Од фабриката на Toyota во францускиот Валенсиен излезе 200.000-от примерок од верзијата на Yaris со хибриден погон. Yaris Hybrid учествува со една третина во вкупната продажба на моделот.
Фабриката на Toyota во Франција го одбележува следниот јубилеј. Во погоните во Валенсиен е произведен 200.000-от примерок од Toyota Yaris Hybrid, којшто ќе биде испорачан на француски купувач. Моментно во Валенсиен се произведуваат преку 300 примероци од верзијата на Yaris со хибриден погон во еден ден. Најштедливата варијанта на Yaris покрива 40% од актуелната продукција во фабриката, наспроти првичните 25% откако Toyota започна со производство на Yaris Hybrid во април 2012 година. Зголемената продукција го потврдува успехот на хибридната технологија на Toyota, но исто така и популарноста на Yaris меѓу европските купувачи.

Toyota Yaris е најпродаван модел на марката на европскиот пазар. Лани европската филијала на Toyota продаде 181.105 примероци од Yaris, што значи дека секој петти продаден автомобил во Европа е Yaris. Околу една третина од овие примероци отпаѓаат на хибридната верзија, конкретно 58.530 примероци.
Во Франција се продава најголемиот дел од произведените примероци од Yaris Hybrid, односно околу 20 проценти, по што следат Италија и Велика Британија, обете со по 16 проценти учество во продажбата на хибридниот модел. Погонската спрега на Yaris Hybrid се состои од 1,5-литарски бензинец и електромотор, со просечна потрошувачка од 3,3 литри и емисија на СО2 од 75 g/km, што го става моделот во класата на возила со привилегирани давачки и посебни бенефити на одредени пазари во Европа. Во производството на Yaris Hybrid учествуваат 3.800 вработени во фабриката на Toyota на Северот на Франција.
















