и за извоз во Северна Америка и други пазари. Јапонскиот производител тешко успева да ја покрие големата побарувачка за овој спортски модел со високи перформанси, којшто користи класичен мотор, без каква било електрификација.
За поставување на монтажната линија во фабриката во Бурнастон, во Дербишајр, Тојота ќе вложи 56 милиони долари. Годишно ќе се произведуваат по 10.000 примероци, што ќе се извезуваат во Северна Америка, почнувајќи од средината на 2026 година.
[the_ad id=”85764″]
Бурнастон почна да работи во 1992 година и располага со најсовремена производствена техјнологија. По Брегзит, фабриката значително го намали производството.
Во фабриката веќе се произведува стандардната Корола во комбилимузинска изведба, така што е лесно во производството да се воведе спортскиот модел ГР Корола.
Во фабриката наскоро пристигаат инженери од Јапонија, за да го надгледуваат поставувањето на производството.
Фабриките на Тојота во САД се зафатени со производство на хибриди
ГР Корола е еден од трите модели со високи перформанси што се произведуваат на посебна лента во фабриката Мотомачи, во Тојота Сити. Погоните таму веќе работат со полн капацитет.
Лани во Мотомачи беа произведени 25.000 возила, од кои 8.000 примероци од ГР Корола.
Фабриките на Тојота во САД исто така се соочуваат со висока побарувачка за хибриди и други модели, поради што производителот нема слободен капацитет што ќе може да го искористи за спортската Корола.
Без разлика дали ќе се увезува од Јапонија или Британија, Тојота планира да ги покрие сите накачувања што ќе бидат предизвикани од царините и други мерки, за цените да останат непроменети, кажуваат извори.
Серијата ГР, во којашто освен ГР Корола, спаѓа и ГР Јарис, претставува своевидна подмарка што е дело на претседателот Акио Тојода, односно од неговата љубов за трки. Во неа масовно се користи технологија од мотоспортот. Во возилата има и бројни зафати што се работат рачно, поради што изработката е долготрајна
Цената на ГР Корола е околу 6 милиони јени, што е двојно повеќе од стандардниот модел. Додека светот преоѓа на хибриди и електрични возила, фановите уште повеќе си ги ценат класичарите.
Продажбата не е голема, меѓутоа заработката на овие модели е пристојна.
















