за

Акио Тојода во претстава под работен наслов „Баравте гледајте“

Производителите на автомобили се тркаат во електромобилноста. Сите марки најавуваат преземање на водството во погонот на струја, но од кого? Шефот на Toyota ги разјасни работите на денешниот историски настан.

Автомобилската корпорација Toyota денес во Токио ја претстави својата стратегија за електричните автомобили. Овој датум, 14-ти декември, несомнено ќе се спомнува уште многупати низ историјата. Можеби досега изгледаше дека електромобилноста е домен на Tesla & Co, меѓутоа светот не заборави дека сé почна од Toyota. Шефот Акио Тојода најави со конкретна бројка: Toyota во 2030 година ќе продава најмалку 3,5 милиони батериски електрични возила годишно.

Кога најмоќниот човек во автомобилскиот свет ќе застане со раширени раце покрај електрични автомобили наредени во три редови наоколу, тоа значи само едно: Сега вистински почнува електромобилноста. Ретко кој можеше да се надева дека денешниот настан, најавуван сосем вообичаено за Toyota, ќе биде историски момент за автомобилската бранша, а тоа значи и за светот.

Акио Тојода не зборуваше за милијарди што ќе се вложат во електричниот погон, за на светот да му се покаже колку е моќна неговата компанија, туку зборуваше како човек што е одговорен за десетината милиони автомобили, што Toyota секоја година ги пушта да возат по Земјата: „Верувам дека постигнувањето неутралност во јаглерод диоксидот значи остварување свет во којшто сите луѓе што живеат на планетата ќе продолжат да живеат среќно.“ И, тоа ќе беше сосем доволно.

New item by Automedia MK / Google Photos

Toyota преку хибридниот погон што го продава веќе подолго од дваесет години и кусо е пред да објавуви дваесет милиони продадени автомобиоли со погонот со две срца, досега има постигнато најмногу во поглед на намалувањето на емисијата на СО2. Тоа што беше мисија на јапонската марка пред преоѓањето во новиот милениум, сега е мисија на секоја деловна единка и секој човек на планетата Земја.

Живееме во разнолик свет и во ера во којашто е тешко да се предвиди иднината. Затоа е тешко сите да се направат среќни со понуда на една големина за сите.

Акио Тојода, извршен директор на автомобилската корпорација Toyota

Акио Тојода, кој инаку и самиот учествува во трки во рамки на национален шампионат, со Corolla што користи водород како погонско гориво, денес порача дека не може да се очекува во иднина да се користи само еден вид гориво или еден вид погон. Тој ги дели електричните автомобили на две категории, според енергијата што ја користат. Едната категорија се „автомобили што ја смалуваат емисијата на СО2“, користејќи енергија што уште не е произведена 100% неутрално во поглед на СО2. Втората категорија се „автомобили што се неутрални во поглед на емисијата на СО2“. Логично, тоа се автомобили што користат беспрекорно чисто произведена енергија.

Toyota влегува во електромобилноста со посебна, трета марка покрај матичната Toyota и луксузната марка Lexus). Тоа ќе бидат возила од серијата bZ, составена строго од батериски електрични возила. Ознаката bZ доаѓа од „beyond Zero“. Првиот модел од серијата е bZ4X, што беше претставен неодамна и извесно е дека во текот на следната година ќе се појави во продажба и во Македонија. Моделот е развиен во соработка со Subaru. Престижната фабрика Мотомачи, од којашто излегле легендарни автомобили, како Lexus LFA, моментно се подготвува за почеток на производство на bZ4X.

Акио Тојота зборува за потрошувачка на енергија од 125 ватчасови по километар – светот со големо нетрпение исчекува да ги види електричните bZ на дело

Електричните автомобили на Toyota повторно ќе се издвојуваат во конкуренцијата со нивната повисока ефикасност. Акио Тојода-сан: „Важната работа е во колкав степен можеме да ја зголемиме вкупната енергетска ефиаксност на едно возило, односно со други зборови, колку помалку енергија му е потребна на еден автомобил за да вози. Токму тоа е технологијата што Toyota ја усовршуваше подолго од 30 години.“

Покрај bZ4X, што не е друго освен електричен наследник на СУВ-легендата RAV4, јапонската марка ќе нуди и достапни модели со погон на струја, исто како и големи СУВ-модели со седум седишта. Електромобилноста во Toyota нема да биде привилегија.

Марката Toyota денес нуди над 100 модели со мотор со внатрешно согорување, хибриди, приклучни хибриди, водородни електрични автомобили, во повеќе од 170 држави и региони.

Марката Lexus има понудено повеќе од 30 модели со мотор со внатрешно согорување, хибриди и приклучни хибриди во повеќе од 90 држави и региони.

До 2030 година, Toyota ќе стартува со продажба на 30 батериски електрични автомобили, но и доставни возила.

Видеото од денешниот настан од историско значење:

Галеријата со сите модели што беа прикажани на денешниот настан во Токио можете да ја погледнете на нашиот профил на фејсбук

https://www.facebook.com/Automedia.mk

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi во рестораните ќе служи само пилиња на кои им било убаво

Седмата генерација на пикапот Great Wall Steed во продажба во Македонија