за

Дизајнот на Opel Astra одликуван со Red Dot Award

Уште едно одликување на полицата со награди за Opel Astra. Оваа се однесува посебно на дизајнот на германскиот компакт, но и на уште неколку важни нешта.

Opel Astra доби признание за дизајнот, и тоа од интернационалното стручно жири на Red Dot Awards. Годинава 43 експерти ги оценуваа најважните нови продукти во бројни подрачја. Германскиот компакт е одликуван во категоријата на „Дизајн на производ“.

Уште едно важно одликување за Opel Astra, по Златен волан, Најдобар семеен автомобил на годината и титула на германски автомобил на годината во компакт класата.

Главниот дизајнер на Opel, Марк Адамс, говори колку во Риселсхајм им значи наградата Red Dot Award во категоријата на дизајн на производ: „На нашата најнова генерација на Opel Astra ѝ дадовме чист и храбар дизајн. Исто како секој нов модел на Opel, Astra вози со карактеристичниот лик Opel Vizor. Тaa соединува иновативна техника со емотивен дизајн. Според оваа максима го развивме и кокпитот. Целосно дигиталниот Pure Panel се ракува интуитивно и сосредострочен е на главното.“

Чист, храбар, со карактер: Дизајнот на Astra се издвојува во компакт класата

Opel Astra електризира и со погонот. Тоа секако се однесува на изведбите со приклучен хибриден погон, коишто можат неколку десетина километри да извозат чисто на струја. Наскоро светот ќе почне да вози и целосно електрична Astra Electric.

Главниот елемент во дизајнот е карактеристичниот лик за целата марка, Opel Vizor, што отиде чекор понатаму кај Astra. Дизајнерите на германската марка зборуваат за компас-филозофија. Тоа се однесува на двете оски што се сечат точно на местото на коешто се наоѓа логото на Opel во маската. Вертикалната оска се забележува мошне јасно по должината на хабата. Визорот, пак, тоа е хоризонталниот пијас, што ја опфаќа целата ширина на носот и во една целина ги опфаќа маската и светлата. Тоа прави каросеријата да изгледа уште пошироко.

Компасот се повторува и назад, формиран со тенките задни светла, со вертикалното трето стоп светло и со логото со молњата, во коешто се вкрсуваат двете линии. Тајната за формата на задниот поклопец е во материјалот. Тој е изработен од термопластика, што дозволува поголема слобода при оформувањето и воедно овозможува задните свсетла да бидат исклучително тенки.

Кокпитот PurePanel ја пренесува суштината на компас-филозофијата и визорот во внатрешноста на Opel Astra

Во најпретставителната варијанта, кокпитот на Astra располага со два дисплеи од по 10 инчи, што се поставени под заедничко стакло. Тоа создава мошне благороден впечаток и го претставува технолошкото ниво на целиот автомобил. Уште една посебност на овој Pure Panel е во тоа што посебната конструкција на дисплеите спречува отсјај.

Наградите Red Dot Award се доделуват подолго од 60 години

Актуелната Opel Astra ја продолжува долгата низа од модели што ја понеле наградата Red Dot Award за Риселсхајм. Станува збор за дизајнерски конкурс што се одржува подолго од 60 години и важи во светски рамки.

Освен за дизајн на производи, награди се доделуваат и за дизајн на реклама и на марка, како и за концепт на дизајн. Годинава жирито оценуваше производи од 60 држави ширум светот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во време на достава до дома: Mercedes-Benz со рекордна продажба на ванови

Тест · Citroen C4 X · Лимузина за возење по терен