Во време на достава до дома: Mercedes-Benz со рекордна продажба на ванови

Mercedes-Benz Vans си ја почитува целта да ги произведува најдобрите ванови во светот и во првите три месеци од годината ја зголеми продажбата за 12 проценти.

На светскиот пазар, Mercedes-Benz Vans, дел од Mercedes-Benz Group, продаде 98.900 доставни возила. Тоа е најдобриот прв квартал во историјата на марката.

Уште една добра вест претставува зголемувањето на уделот на електричните ванови за 22 проценти. Вкупно 3.600 возила со чисто електричен погон се испорачани од јануари до завршетокот на март. Од сите продадени ванови во првото тромесечје, 3,6 проценти имаат чисто електричен погон. Заедно со целта да се произведат најдобрите ванови во светот, Mercedes-Benz Vans ја следи и целта да биде водач меѓу електричните ванови.

Германската компанија во извештајот не пропушта да ги спомне постојаните потешкотии со коишто се соочува браншата, во логистиката. Најголем удел во продажбата секако имаат возилата за деловна примена, со вкупно 83.800 возила или за 13% повеќе во споредба со лани.

На приватни купувачи се регистрирани 15.000 возила во првиот квартал, што соодветствува со раст од 5 проценти. Мошне солидно напредува T-Class, премиум-изведбата што се заснова врз комерцијалниот Citan и што е пуштена во продажба во минатото лето. Продажбата на двете варијанти пораснала за вкупно 89 проценти. Во категоријата на ванови од средната класа, значи Vito, V-Class & Co, забележан е мал пад од 2 проценти.

По региони, најдобро напредува Европа, каде што продажбата пораснала за 24 проценти, со вкупно 65.500 ванови за професионална и приватна примена. Најголем пазар е домашниот, Германија, со 23.700 возила, што е за 20% повеќе во споредба со првото тромесечје лани.

Голем удел во успехот на Mercedes‑Benz Vans секако дека има и услугата што им е достапна на клиентите.

Претходна објаваBMW XM со црвена маска за 203.000 евра
Следна објаваДизајнот на Opel Astra одликуван со Red Dot Award

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here