за

Седмата генерација на пикапот Great Wall Steed во продажба во Македонија

Great Wall е големо име на светскиот пазар на пикапи, со 1,7 милион продадени примероци досега. Новата генерација на Steed му дава уште толку залет на кинескиот концерн.

Кој автомобил е долг 5,4 метри, тежи близу два тона и чини колку компакт со основен мотор и средно ниво на опрема? Одговорот го дава Steed 7, нова генерација на добро познатиот пикап на Great Wall.

Кога се работи за возилата од Кина, пазарот покажа дека не постојат сомнежи околу нивната издржливост, единствено запнува малку околу имиџот. Тоа значи дека кинески пикап е одличен избор, но ако е СУВ што спаѓа во друг ценовен сегмент, тогаш попрво ќе се побара нешто друго. Седмата генерација на Great Wall Steed ги спојува издржливоста и имиџот во повеќе од пристоен пикап, што е добар за работа, но го привлекува вниманието и на возачите со активен животен стил, на коишто СУВ им е премногу салонски, а обичен пикап им е премногу камионски.

Новата генерација на Great Wall Pickup Steed во меѓувреме стартуваше со продажба на македонскиот пазар. Увозникот Толту Моторс го нуди Steed 7 во изведба со 2,4-литарски бензинец што традиционално се сложува одлично со систем за автогас од Landi Renzo (доплата од 1.200 евра), со моќност од 150 КС при 5.500 вртежи и максимален вртежен момент од 220 њутнметри при 4.000 вртежи во минута. Менувачот е мануелен со 5 степен.

Steed 5 е солидно застапен како службено возило во бројни возни паркови во Македонија

Погонот на сите тркала со технологија од Borg Warner е стандард, вклучувајќи теренска редукција. Great Wall Pickup го нуди моделот на македонскиот пазар во каросериска изведба со двојна кабина, односно со пет седишта. Носивоста изнесува 1.050 килограми. За примена во екстремни теренски услови, доплата од 980 евра за заклучување на задниот диференцијал помага Steed 7 да се извлече и во сложени ситуации, кога ќе се појави пролизгување кај едно од задните тркала или кога тркало ќе изгуби контакт со подлогата. Заштитна плоча под моторот се вградува фабрички во секој Steed 7.

New item by Automedia MK / Google Photos

Со вклучен ДДВ, при приватно купување, Great Wall Pickup Steed 7 чини 25.600 евра со ниво на опрема One, односно 28.200 евра во повисокото ниво Star. При купување како службено возило се врши поврат на ДДВ.

Контрола на стабилност, надгледување на притисокот во гумите, две воздушни перници, контрола на тракција, без коишто не може да се продава нов автомобил во Европа, секако дека се стандард во Steed 7. На тоа следат уште мануелен клима уред, задни паркинг сензори, темпомат, електрика на предните прозорци и на ретровизорите, радио, мултифункциски волан обложен со кожа, потпирач за рака напред, магленки и тркала од лесен метал од 16 инчи.

Great Wall за новата генерација на својот глобално најпознат пикап посвети дополнително внимание за поврзувањето со преносни уреди и за онлајн услугите. Затоа и не изненадува тоа што главен печат во кокпитот става средишниот стоечки дисплеј на инфо-забавниот систем, што во повисоките нивоа подржува и интелигентни говорни команди во стилот на „Hey, Steed“. Во стандардните изведби, на средишниот дисплеј со висока резолуција се прикажува слика од задната камера.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во повисокото ниво Star, пикапот повеќе прикажува карактер на луксузен СУВ-крстосувач, со автоматски клима уред, задна камера, сензор за дожд и автоматско вклучување на светлата, кожа на седиштата – вклучувајќи грејачи во предните седишта и степери над праговите.

Steed 7 го исполира имиџот на пикапот што е докажан со теренските својства и со издржливоста на техниката

Со должина од 5,4 метри, седмата генерација на Great Wall Steed е за повеќе од 30 сантиметри подолга од претходничката. Пикапот солидно зафаќа простор и со ширината од 1,8 метар и висината од 1,74 метар. Најмалото растојание од подлогата е 212 милиметри. Со агол на пристап од 29 степени и агол на излез од 23 степени, каросеријата не ги ограничува теренските таленти на подвозјето. Товарниот простор е со димензија 1,68 х 1,46 х 0,48 метар, и вообичаено за Great Wall, уредно е обработен со заштитна облога. Може да се вгради и хардтоп, со доплата од 2.500 евра, како и ролбар.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кинескиот концерн Great Wall напредува веројатно со уште поубедливо темпо од автомобилскиот „естаблишмент“. Покрај Steed, во понуда е комплетно нова моделска серија што се води под името Poer, како асоцијација на Power, со којашто концернот им се спротивставува на Toyota и Ford на светскиот пазар. Вклучувајќи го големиот пазар во САД, секако.

Во меѓувреме, Great Wall отвори и европска централа во Минхен, од каде што подобро и побрзо ќе го опслужува европскиот пазар. Тоа важи посебно за електричната марка Ora, што наскоро ќе стартува со помасивна испорака, а доаѓа и нова премиум СУВ-марка Wey, покрај познатата Haval.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

>>> Great Wall Motor се одомаќини во Минхен

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Акио Тојода во претстава под работен наслов „Баравте гледајте“

Opel ја зголемува продажбата на лесни комерцијални возила низ Европа