за

Toyota Century: На Јапонците Rolls-Royce не им е потребен

Шоферската лимузина на Toyota стана шоферски СУВ од преку 2,5 тони. Новиот Century чини 25 милиони јени и ќе се изработува во 30 парчиња месечно.

Гостопримливоста е одлика на јапонскиот народ и таа е една од темелите врз коишто почива луксузната марка Lexus. Toyota има уште едно ниво, во коешто ниту Lexus не задира. Тоа е Century, досега лимузина од највисока класа, отсега СУВ, каде што строго се почитува традицијата, а на технологијата ѝ се дозволува да допре само таму каде што не трпи отменоста.

На Toyota Century ѝ почнува нов век. Тоа е најпретставителниот автомобил, со којшто Toyota ја крунисува целата јапонска продукција на автмобили. Првиот Century се појави во 1967 година, наменет за благородници и индустријалци. Дотогаш, високата класа во земјата користеше автомобили од западните луксузни марки.

Целта уште со првата генерација на моделот беше да се конструира и произведе автомобил што ќе го застапува најдоброто од Јапонија. Секако дека Century се издвојува со изгледот, затоа што е многу поважно да се испочитуваат обележјата на традиционалната јапонска естетика, отколку да се експериментира со туѓи форми и стилови.

Концептот на Toyota Century е на патниците на задната клупа да им се понуди најдоброто искуство во возење и најпријатен престој во возилото. За тоа да се постигне, инженерите се потпираат на историските принципи на прочуената „омотенаши“, гостопримливоста на островскиот народ.

Развојниот тим го внесе во новиот модел тоа што е одлика на денешното време. На големите шефови и благородници им е потребно квалитетно да го поминат времето во возилото, или за починка, или за работа, односно за одржување онлајн-конференции и менаџирање на директорските одговорности.

Тоа што е ново во Toyota Century е отвореност за нарачки од цел свет и воедно излегување во пресрет на секакви барања за опремување на возилото или за евентуални преправки според желбите на отмената клиентела. Производителот вели дека целта е да се обезбеди „freedom in motion – the ultimate freedom of movement“, за колку е можно поширок круг корисници.

Традиционалната форма на Toyota Century изгледа свежо во време кога дизајнерите во браншата експериментираат во сите правци

Дизајнот е благороднички строг, со пристојно водење на линиите на каросеријата право и попреку, без премногу пресеци и засеци. Century изгледа претставително, со препознатлив печат на јапонската естетика. Оваа правилна форма е вистинска реткост во денешно време и токму тоа му дава дополнителна вредност на автомобилот.

По заварувањето и лакирањето на школката, каросеријата понатаму се доработува рачно, од врвните мајстори на Toyota. Фениксот во ретровизорите е гравиран, тоа не е налепница. Кој може да ја види Century во живо, ќе забележи и дека лакот е сјаен, со длабински ефект на бојата, што се должи на долготрајно рачно полирање.

Единствените детали што двојат во појавата се четириделните предни и задни светла, коишто според дизајнерите на Toyota оддаваат дигнитет, возвишеност

Задните врати се отвораат под агол од 75 степени, за достоинствен и лесен пристап. Клупата може целосно да се собори и секако дека има простор во изобилство. По пример на Mercedes GLS, може да се нарача преклопливо скалило за полесен пристап назад, исто како и рачка во задните столбови.

Посебно внимание е посветено на аудио системот, при чиешто проектирање е користен пристап како кај музички инструмент од дрвен мајстор. Тоа резултира со звук што се доживува како музиката да се изведува во живо.

Кокпитот е изведен елегантно, со прегледни линии и мазни форми, првенствено да не им се одвлекува вниманието на патниците назад. Сите модерни функции за возачот се присутни, исто како и сите технологии што на возачот треба да му помогнат за возењето да биде безбедно и пријатно.

Приклучен хибриден погон со системска моќност од 421 КС

Погонот е приклучен хибрид со 3,5-литарски V6, којшто обезбедува и моќни перформанси и тивко возење, како одлика на сите моделски генерации на Century досега. Силата од хибридната спрега се пренесува до сите тркала преку погон на сите тркала E-Four.

Toyota Corolla Cross во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на повеќе модели

Toyota Corolla Cross 1.8 HEV 2WD Executive

Toyota не го наведува капацитетот на батеријата, единствено посочува дека електричниот досег изнесува 69 километри, што е повеќе од доволно за секојдневните тури да се поминуваат чисто во електричен режим. За споредба, RAV4 со приклучен хибрид може во град да мине близу сто километри на струја. За подолги патувања, погонот работи како хибрид.

Управувањето е на сите четири тркала, за лесно маневрирање на тесен простор, и во исто време за поприродно возачко искуство при повисоки брзини.

Првпат се користи систем што контролата на возната динамика ја врши со цел да се обезбеди колку е можно поудобно чуство за патниците на задната клупа. Тоа меѓу другото значи дека сопирањето се модулира за да се избегне и најмало навалување на кароисеријата нанапред.

За да на фаќа провев во кабината кога ќе се отвори багажникот, зад задната клупа е вградено повеќеслоојно стакло. Тоа е лимузинското наследство на Century.

Toyota Century

  • Должина 5.205 mm
  • Ширина 1.990 mm
  • Висина 1.805 mm
  • Меѓуоскино растојание 2.950 mm
  • Растојание меѓу задната и предната клупа 1.220 mm
  • Тежина 2,570 kg 2,370 kg
  • Седишта 4 патници
  • Цена 25.000.000 јени

Ексклузивниот модел на Toyota ќе се произведува во фабриката во Тахара, со динамика од 30 возила месечно. Цената на стандарната изведба е 25 милиони јени или околу 158.000 евра.

Еден од серијата тестови со Toyota bZ4X: Како влијае градското возење врз потрошувачката на електричните автомобили

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot 3008: Премиерата е дури во вторник, фотографиите веќе се појавија

Cupra се подготвува за американскиот пазар