за

Тест · Citroen C4 X · Лимузина за возење по терен

Citroen создаде современ СУВ за возачките и возачите што лимузинската форма ја признаваат како единствена форма што треба да ја поседува еден автомобил.

Ако автомобилските марки беа музички бендови, а моделите нивни песни, каква ќе беше тогаш музиката на Citroen C4 X? Марката под знакот на впарените запченици е вечно на сцената, нејзините модели се оригинални и отстапуваат од вообичаеното, тие се иновативни и револуцинерни, историските модели и денес се помнат и уште служат како примери, мустри.

Кога сето тоа ќе се пренесе во светот на музиката, Citroen само заради воведот во овој тест, би можело да се поврзе со ирскиот U2 – не само поради сличноста со начинот на којшто француската марка ги означува своите автомобили. А, песната на C4 X би била „Where The Streets Have No Name“. Исто како што Ирците во неа пеат за свет што е непостоечки, така и Citroen конструираше автомобил каков што светот досега не познавал. Меѓутоа, песната на C4 X дефинитивно не е „I Still Haven’t Found What I’m Looking For“.

На Citroen му успеа да оформи каросерија што соединува нешто што не може да се соедини, СУВ со лимузина. Вистина е дека постојат неколку автомобили што ја изведуваат оваа „шпага“, но во C4 X сето тоа изгледа многу поприродно.

Значи, C4 X е рокер. Во оваа музика нема синтетизирани звуци што само се довлечкуваат од фолдер и се додаваат на фабрикуван 808-ритам. Оваа каросерија дефинитивно одговара на идејата за кросовер, но се разликува од кросоверите какви што ги знаеме. Тука не се барала средината меѓу комбилимузина и СУВ, за почитувачите на првава форма да се одоброволат да преминат на СУВ. Тоа што се добива во таквите случаи обично е „нит риба, нит девојка“. Французиве направиле точно кросовер „à la Citroen“.

Кога ќе се врати целиот филм наназад, излегува дека тоа што Citroen го прави во сиве години од Cactus наваму, не е да направи подобар автомобил од останатите, туку да направи подобар Citroen од останатите. И тоа им успева. Доколку идејата беше да се направи само подобар автомобил, на крајот тој ќе беше ист како останатите.

Подобро е човек да не се обидува да расчлени, што сé содржи оваа каросериска форма. Многу е веројатно дека во неа секој ќе препознае лимузина, СУВ, од некој агол ќе се покаже и линија на купе. Од погоре или од подолу, може да се улови некоја линија што не се совпаѓа со пропорциите на коишто е истренирано „автомобилското око“. Опашот, на пример, ако толку се запне, од некоја икс-страна може да изгледа премногу габаритен. Но, потоа човек го здогледува логото и одговара потврдно. Тоа е исто како со музичките бендови. Можеби некоја песна од новиот албум во почетокот нема да биде толку прифатена, сé додека не се разбере текстот, пораката што таа ја пренесува. И, се случува и таа да стане хит. C4 X е хит-моделот на Citroen. За опашот патем, багажникот е со зафатнина од 510 литри.

Мисијата на Citroen не е да направи подобар автомобил од останатите, туку да направи подобар Citroen од останатите

Изненадувањата штотуку почнуваат. Задниот поклопец не се отвора „комбилимузински“ како кај C4, туку сосем лимузински. Тоа буди сеќавања на DS и GS, на CX исто така, но и на C6, коишто иако се комбилимузини, багажникот им се отвора посебно, без задното стакло. Во марката на Андре Ситроен отсекогаш било важно како се отвора багажникот. Во суштина, идејата е со секое отворање на багажникот да не се нарушува спокојството на патниците на задната клупа. Тоа е принципот на посебен простор за мотор, посебен простор за патници, посебен простор и за багажот. Нема мешање. Лимузина.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Повеќе е важна кинематиката на задниот поклопец. Тука е вложено многу труд во проектирањето. Ретко постои друг автомобил, кај којшто затворањето на багажникот е толку природно и лесно. По возењето C4 X, многу е веројатно дека човек ќе почне да забележува кај другите автомобили, колку прсти се извалкале при затворањето на багажникот. Колку и да се чини дека тоа е неважно, токму овој „детал“ го создава шармот на берлинава. На проект менаџерот треба да му се честита за тоа.

Тоа што дизајнот на C4 X се чини толку различен од C4 има и причина. Кросоверот без X е дело на Александер Малвал, додека кросоверот со X е дело на Пјер Леклерк, новиот главен дизајнер на Citroen. Затоа е толку посебен новиот модел, затоа што внесува нови идеи во познатиот стил на француската куќа. „Иксот“ e првиот модел креиран од Леклерк.

Во споредба со C4, купе-кросоверот е подолг 26,5 сантиметри (460 cm), поширок 3,4 сантиметри (183,4 cm) и половина сантиметар повисок (152,5 cm). Меѓускиното растојание е исто, растојанието од подлогата од дваесетина сантиметри исто така.

Клучната разлика повторно е во багажникот, каде што „X“ се луксузира со 510 литри, наспроти 380 литри кај стандардниот модел. Тежината се зголемува за само трисетина килограми, поради тоа што има повеќе „метал“ во каросеријата. До задните врати, каросериската структура е иста со C4, целата разлика се создава во последната каросериска третина.

Исто како во C5 X, возењето открива сосем различен карактер на автомобилот. Седењето е за нијанса повисоко отколку во класичните компакти, точно колку да се добие подобра прегледност над сообраќајот. Некои возачи во многу повисок СУВ, кога ќе го спуштат седиштето до под, заради „спортско“ чувство, всушност седат пониско отколку што нормално се седи во C4 X.

Амортизацијата со француски третман, седиштата со дополнителни два прста специјална пена за седењето да биде попријатно

Автомобилот во град се движи достоинствено, лимузински, француски. Атмосферата ја создава комфорното и тивко подвозје (прогресивни хидраулични мевови се стандард, исто како и седишта Advanced Comfort), заедно со одвај осетната работа на осумстепениот автоматик – класичен и добар автоматик, не е менувач со двојна спојка. Кој уште ќе се оптоварува со „новоградската мисија“ да ги претрка сите и прв да чека на следниот семафор, кога има толкаво парче автомобил за возење.

Техниката е истата со C4, што значи дека сé што е добро таму, и тука е добро. Французите со овој модел се обраќаат на две сосем различни групи купувачи. Едната група се возачки и возачи што бараат достапно решение за современ семеен автомобил, и имаат избор од бензинец или дизел со 130 КС, вклучувајќи го и основниот модел со бензинец со 100 КС, единствен со мануелен менувач; Втората група повеќе е расположена за радикално различен погон, отколку што е за верзија со посилен мотор, па затоа неа ѝ се нуди чисто електричен погон, во e-C4. Истата каросерија, сосем различен погон. Нема хибриди, нема мотори со 200 КС, ниту спортски варијанти.

Така дејствува денешниот автомобилски свет, рационално и трезвено. За тоа што бензинскиот мотор во тестираниот автомобил е трицилиндарец со зафатнина од 1,2 литар, локалните коментар-инженери и коментар-менаџери веројатно уште дваесетина години ќе приговаараат, иако овие мотори во меѓувреме прераснаа во стандард, исто како што беше 1,6-литарец во 1990-те.

Реално, по сите модели и марки од концернот Stellantis што се имаат појавено на тест во Аутомедиа, немало забелешки за моќноста, култивираноста или потрошувачката на 1.2 PureTech. Кој бара повеќе моќност од 130 КС, менаџерите го насочуваат кон C5 SUV или можеби C5 X, каде што стојат на располагање 180 или 225 КС – во комбинација со приклучен хибриден погон. И тоа е уште еден пример како се смени автомобилскиот свет во меѓувреме.

Лимузина со „продолжен досег“

Вистинската природа на C4 X и на неговата необична комбинација од СУВ, лимузина и купе, се покажува кога ќе се излезе од град и ќе се појде по некој спореден пат. „Икс“ нема проблеми да вози по неквалитетен пат, да се пушти по земја, нема ниту причина за човек да биде загрижен дека некое камче ќе удри и ќе го гребне каросерискиот лак. Додека се седи зад волан, лесно може да се поверува дека ова е некој СУВ.

Но, откако ќе се излезе и возилото ќе се погледне оддалеку, секогаш ќе следи истото изненадување. Ова е лимузина. Во тоа е целата суштина на „иксот“ во C4. Во град или на автопат, C4 X функционира исто како сите останати автомобили, како лимузинска варијанта на C4. Но, кога ќе се појде во потрага по авантура, коајшто вклучува и по малку истражување на теренот, оваа лимузина се претвора во СУВ.

Точно така, Citroen C4 X е лимузина за возење по терен

Тоа не значи дека C4 X мора да се користи како теренец – односно, мора исто колку што и сите сопственици на СУВ ги користат своите возила за возење по терен. Но, има разлика, и тоа е важна разлика. Тоа може повеќе да се разбере како слобода на движење и слобода на избор. Ако сите избегнуваат некој спореден пат, по којшто се пристига побрзо и без патарини, на пример, поради тоа што патот во моментот се обновува и уште нема фрлено асфалт, нема потреба од двоумење за C4 X да се пушти да вози по земја.

По тој принцип се случи и Volkswagen T-Roc во европски рамки да се продава подобро од Golf. Слична ситуација се повторува и кај Citroen, со таа разлика што тука нема „голф“ и што самиот C4 му парира на T-Roc. Сосем друга игра внесува C4 X.

Разликата во цената со C4 изнесува 500 евра

Тестираниот модел е во изведба C4 X PureTech 130, во нивото на опременост Feel Pack. Редовната цена за овој модел изнесува 29.290 евра. Со доплата за пакет за безбедност (препознавање пешак или велосипедист на пат, камера за знави) и со навигација, цената на тестираниот модел доаѓа до 30.180 евра. На тоа следи промотивен попуст во висина од 1.500 евра, така што цената на крајот изнесува 28.680 евра.

Во истата конфигурација, со 1,2-литарец со 130 КС и автоматски менувач, во ниво на опременост Feel Pack, кросоверот C4 чини редовни 28.690 евра, односно промотивно 27.190 евра. Според тоа, разликата во цената со C4 X изнесува точно 500 евра.

Додека C4 е достапен и во ниво Live Pack, со 100 КС и со цена од 20.490 евра, гамата на C4 X почнува едно ниво погоре, како Feel, и со истиот мотор со 100 КС, со мануелен менувач, чини промотивно 22.390 евра.

Опременоста на тестираниот модел не остава неостварени желби и може да се биде повеќе од среќен и без посегнување по повисокото ниво на опрема или по листата на дополнителна опрема.

Автомобилот во секој случај поседува зрелост и заслужува да се вложи повеќе. Во следното ниво на опременост, Shine, Citroen додава систем за предупредување за возило во мртов агол, автоматско долго светло и сензор за дожд, предни ЛЕД светла, затемнети задни стакла, посебен дизајн на тркалата од 18 инчи, отвор за скии назад, стартување на мотор на копче, навигација, предни паркинг сензори и проекциски дисплеј. Сите овие ставки заедно, Citroen ги цени 1.200 евра. Тоа, практично е охрабрување, за да се избираат моделите со повисока спецификација.

Над тоа останува уште едно ниво, каде што следат најфините нешта, од типот на радарски темпомат што самостојно забавува и забрзува, или седишта обложени со благородничка алкантара. Цената на таа комбинација: 30.990 евра. Од оваа политика на цени се заклучува колку C4 X му е важен на Citroen, за имиџот на француската марка да продолжи да напредува кон следната пресвртница. C4 X, всушност и самиот е пресвртница.

Каква е смислата да се комбинира СУВ со лимузина-купе?

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Тоа е главното прашање, на коешто менаџерите во Citroen секако дека имале одговор вреден да се вложат десетици милиони евра во развојот на C4 X. Лимузина-СУВ, во оваа форма и со овие пропорции, што ги нуди Citroen? Дефинитивно, да. Автомобилот е практичен, стилски, претставителен, единствено е „проблем“ што се малку таквите како него. Но, нив наскоро ќе има повеќе.

Второто прашање, зошто токму Citroen се реши меѓу првите да направи ваков исчекор од здодевното? Затоа што на француската марка ѝ прилега да прави нешто различно и единствено. Под друга марка и под друг знак, концептот на C4 X ќе изгубеше голем дел од смислата.

Дали C4 X ќе ги привлече купувачите коишто досега имаа ограничен избор меѓу неколкуте останати лимузини во сегментот на компактите, или обратно, потенцијалните купувачи на СУВ ќе ги задржи во светот на лимузините, тоа ќе се потврди за многу кусо време, затоа што интересот за моделот е огромен. Во Автонова кажуваат дека и самите се изненадени од реакцијата што македонската сцена ја покажа за на C4 X уште од самиот пазарен старт на моделот.

Убаво е кога може (повторно) да се зборува за големи новини и за големи промени на автомобилската сцена, а тие да не бидат поврзани со електричниот погон. C4 X и во тој контекст се вмешува во игра. Французите го нудат e-C4 X.

Сите технички податоци и главните ставки од опременоста на тестираниот Citroen C4 X може да се погледнат во нашиот онлајн-каталог за сите нови модели на автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Citroen C4 X PureTech 130 Feel Pack Automatic

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дизајнот на Opel Astra одликуван со Red Dot Award

Во Ferrari се преполни со нарачки до 2024 година