Модели како овој ретко ѝ се случуваат на автомобилската сцена. Тоа што Mokka изгледа како шанса што не се пропушта, како типување на коњ што некој дошепнал дека ќе победи во трката, тоа секако дека не е случајност. Mokka е стратешки важен модел на Opel, марка што се наоѓа во клучно историско поглавје. Значи, зошто Opel Mokka се издвојува на сцената толку моќно?
Многу работи се сменија во марката со молња во маската. По историски девет децении под закрила на американскиот General Motors, марката од Риселсхајм во 2017 година стана дел од PSA, концерн на Peugeot и Citroen. Понатаму следеше и спојување на PSA со Fiat Chrysler, но тоа е најмалку важно за овој автомобил. По одвај нешто повеќе од три години од преоѓањето во францускиот концерн, прв нов модел на Opel под капата на PSA е Corsa. Моделот е погоден одлично (врска до тестот на Аутомедиа), пазарот ја сака исто како во времето на најголемата слава на Corsa B. Во Германија, таа е најпродаван модел во градската класа. Но, се покажа дека во Opel во меѓувреме се подготвувало уште едно силно електростатско празнење, односно молња. Opel Mokka!
Техниката на СУВ-кросоверот е иста со Corsa, значи тоа е платформата CMP, што е заедничка за Peugeot 208-2008, Citroen C4, DS3 Crossback, вклучувајќи ги нивните електрични варијанти. Развојот, конструирањето, па и дизајнирањето на Corsa, сепак беа започнати уште во времето на General Motors. Откако Opel стана дел од PSA, инженерите и дизајнерите мораа сé што им беше сработено претходно, да го приспособат за платформата на Французите. Според тоа, Corsa F, земено грубо, претставува 25:75% модел на GM-Opel и PSA-Opel.
Mokka е автомобил со мисија, таа има важна задача што мора да ја исполни за марката Opel
Кај Mokka, ништо не остана од General Motors. Тоа е 100% PSA-Opel. Но, точно тоа е мисијата на Mokka. Овој модел треба да постигне, Opel повторно да се гледа како Opel, без постојано да се спомнуваат Французите. Најмалку е проблем тоа што германската марка користи техника на Peugeot. Напротив, бројни марки би си направиле одлична реклама да можат да користат техника од францускиот концерн. Но, и името Opel има голема тежина на сцената.
Еден пример, за тоа колку еден модел може да смени во начинот на којшто пазарот ја гледа марката е Octavia. Долгата комбилимузина со џиновски багажник, во средината на 1990-те години го постави темелот за тоа што марката Skoda претставува денес на пазарот. Понатаму им беше многу лесно на Superb, Yeti, Kodiaq да фатат чекор со конкуренцијата. Opel не беше во толку запоставена положба како Škoda во времето пред VW, но е факт дека Американците не беа посебно родителски одговорни за својата германска марка. Риселсхајм со децении немаше добиено ниту цент од лиценците што се регистрирани под марката Opel, а во последните децении се случуваше на модели на марката со молњата да им се подметне недоволно „угледна“ техника. Пример: Opel Antara, којашто беше само беџ-инженеринг врз база на Chevrolet Captiva, со недоволно квалитетната техника повеќе му наштети на имиџот на марката, отколку што се надоврза на одличното поглавје на Frontera. Првата Opel Mokka, беше веќе различна приказна, затоа што во неа, освен компонентите од GM, се вградуваа и делови од Insignia и Meriva. Првите примероци без проблем минуваат преку 300.000 километри.
Peugeot практично го спаси Opel од најлошото што знаело да им се случи на големите марки во General Motors, а тоа е целосно згаснување на марката. Пример, Saab
Овој Opel што сега ни го прикажува Mokka е вистинскиот Opel, без GM & Co. Се случува повторно раѓање на марката Opel, на којашто сцената уште ѝ ги помни Omega и Vectra, Rekord и Commodore, Kadett и Ascona, Manta. Голема марка е овој Opel.
Mokka многу работи направи прва. Таа е прв Opel што многу јасно го покажува дизајнерскиот компас на германската марка – тоа е вкрстувањето на линијата што оди долж хаубата и линијата што германски прецизно им го одредува горниот раб на маската и светлата. Mokka е прв Opel со новото лице на марката, со Opel-Vizor, со црна маска и со светла во една заедничка целина, што личи како визир на скап мотоциклистички шлем. Таа е прв Opel на којшто моделското име му е напишано средишно на задниот поклопец. Mokka е воедно и прв Opel со целосно дигитален кокпит Pure Panel, сочинет од дигитални инструменти од 12 инчи и средишен дисплеј од 10 инчи, споени во линија.
Дизајнот е главен кај третиот и „најглавен“ СУВ на Opel. Може на долго и на широко да се расправа за изгледот на Mokka и за сите екстра потези што се изведени во секој дел на овој автомобил. Но, генерално, Opel Mokka изгледа апсолутно фантастично, изгледа исто како Марјана кога ќе им извлече седумка на најголемите среќници на планетата Земја, Ferrari & Co паѓаат во сенка покрај овој зелен дизајн-болид.
Тенка силуета со долга хауба и опаш што завршува како купе – малку модели во овој сегмент може да се препознаат веќе по нивната „сенка“
Марк Адамс го создаде веројатно најспектакуларниот дизајн во својата кариера. Точно тоа беше и потребно во оваа стратешки клучна фаза со Mokka. Колку пати и да се погледне оваа каросерија, од каде и да се погледне, фасцинацијата не спласнува. Mokka е складна до милиметар, има извежбано тело како Мери Ажиевска, па уште располага и со врвна аеродинамичност, со коефициент 0,32. Отстрана, силуетата се препознава по долгата хауба и тенкиот нос, по кусите каросериски превиси, по високо подигнатата и витка каросерија, по задниот дел што личи на купе.
Ова е ремек дело. Врвот следи откако во дизајнот ќе се препознае ликот на Manta А. Неверојатно. Тенката рамка околу маската и светлата точно одговара со рамката кај историското купе на Opel. Истото важи и за реброто по целата должина на хаубата, за заоблувањето над крилата. Долгиот отвор под маската го цитира браникот на Manta, а исправените изрези точно се совпаѓаат со гумените одбојници што се стилско обележје на тие времиња.
Mokka прва го добива и новото лого на Opel, што е поедноставено, но дотолку е поефектно. Секогаш ќе изникне по некој претходно незабележан детал. Реброто од хаубата, на пример, продолжува и под знакот и меко преоѓа во отворот за воздух напред. Алуминиумска лајсна поаѓа од хаубата и води елегантно сé до опашот, визуелно истенчувајќи го задниот столб. Ова е како филм, ова е авантура на Индијана Џонс што се доживува додека се гледа Mokka, дел по дел. Ова е 50 нијанси на зелено. Нема што не е дизајнот на овој СУВ-кросовер.
Во секој нов модел на Opel ќе се гледа дизајнот на Mokka
Неважно е колкава е должината на каросеријата, па оттаму да се „измери“ класата во којашто припаѓа Mokka. Таа е бескласна, наддимензионална. Не е „фер“ тоа што возачот сето време останува свесен за посебниот дизајн на каросеријата на автомобилот што го вози. Од возачкото, а уште подобро од совозачкото седиште, секогаш се гледа реброто по должината на хаубата. И бојата се гледа, тоа секако. Многу слична нијанса на оваа, Opel користеше уште во времето на Ascona. Денес бојaта се води како Matcha Green, со шифра GGI, во старите времиња таа беше Limonengrün 303. Куќиштата на ретровизорите исто се дизајнирани за бојата да се гледа јасно однатре.
Еуроимпекс ја подготви најпретставителната моделска изведба на Opel Mokka за тест возење. Името на нивото на опрема не остава простор за прашување: Ultimate, со мотор 1.2 DI со 130 КС, со убав автоматски менувач со претворач на вртежен момент и со најубави манири, со осум (8) степени на пренос. Mokka во ова издание практично е благодорно купе. Вратите се обложени со алкантара, па уште има изведено и ефектен штеп во контрастна боја. Седиштата го добиваат истиот благороден материјал, плус кожа, а стандардно во Ultimate располагаат и со електрично местење. Во предните седишта се вградени грејачи, со три степени на греење.
Сите овие материјали и комфорна опрема од повисоките класи прилегаат во стилската средина на кабината. Mokka не е од оние малечки автомобили што изгледаат смешно кога ќе им се додадат алкантара, кожа, украсни панели со изглед на карбон, алуминумски педали, големи површини под пијано-финиш. Тоа е заслуга на дизајнерскиот тим на Марк Адамс, кој направи внатрешноста да се совпаѓа со тоа што го ветува надворешноста. Стилскиот СУВ на Opel изгледа веродостојно, добива вистинска благородна нота кога ќе се испорача во некое од највисоките нивоа на опрема, особено Ultimate.
Стандардно се вградуваат дигитални инструменти и голем средишен дисплеј во секоја Mokka што излегува од фабрика, во врвната изведба следат два дисплеи од 12 и 10 инчи
За благородната нота во кокпитот секако дека во голема мера придонесува и Pure Panel, кој е стандард во секоја Mokka. Тој го пренесува стилот на Opel-Vizor во кокпитот, со црни дисплеи и заедничка сребрена рамка околу нив. Дигиталните инструменти во основните и средните изведби имаат пречник од 7 инчи, исто толку е голем и средишниот дисплеј. Во Ultimate не може да биде поинаку освен врвно: Дисплеите тука се шират на 12 инчи (возачкиот дисплеј) и 10 инчи (средишниот дисплеј). Mercedes E-Class испраќа поздрави.
Графиката е прегледна, може во возењето да се избира меѓу повеќе различни стилови на прикажување, од минималистички стил, до прикажување на навигацијата – што исто е стандард во Ultimate. Отворите за воздух не се забележуваат, дисплеите се главни. Тоа што Opel треба прво да го смени во кокпитот се копчињата на воланот. Нивниот дизајн, па и самото ракување, потекнуваат од времето кога темпоматот беше врв. Во оваа Mokka денес работат радарски темпомат со местење на чувствителноста, предупредување и самостојно запирање при опасност од судир, систем за следење лента – тоа се ставки што се на половина пат до целосно автополотирано возење и затоа на возачот треба да му се сервираат прекинувачи на воланот, што ќе го потсеќаат на тоа. Исто и на командите за климата и на прекинувачите во вратите им е потребен апдејт.
Во средишната конзола веќе се вмешува Peugeot 208. Тоа се забележува прво по прекинувачот за трите режими на возење – спорт, нормал и еко – по прекинувачот за електричната паркирна сопирачка и по „бирачот“ за автоматскиот менувач. Црно лакираната средишна конзола е рамна како писта и мазна како огледало, со своето ненаметнување прави и просторното чувство да биде уште послободно. Исто колку што бирачот за менувачот е незабележлив, толку и работата на самиот менувач е незабежелива, и тоа секако дека е најпосакуваниот ефект.
Осумстепниот автоматик го постигнува најдоброто што се очекува, а тоа е ниту на миг да не се почувствува дека менувачот префрлува или дека степенот на пренос е превисок за моментните услови на возење
Осумстепениот автоматски менувач, кој е класичен автоматски менувач со хидроконвертер или уште познат како претворач на вртежен момент, учествува во создавањето на впечатокот дека Opel Mokka е бескласен автомобил. Значи, ова не е менувач со двојна спојка, не доцни неколку десетинки при поаѓање на семафор и способен е за миг и од прва да префрли од највисокиот во најнискиот можен степен на пренос при престигнување со педал за гас до крај. Ова е автоматик што работи како за во „Peugeot 909“ и апсолутно е вреден за секоја препорака – доплатата е 2.310 евра, што е близу една десетина од цената на целиот автомобил, меѓутоа вреди за секое евро, посебно што и возачкото секојдневие ќе биде исто толку мазно и релаксирачко како што работи овој автоматик.
За трите цилиндри на денешните мотори во моделите од градската и компакт класата, останаа да негодуваат само најупорните. На тие што им се цени зборот, на инженери од светски глас, коишто секоја година ги избираат најдобрите мотори во светот во повеќе категории, 1,2-литарскиот мотор од семејството EB, познато и како PureTech, веќе неколку години им е омилен избор во категоријата.
Звукот на моторот во Mokka е „дизајниран“ и постарите возачи ќе ги потсети на препознатливиот звук на V6-моторите во големите француски лимузини во 1990-те. Тоа што трицилиндарскиот звук се претвори во позитивна одлика, се должи и на фактот што каросеријата на Mokka има екстра изолација што е предвидена за електричната варијанта – од тоа профитира и бензинецот.
Автоматикот што го учи стилот на возачот помага за 1,2-литарецот со 130 КС да покаже примерен карактер во сите услови на возење и за секое расположение на возачот. Тоа се докажа и на досега единствениот во Македонија тест на потрошувачка, што го направивме на кружна релација во должина од 230 километри. При мошне брзо возење, вклучувајќи и делница со искачување на висина од 900 метри, на релација од Страцин до Штип, преку Кратово, Opel Mokka прикажа просечна потрошувачка од 8,2 литри. Тоа беше големо и пријатно изненадување. Од возењето без задршка повеќе беше за очекување вредност над 10 литри. При повтореното возење по истата релација, со повеќе умерено темпо и возење со свесност за потрошувачката, Mokka пријави вредност на потрошувачка со четворка пред запирката. Тоа е најверодостојното уверување дека овој мотор е во исто време имун на преголем пораст на потрошувачката при нагласено спортско возење, но и способен е да постигне шампионски ниска потрошувачка. Во секојдневни услови, вредност под шест литри е сосем остварлива.
Врска до големиот споредбен тест на потрошувачка при брзо и при бавно возење со Opel Mokka

Подвозјето ги наследува прецизноста и балансот од Corsa, стабилноста исто така. Во поглед на комфорот, амортизацијата повеќе е на спортската страна. Тоа одговара за динамично и уживателско возење. Ultimate стандардно доаѓа со тркала со „воденичарски“ формат од 18 инчи и гуми 215/55. На патиштата што се заборавени од државата, овој формат на тркалата се чувствува, меѓутоа далеку е од тоа дека фановите на Mokka, што едноставно сакаат нивната Mokka да ги има тркалата од 18 инчи и не помислуваат друго, ќе ги натера да ја сменат одлуката и да преминат на помал формат. Кој е повеќе за комфорната страна, ги има на располагање Elegance и GS Line, со 215/60 и 17 инчи.
Основниот модел стартува под 18.000 евра, прв конкурент му е Ford Puma, а тој стартува дури 2.500 евра повисоко; Браво за Opel
Околу цените, стартот од 17.920 евра за верзијата со 100 КС и основно ниво на опрема е мала сензација – секако, сé околу цените и стандардот е релативно во оваа наша чудна економија што е неспособна барем малку да држи чекор со светот, меѓутоа во споредба со конкуренцијата, цената двои позитивно – или „негативно“. Ford Puma, на пример, во Македонија стартува од 20.500 евра. За Renault Captur со споредлива опрема исто така се потребни повеќе од 20.000 евра.
Opel Mokka стандардно доаѓа суперопремена уште во основното ниво: Автоматски долги светла, систем за задржување во лента, камера за знаци, самостојно запирање при опасност од судир, дигитални инструменти и средишен дисплеј од по 7 инчи, клима уред, кожа на волан, темпомат, хромирани лајсни околу прозорците. Ако некому недостигаат алу-тркала (16 инчи), нив ги добива веднаш во следното ниво Edition, во коешто доаѓаат уште екстра звучна изолација, сензор за дожд и самозатемнувачки внатрешен ретровизор. Разликата меѓу Base и Edition е 620 евра. Опција да се нарачаат само алу-тркала нема, но нема ниту потреба, покрај тоа што разликата меѓу двете нивоа на опрема е исто колку цена на алу-тркала од 16 инчи.
Средното ниво е Elegance, со двозонска автоматска клима, поврзување со телефон, диодни магленки, паркинг сензори и панорамска камера, посебни облоги на седиштата, потпирач за раце напред и алу-тркала од 17 инчи. Разликата во цената меѓу Elegance и претходното ниво Edition изнесува 1.630 евра.
За спортското ниво GS Line се доплаќа уште 450 евра над Elegance, но затоа се добиваат уште бирач за режим на возење, кров и кровни столбови во црна боја, алу-педали и екстра стилски детали во кабината, црн таван, посебно дизајнирани тркала од 17 инчи и затемнети задни стакла.
Врвот во гамата му припаѓа на нивото Ultimate. Само една ставка кажува доволно за што станува збор: Матрични диодни светла со 14 светлечки диоди, што секоја посебно го осветлува патот, зависно од условите. Ова ниво е уште 2.680 евра над GS Line, меѓутоа нема да биде изненадување ако тоа учествува можеби со една четвртина во вкупната продажба на Mokka. Ова сепак е лајфстајл-модел, и добро направен лајфстајл-модел.
Навистина Ultimate. Единствената дополнителна ставка во тестираниот примерок е зелената боја, којашто чини 420 евра. Со вклучување на единствената опција, Opel Mokka 1.2 DI Turbo со 130 КС и 8-степен автоматик, во највисокото ниво на опрема што е достојно и за модел од средна класа, чини 27.270 евра. Еуроимпекс на тоа пресметува попуст во висина од 1.370 евра, што значи дека конечната цена за модел опремен и моторизиран како возилото на тестот, изнесува 25.900 евра. Повеќе од половината од цената за автоматикот, се компензира со попустот.
Кој еднаш ќе си подготви мока-кафе, ќе си продолжи со мока-кафе
Мока е посебен начин на подготовка на кафе, италијански начин. Место традиционалниот начин, со зовривање вода во ѓезве, или индустрискиот начин со попарување гранули, за мока е потребен еден паметно осмислен уред, што прави кафето да добие дополнителна ужувателска нота, а притоа да се избегнат вештачките фактори. Не постои поприроден начин, со убав манир да се свари кафе. Истото важи за моката на Opel, за Opel Mokka. Колку и да изгледа „техно“, модерно, напредно, неунифицирано, Mokka пак се потпира на традиционалните вредности, на стилот на историските модели на Opel. Убавината е во тоа што германската марка го исполнува тоа што го ветува, а тоа е демократизација на новите технологии. Во Mokka стандардно се вградуваат многубројни системи за асистенција, има и дигитализиран кокпит. Опцијата за матрични диодни светла чини 580 евра. Тоа мора да му се признае на Opel, цените се попристапни од конкуренцијата.
Важна е и мисијата на Mokka. Таа го покажува Opel во светло во какво што сцената со децении го нема видено. Времето на „маќеата“ GM е минато, Opel функционира како во најдобрите времиња, во PSA, поточно во Stellantis, кој е само поголем PSA. Ваков Opel, народот сака.
Врска до официјалната страница за моделот на увозникот Еуроимпекс
Врски до вебстраниците на овластените дитрибутери и сервисери на Opel:
Аутомакедонија
Ауто ЦЕМ