Нов систем од камери овозможува возачите на автобус да имаат одличен преглед на просторот околу возилото. Погледот од птичја перспектива се овозможува со камера од 360 степени или камера од 270 степени.
Во автобусите на Mercedes-Benz и Setra наскоро ќе биде достапна опција за систем од камери за 360 или 270 степени. Целта е да се добие најдобра можна прегледност на просторот околу масивното возило и на тој начин да се има увид во пешаци или велосипедисти што се наоѓаат во близина, а не се видливи од возачкото седиште. Актуелно се посветува многу внимание за најповредливите учесници во сообраќајот да се заштитат од незгода.
Во единечните автобуси за градски, приградски и туристички транспорт се нуди систем од четири камери за 360 степени, додека кај зглобниот Citaro работат три камери кои нудат прегледност во 270 степени.
Предната камера се наоѓа под или над ветробранот, а страничните камери се над страничните прозорци. Задната камера стандардно е во подрачјето на задното стакло. Тоа овозможува возачот да ги гледа патниците што не се опфаќаат во ретровизорите. Камерите остануваат вклучени од поаѓањето до брзина од 35 km/h. Тие се вклучуваат и при повисоки брзини, кога се пуштаат трепкачите. Системот се вклучува самостојно кога брзината при сопирање ќе се намали под 32 km/h.
https://photos.app.goo.gl/8Ak1wgZXSW6vhpdS8
https://photos.app.goo.gl/cUrgUP7ViF1kzyQe8
Возачот ја гледа сликата од камерите на дисплеј од десет инчи, при што возилото се прикажува од птичја перспектива. Втората слика во дисплејот зависи од ситуацијата, односно е различна при вклучување трепкач или при возење наназад. Може да се избира меѓу пет различни прикажувања.
Исто како во автомобилите, се прикажуваат и помошни линии. Сликата покрива подрачје на далечина до пет-шест метри, односно ја покрива и соседната лента.
















