На Toroidion 1MW му се потребни единаесет секунди за спринт. До 400 километри на час. Но, моќното забрзување не е сé што има да понуди овој необичен фински автомобил со погон на струја.
Скандинавците во последно време имаат нова опсесија, автомобили со моќност што се наведува со четири бројки. Шведскиот Koenigsegg One:1 располага со мотор со 1.000 киловати. Еден мегават! Или 1.360 коњски сили. Истото сега му успева и на еден фински автомобил со мошне футуристичко име. Toroidion. Името асоцира на торус, јони, на работи што обично се поврзуваат со струја. Тоа не е случајност. Разликата меѓу финскиот и шведскиот автомобил е во изворот на моќта. Додека во Koenigsegg работи петлитарски бензински мотор, Toroidion вози на струја.

Колку е поголем ефектот од работата на електроните, место од согорувањето на горивото, може да се провери најдобро при споредбен спринт. Не до 200, не до 300 и не до 350 километри на час, туку до 400 километри на час. Koenigsegg сето тоа ќе го заврши педантно за 20 секунди, со солидна количина гориво. Додека возачот на шведскиот хиперавтомобил уште забрзува, неговиот противник во Toroidion веќе одамна ќе биде излезен од автомобилот. Нему му се потребни само 11 секунди. Крајната брзина уште не е достигната со 400 километри на час. Остануваат уште педесетина.
Тоа е заслуга на двата мотора во предните тркала со моќност од по 200 киловати и на исто така двата мотора во задните тркала, со моќност од по 300 киловати. Ако некој се посомнева дека Toroidion 1MW ќе запре исцрпен по ваков спринт: При понормално возење тој може да извози 500 километри со енергијата во батериите. За колкав напор станува збор може да посведочи тоа што вентилаторите за четирите електромотори ќе продолжат да работат уште долго по запирањето на болидот. За тоа, пак, се грижат врвни сопирачки од карбон-керамика.

Креатор на мегаватниот Toroidion е Паси Пенанен. Финецот цели дваесет години развивал концептни и сериски модели за марките Honda, Jaguar и Zagato, но отсекогаш го имал сонот да направи сопствен автомобил. Овој сон му се оствари во 2011 година, со основањето на марката Toroidion, под мотото „да се конструира автомобил што ќе биде способен да победи на Леман“.
Така и бидна. Од сонот на Пенанен произлезе најсилниот електричен автомобил во светот со моќност од 1 мегават. Неговиот конструктор и дизајнер верува дека автомобилот ќе го промени светот исто како што iPhone ги револуционираше мобилните телефони.
За развојот на возилото беа потребни четири години. Целиот проект остана во апсолутна тајност до самиот завршеток, благодарение на искуствата што Финецот ги стекна работејќи за големите автомобилски куќи. Тој открива: „Преку електронска пошта ниту еднаш не се комуницираше за овој автомобил.“

Toroidion чини меѓу 1,5 и 3,5 милиони евра, во зависност од обемот на техниката и опремата што ќе се нарача. Периодот на чекање изнесува две години, со тоа што при нарачката треба да се плати половина од цената на возилото. Електричниот хиперавтомобил располага дури и со пристоен багажник од 500 литри, со систем за аларм со сателитско надгледување и подвозје со висинско местење. Вентилацијата на кабината работи на соларна енергија, секако дека може да се нарача и нормален клима-уред, па дури и умерено блиндирање на каросеријата. Доколку идниот сопственик сака со возилото тешко 860 килограми и долго 4,32 метри да се пушти по тркачка патека, финскиот производител нуди и опција за вградување на тркачки ролбар, специјален пакет спојлери или светлечки стартен број.
Пенанен е особено горд на батериската техника што се вградува во неговиот Toroidion. Место да се чека батериите да се наполнат, кај возилово што во основа е конципирано за тркачка патека едноставно се заменуваат празните батерии со полни. Возачот треба единствено да го притисне соодветното копче во кокпитот и батериите да се заменат за миг. Тежината на батериите не се наведува.
Веќе има и потенцијален купувач за возилото. Принцот Алберт Втори од Монако цели пет минути се распрашуваше за техниката на Toroidion 1MW на светската премиера на возилото.

















