за

Toyota планира десеткратно зголемување на продукцијата на електричниот bZ4X

Toyota размислува за драстично зголемување на продукцијаta на својот прв батериски електричен автомобил што е наменет за широкиот пазар.

Тројца менаџери што се запознаени со плановите на Toyota, откриваат дека компанијата планира од 2025 година драстично да ја зголеми продукцијата на својот прв големоволуменски електричен автомобил bZ4X.

Јапонскиот производител на автомобили размислува продукцијата на електричниот кросовер bZ4X да ја зголеми за шест до 12 пати од тековната месечна продукција. Во моментов, Toyota произведува месечно само нешто повеќе од 1.000 примероци од bZ4X. Услов за продукцијата да се зголеми по 2025 година е да се обезбедат неопходните компоненти, односно главно микрочипови, коишто се главна грижа на производителите на автомобили во последниве две години.

Електричниот bZ4X се произведува во напредната фабрика Мотомачи, во близина на седиштето на Toyota, на иста монтажна линија на којашто се произведуваат и модели со бензински мотор, односно хибриди.

При планирањето на идната продукција се земаат предвид и примероците што ќе се произведат од Subaru Solterra, близнак на Toyota bZ4X.

Во случај на зголемување на продукцијата, Toyota ќе вклучи уште една фабрика во близина на своето седиште, фабриката во Такаока. Информациите ги споделија тројца менаџери, коишто бараат да останат анонимни, затоа што информацијата не е соопштена јавно. Од Toyota уште немаат излезено со коментар.

Toyota ги разгледува можностите за значителниот раст во продукцијата, откако кон производителот беа насочени критики, поради бавното напредување на компанијата со целосно електричните автомобили, и ставањето поголем нагласок на хибридната погонска технологија. Ројтерс во почетокот на неделава известуваше дека во Toyota се прекројува стратегијата за електрични возила.

Сменетата стратегија ќе резултира со откажување на дел од 30-те нови електрични модели, што шефот Акио Тојота ги најави спектакуларно во минатата година, и што требаше да се појават во продажба до 2030 година. Промените во стратегијата ќе се прават со цел да се забрза развојот и пуштањето во продажба на идните електрични модели, како и да се користат технологии што ќе обезбедат пониска цена на возилата и подобри перформанси.

Зголемувањето на продукцијата на bZ4X, којшто е електричен пандан на RAV4, ќе ѝ обезбеди на Toyota присуство на пазарот на батериски електрични автомобили, во периодот додека компанијата работи на промени во стратегијата.

Со новата стратегија, Toyota ќе цели на годишна продукција од преку 190.000 електрични возила. За споредба, хибридниот Prius во минатата година се произведе во близу 86.000 примероци.

Периодот додека почне да се применува новата стратегија во производството на електрични возила ќе изнесува најмалку две години. Toyota мора прво да договори испорака на доволни количини од добавувачите. Покрај тоа, целата индустрија уште се соочува со голема неизвесност дали производителите на чипови ќе можат да ја снабдат браншата со доволна количина микрочипови.

Toyota во почетокот на месецов го врати производството на bZ4X, по прекин од три месеци, којшто беше предизвикан од проблеми со тркалата и со воздушните перници. Компанијата продолжи да потпишува договори со клиенти на домашниот пазар, за изнајмување на bZ4X. Покрај тоа, висината на учеството за лизинг на електричниот кросовер на јапонскиот пазар е преполовена, и место 5.175 долари, таа отсега изнесува 2.587 долари.

Хибрид за добро утро, приклучен хибрид за добар ден, електрична Toyota за добра вечер

Кросоверот со погон на батерии се продава уште во Европа и САД. Кинескиот пазар се покрива со локална продукција на моделот.

Поради прекројувањето на стратегијата, ставен е во мирување развојот на два електрични модели што требаше следни да се појават во продажба. Според упатените лица во плановите на Toyota, станува збор за модел од компакт класата, значи модел близок до Corolla, како и електрична верзија од новата Toyota Crown.

Во меѓувреме, Toyota го објави стартот на производството на мала електрична лимузина, во којашто ќе се користат батерии од BYD и којашто ќе се призедува и продава во Кина. Моделот именуван bZ3 е втор модел во серијата електрични автомобили „Beyond Zero“ на Toyota.

Акио Тојода во претстава под работен наслов „Баравте гледајте“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Каде што има Alfa Romeo Tonale, има и Giulia и Stelvio

Романците купуваат трипати повеќе електрични автомобили