за

Тест: Skoda Octavia 2.0 TDI DSG Style

Тест: Skoda Octavia 2.0 TDI DSG Style30

Octavia достигна стадиум во кој ги искористи потенцијалите на својата марка до крајни граници. Ова е толку многу Skoda, што во следната генерација можеби ќе биде најдобро Octavia да се издвои како подмарка на сопствената марка, како премиум модел на чешкиот производител. На Skoda Octavia ѝ успеа веројатно најголемиот и најквалитетен генерациски скок од сите нови модели на сцената во последнава деценија.

Нормираниот простор за колена на задната клупа во четвртата генерација на Skoda Octavia е зголемен за пет милиметри и изнесува 78 милиметри. Делот од данокот на моторни возила според вредноста на СО2 изнесува 94 евра. За грејачи во прскалките за ветробранот се доплаќа само 30 евра. Значи, тоа е Octavia, тој прочуен, надалеку ценет и бестселерски модел? Вистина е дека од овие бројки може само малку да се заклучи за чешкиот автомобил. Практично ништо.

Но, може и вака. Од претходната генерација, од Skoda Octavia А7, за нејзините седум години на македонскиот пазар на нови возила, Порше испорачал вкупно 1.211 примероци. Тоа биле во просек 173 автомобили годишно. Бидејќи автомобилската продажба има таков благослов да работи шест денови во седмицата, кога ќе се пресмета грубо, без одземање празници и слични веселби, излегува дека од салоните на Skoda си заминувала по една Octavia на секои два дена. Така седум години во континуитет. Само за Octavia, не сметајќи ги Karoq, Kodiaq, Fabia, Superb и другите модели на Skoda. Само подготовката на возилото за испорака бара голем ангажман. Некој требало да го сработува тоа со динамика на едно возило во два дена. Тоа е Skoda Octavia, таа е „фирма“ меѓу моделите.

Skoda Octavia постигнува иста продажна динамика во салоните на марката во Македонија и во Германија – тоа е универзалниот карактер на овој „супермодел“, феноменот на Octavia

Eдна сосем ненаивна забелешка: Овие просеци важат за нашиот пазар, кој е вистина дека не ни се вбројува меѓу најголемите во светот, иако Порше ја држи Skoda Octavia солидно високо во моделскиот микс на најпродаваните автомобили. Еден пример, кој зборува за феноменот на ова моделско име. Во Германија, на најголемиот автомобилски пазар во Европа и на најголемиот пазар на Skoda во Европа, лани се продале 55.210 примероци од Octavia. Чешката марка таму располага со 1.150 дилерски претставништва, а тоа дава податок дека секое од нив лани продавало по 48 примероци од Octavia. Во Македонија имаме четири салони на Skoda, па соодетно на тоа, нивниот просек е 43 примероци. Тоа е по малку мешање баби и жаби, меѓутоа продажната динамика за Skoda Octavia во Македонија за седумте години на „А7“ речиси и не се разликува од динамиката на германската продажба лани. Тоа е уште еден аспект на феноменот Skoda Octavia, моделот да се бара подеднакво и на пазари како нашиот и на пазари како германскиот.

Според претходново, излегува дека човек треба прво да се поклони пред автомобилов при секое доаѓање. Skoda Octavia на тест е во истата онаа зеленкасто сина металик боја од банерите и билбордите, со дволитарски турбодизел со 150 КС, со седумстепен менувач DSG и во повисокото од двете нивоа на опрема, во Style. За Octavia, патем, стојат на располагање дури четири сини бои, што исто така претставува еден вид потврда дека ова е модел кој добро си го познава својот пазар: Тркачка, енергична, титанска и оваа, лава сина боја.

При рутински поглед, голема е веројатноста Octavia да се замени со Superb. Тоа ќе се случува во оваа најрана фаза на пазарно присуство на новакот и главно се должи на неговата габаритност. Тоа му носи бодови на Superb, во секој случај, затоа што знаменосецот на Skoda има уште 18 сантиметри плус во должина. Некој како да си пограл со бројките: 4.869 mm за едниот, 4.689 mm за другиот.

Во првите генерации и на најголемите пазари, лимузинава се избираше често од возачи што не сакаат да бидат премногу забележани со својот автомобил; Тоа може да не им успее со новиот модел, оваа Octavia настапува како ѕвезда на асфалтот

Автомобилот изгледа претставително, масивно, онака лимузински. Ја нема повеќе скромноста што беше одлика во првите генерации, кога Octavia уште беше ново име на сцената. Но, во исто време, стилот на возилото точно запира на границата пред дизајнот да премине во ексклузивен и визуелно скап. Хромираната рамка на маската не е предебела, како што би ја извеле дизајнерите на некој Audi или Bentley од концерот, туку е вешто избалансирана.

Токму ваквиот стил, овој препознатлив изглед на Skoda Octavia, честопати е причина за купувачите да се решат за чешката лимузина, место за премиум-модел што секаде околу ќе разгласува дека е од скапа марка. За среќа, во светот уште се почитува тоа што Англичаните го нарекуваат „андерстејтмент“. Ниту премногу скромно, ниту пак премногу расипнички. Од тоа гледиште, Octavia никогаш не била повеќе „дизајнирана“ отколку сега. Намерата на купувачите на претходните модели, да возат автомобил што нема да привлекува премногу љубоморни погледи, можно е да не им успее со „А8“.

Врвот на дизајнот се случува во опашот, каде што надолжниот раб по целата страна на каросеријата се спојува во еден потег со работ на задниот поклопец, кој воедно презема и функција на спојлер и надвиснува над остатокот од каросеријата. Ако во овој момент некој се запраша, колку е аеродинамична Octavia, еве ја и вредноста: 0,24. Речиси неверојатно.

Светлата, секако, претставуваат носечки дел на дизајнерската целина, со тоа што се замислени да личат како кристално стакло, претставувајќи ја традиционалната занаетчиска вештина на чешките мајстори. Диодната техника им е стандард во Ambition, додека во нивото Style тие преоѓаат на матрична диодна техника, заедно со фамозната динамична работа на задните трепкачи. Единствено што може да се доплати кај светлата е странично осветлување на магленките при скршнување – за 99 евра.

Суштината на Octavia IV не е во дизајнот на каросеријата, во големината на багажникот или во техниката на концернот, туку е внатре, на возачкото место и на местата за патниците

Skoda по отворањето на вратите веднаш го презема следниот заведувачки потег. Кабината мириса на дом и личи на дом. Внатре следи фантастично чувство на просторност, тоа е воедно и првото чувство. Не се посега веднаш да се избројат прекинувачите во кокпитот, туку откако ќе ја доживее просторноста напред, човек ќе сака да го задржи тој момент и да гледа едно пет минути пред себе, додека се вреже чувството кога првпат седнал во Octavia A8. Се седи како на балкон над патот. Не мириса на штава за кожа или на формалдехид и бензен што порано го карактеризираа мирисот на нов или блиску до нов автомобил, туку мириса на материјали од домот и од канцеларијата.

Овој впечаток не е лажен, туку е програмиран. По целата ширина на арматурната табла е поставено платно што потсеќа на деним, па дури и штепот се надоврзува на тоа. Кога првпат го најави моделот, Skoda зборуваше за кокпит во повеќе рамнини. Овој дизајн има и функционални предности. Една од тие „рамнини“ е сребрената надолжна лајсна, што е своевидна револуција во кокпитот. Оваа лајсна има најрудиментарна улога што отсуствува кај сите други. На лајсната може комотно да се потпре дланката додека се ракува со дисплејот, место со прстот да се шета низ воздух. Ќе биде добра забава да се следи како сега и останатите производители ќе го следат овој „револуционерен“ потег на Skoda. Лајсната, инаку, ја има формата на предната маска.

Долу е полето со прекинувачи, единствените во кокпитот. Возачите кои се навикнати само на копче за четири трепкачи, сепак немаат причина за паника. Класичните команди за климата отсуствуваат. Но, командите се тука во возилото, потребно е само да се притисне соодветниот прекинувач во таа низа под дисплејот. Со притискање на прекинувачот за клима, на дисплејот се појавуваат командите за клима, со притискање на прекинувачот за програми за возење, се појавува избор од нормален, спортски или штедлив начин на возење. Нема филозофија, сé е едноставно, логично и прегледно.

Следната мајсторија е сведувањето на најмала можна мера на бројот на чекори за извршување на одредена функција. Најмногу два чекори. Огромна интелигенција стои зад овој систем на ракување со кокпитот на Octavia. Тоа е дефинитивно најголемата сензација во овој автомобил. Чешкава марка направи луѓето што имаат одбивност кон ракувањето преку дисплеј, сега да го обожуваат чепкањето по површината на дисплејот.

Ракувањето со кокпитот на Skoda Octavia во споредба со повеќето модели во класата е исто како вселенскиот брод Галактика да се споредува со бродот на Сандокан

Со текот на времето, вниманието кон „богатиот“ живот на средишниот дисплеј секако ќе опаѓа. Но, уште многу работи се сменети. Ротацискиот контролер за светлата е минато, шемата на ракување со копчињата на воланот е сменета по којзнае кој пат и веројатно долго време ќе остане на оваа, а нема повеќе ниту класичен DSG-бирач, туку има некој вид на повратен кип-шалтер. Octavia е прва Skoda без механичка врска меѓу „рачката на менувачот“ и менувачот, тука сé се пренесува електронски, преку жица. Дури и во делот кај внатрешните рачки за вратите има промена. Место тие да се сместуваат во дупка, во Octavia е комплетно отворен делот пред рачката, како во автомобилите од 1970-те.

Ренесансниот дух во Млада Болеслав дури го „отсекол“ и третиот крак на воланот. Octavia има волан со два краци, а од третиот останале само траги, кои укажуваат дека тој буквално бил отсечен. Тоа е симболиката, тоа е пораката на овие промени што се случија во Skoda. Ако конвенционалното повеќе не е добро, тогаш повеќе нема причина тоа да не се менува. Чесите ги направија овие смени смело и безрезервно.

Има шарм во начинот на ракување со кокпитот во најновата Skoda. Дури и лизгачот под дисплејот, по кого се минува со прст за музиката да се засили или стиши, исто така е генијално решение. Истиот тој лизгач се користи и за дотерување на параметрите во подвозјето, кога возачот ќе посака сам да интервенира во крутоста на амортизацијата или во подготвеноста на DSG да префрли во најнизок степен при забрзување. Импресионира и графиката, целиот „филм“ околу ракувањето со Octavia е автомобилска синеастија.

TDI одигра важна улога во градењето на имиџот, Octavia уште во почетокот се идентификуваше со тогаш револуционерниот дизел

Кога во следниов период ќе се забележи како возачка или возач на Octavia е целосно зафатен на паркинг ракувајќи во кокпитот, да знаеме дека постои добра причина за тоа. Во возење, пак, лимузинава им се посветува на класичните вредности. Новата генерација се нуди и во плагин-хибридна изведба, а ќе има и благ хибрид, но под хаубата на овој демо-примерок и натаму работи дизел. Дизелиште, поточно, затоа што Volkswagen денес може без проблем да извлече моќност далеку над 200 КС од овие два литри, но во оваа варијанта останува на „само“ 150 КС главно поради фискалните политики на повеќето пазари.

TDI влече толку бестијално што инженерите дефинитивно имале добар предизвик да ја задржат предната оска блиску до асфалтот. Хармонијата со DSG е врвна, човек може да заборави дека постои нешто што се нарекува степен на пренос и дека во возењето се случува префрлување од еден во друг степен. Во погонската спрега нема што да се забележи. Освен да се пофали: При релаксирана тура по периферијата на Скопје, патниот компјутер пријави тројка пред запирката за вредноста на потрошувачката на гориво. Во секојдневни услови, може да се очекува меѓу пет и шест литри, зависно од динамиката на возење. Додека кај некои конкурентски модели вниманието останува на дисплеите и на светлата, напредокот кај Octavia е очигледен и во ова подрачје, во едно од најважните, секако.

Дизелот, историски, има одработено многу за имиџот на Octavia, затоа што TDI ја постигна најголемата сензација токму во времето кога се појави првата генерација од овој модел. Затоа е сосем природно тоа што демо-возилово го носи дизелов со темперамент на двесте коњски сили. Редакциски повеќе ги почитуваме бензинците, кои со преземањето на технологијата од TDI ја достигнаа нивната штедливост. Како што ни откриваат менаџерите на Порше, сепак постои голем интерес за 1,5-литарскиот TSI со 150 КС, што носи и соодветно пониска цена на возилото.

Подвозјето открива дека автомобилов е проектиран и за долги патувања и под полно оптоварување

Подвозјето амортизира фолксвагеновски стегнато и звучна придружба при преоѓањето преку нерамнини на патот се појавува повеќе како исклучок, отколку како правило. Тоа што при возење по спореден пат може повремено да се почувствува класично лимузинско движење на опашот, очигледно доаѓа како резултат од тоа што при проектирањето на подвозјето на Octavia било земено предвид дека крстосувачов често ќе вози и со полн екипаж – различно од некои самоизвикани лимузини во класата што во тој случај „потонуваат“ во опашот.

Во поглед на динамичните својства, Octavia сигурно не е автомобилот што ќе го остави возачот без уживање зад воланот, исто како што нема да го остави и во средната лента на автопат. Со своите 150 КС, но и со релевантни 360 њутнметри, лимузинава ќе забрза до темпо сто за 8,7 секунди и ќе продолжи да забрзува до 227 километри на час. Тоа е луксузот на овој степен на моторизација, кога притискањето врз педалот за гас до крај е апсолутно непотребна вежба.

Што се однесува до цените, секако дека оваа Octavia како демонстратор е суперопремена, затоа што треба да ги прикаже сите можности на моделоти чини близу 32.000 евра, вклучувајќи десетина ставки дополнителна опрема. Цената на стандардниот модел конкретно е 28.320 евра, заедно со DSG-менувач и со фактот што станува збор за топ-ниво на опрема Style. Едно ниво подолу е Ambition, каде што цената се спушта на 25.470 евра. Во следната фаза од комерцијализацијата ќе се понуди и изведба со мануелен менувач, место DSG, што цената би ја спуштило понатаму до околу 23.000 евра. Тоа се речиси 10.000 евра разлика со цената на демо-возилото.

Чешкава лимузина со комбилимузински поклопец назад може да биде и разумен семеен автомобил, но и луксузен крстосувач

Главната одлика на Octavia A8 е конфигурабилноста – во можноста да се изведе автомобил точно по желба и според можностите. Основниот модел со 1,0-литарски TSI со 110 КС е веќе во понуда и истиот чини 17.770 евра. Автоматскиот двозонски клима-уред, алуминиумските тркала од 16 инчи, мултифункциски кожен волан, радио со дисплеј од 8,25 инчи, диодни светла, копче за старт, електрична паркирна сопирачка, предупредување при напуштање лента и самостојно запирање при опасност од судир се содржани во неговото ниво на опрема, исто како кај моделот со безинец или дизел со 150 КС. Уште подобро е тоа што Skoda не ограничува достапноста на повисоко ниво на опрема, па 1,0 TSI го нуди и како Style, со цена од 20.670 евра.

Тоа ниво веќе може да се води како супериорно и според наша оцена, во оваа Octavia е повеќе интересно да се вложи во повеќе опрема, отколку во посилен мотор. Со неколку опции, Skoda Octavia 1.0 TSI Style би чинела 22.000 евра, што е вистинската сензација кај овој модел.

Само кус извод за тоа што следи стандардно во Style: Навигација со дисплеј од 10 инчи и дигитални инструменти, тризонски Climatronic, матрични диодни светла, пристап без клуч, хромирани украси на каросеријата и сребрен финиш во кокпитот. Пазарот веќе реагираше и ја препозна оваа противвредност. Голем удел меѓу испорачаните и нарачаните примероци од Octavia е токму во нивото Style.

Седишта со сертификат од ортопеди, автопилот, проекциски дисплеј… Никој не мора да знае што поседува возилото

Нивото на цени на дополнителната опрема е уште едно впечатливо поглавје кај овој модел, иако двете нивоа мошне прецизно ги погодуваат и вкусовите и потребите: Затемнети задни стакла 170 евра, предни стакла со звучна изолација и затемнети задни стакла 276 евра, активно подвозје 839 евра, спортски пакет 708 евра, греење на предни седишта 203 евра, приспособлив темпомат 348 евра. Може да биде и вистински луксузно: Ергономски седишта со ортопедски сертификат, со масажа и вентилација за 2.268 евра, озвучување Canton за 557 евра, проекциски дисплеј 560 евра, полу-автопилот Travel Assist за 514 евра, комбинација од кожа и алкантара за 1.197 евра. Сето тоа според принципот: Никој не мора да знае што поседува возилото.

Octavia е институција, модел што успеа уште од самото појавување пред четвртина век и модел што при развојот не се позиционира да се бори во средината на конкурентската понуда, туку цели право на врвот. За Skoda, овој модел мора да биде најдобар и најпродаван. За купувачите, исто така. Тие буквално би се разбегале кога би препознале дека Чесите некаде попуштиле, дека не ја направиле Octavia толку добра како претходно.

Автомобилов е храбро „револуционизиран“, сменет е на уште подобро, а не е сменет само колку на маркетиншките експерти да им се обезбеди приказна. Ако досега Octavia нудеше многу во противвредноста, сега нуди уште повеќе. Автомобил што мора да се искуси, во секој случај, воедно и автомобил што повторно ќе ѝ одземе многу од пазарот на конкуренцијата.

Како што премиум марките притискаат озгора, така Skoda Octavia притиска оздола, оставајќи им на марките што ја пропуштаат „забавата“ во оваа класа, да ја сведат својата понуда на градски автомобили и нашминкани СУВ

Исто како што германските премиум марки ја презедоа доминацијата (и) во средната класа и озгора одвај оставаат простор за моделите на Opel, Peugeot, Ford или Renault, така сега Octavia силно притиска оздола. Платформата е од компактниот Golf, меѓутоа душата на автомобилов е несомнено во средната класа. Автомобилов е толку сеопфатен и универзален, што големиот багажник и фамозните изуми „simply clever“ не мора ниту да се спомнат.

>>> Octavia е жртва на сопствениот успех. Чешкиот производител мораше да направи многу повеќе, за новиот модел да биде нов, отколку што тоа е обврзана да го прави конкуренцијата. Ова е ултимативната Octavia. Што ќе треба да се случи во следната генерација, на која што датумот ќе ѝ биде некаде блиску до 2030 година? Можеме да претпоставиме. Следната Octavia можеби ќе се издвои како подмарка на сопствената марка.

За натамошни информации околу понудата на моделски изведби и за техничките податоци

https://www.skoda.com.mk/octavia-1/novata-octavia

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes T-Class ќе биде семејна изведба на новиот Citan

Mercedes T-Class ќе биде семејна изведба на новиот Citan

Казна за погрешно паркирање во Келн се плаќа во супермаркет

Казна за погрешно паркирање во Келн се плаќа во супермаркет