
Баварскиот производител ќе изработи 70 примероци од својот концепт Спидтоп, којшто беше прикажан на престижниот собир на богати луѓе и убави автомобили, познат како Конкорсо д’Елеганца Вила д’Есте, што редовно се одржува на езерото Комо, во Италија. Цената не е објавена официјално, меѓутоа се спомнува вредност од околу 500.000 евра.
Двоседот со појава што освојува, претставува ново гледање на силуетата на шутинг-брејк, каросериска форма што главно се поврзува со скапи британски спортски автомобили од пред половина век. Спидтоп на тоа додава модерна и луксузна нишка. Баварците со овој автомобил сакаат да укажат и на времето кога постоеја бројни каросериски работилници, коишто правеа сопствени дизајни, користејќи како основа скапи автомобили, за од нив да направат уште поскап и поредок автомобил.
Спидтоп е еволуција на концептот Скајтоп што БМВ го прикажа на истиот настан во 2024 година. Тие се воедно и организатори на овој отмен настан. Спидтоп и Скајтоп се конструирани врз основа на М8 Компетишн, којшто користи 4,4-литарски твин-турбо Ве-8 со 625 КС и 750 њутнметри.
БМВ изработи 50 примероци од Скајтоп по цена од околу 500.000 евра. Се очекува дека и Спидтоп ќе се движи околу таа вредност.
„Вистински БМВ зрачи со динамичност и елеганција дури и во мирување,“ порача главниот дизајнер на БМВ, Адријан ван Хојдонк, на настанот покрај езерото Комо.

Срцето на големите дизајни се големите пропорции, кажа ван Хојдонк. „Кај концептните модели имаме уште поголема слобода и со Спидтоп ценам дека создадовме мошне егзотичен и крајно екстремен модел,“ вели дизајнерот.

Стандард кај Спидтоп е лакирањето на покривот коешто ја менува бојата.
Спидтоп е долг 5.000 и широк 2.000 милиметри, што е слично на лимузината од серијата 5, којашто е долга 5.060 мм и широка 1.900 мм. Големата разлика е во тоа што во Спидтоп има само две седишта. Со 1.360 мм, тој е 150 мм понизок од серијата 5, што му дава мошне убедлива појава.
Спидтоп има издолжен покрив што завршува во вешто дизајниран опаш, со задна врата што се отвора исто како кај класичните комби модели Туринг на БМВ.

Долгиот багажник има и втора преграда што продолжува меѓу двете седишта, со цел да се зголеми товарниот простор. Тоа е клучната намена на шутинг-брејковите. Посебно за возилото се изработени кожени куфери по мера. Секако дека и изработувачот е важен, тоа е италијанската компанија Скедони, специјализирана за луксузни кожени работи.

Внатешноста е изведена со кожа во две бои и како основа го користи кокпитот на стандардната Серија 8.
По успехот на концептот Скајтоп, што е изработен во 50 примероци, БМВ реши да понуди поголем модел во форма на Спидтоп.















