Lamborghini Urus, Aston Martin DBX и Ferrari Purosangue може да ја изгубат оваа трка. Кога BMW M GmbH налето ќе ја пушти специјалната изведба Label Red од својот XM, тоа нема да биде само најсилниот сериски модел на Баварците, туку и крал на сите СУВ.
Не постои друг СУВ што располага со поголема моќност од внукот на легендарниот BMW M1. Место 653 КС и 800 њутнметри, тука стојат на располагање 748 КС и 1.000 њутнметри. BMW XM Label Red може да се гордее и на перформанси од една друга категорија автомобили. Со енергијата во батеријата, исклучителниот СУВ може да извози до 80 километри чисто на струја, без да се вклучи моторот. Досегот во тој случај ќе се скуси драстично, но во електричниот режим, XM Red Label постигнува 140 km/h.
Главните перформанси на оваа карпа од 2,5 тони, кога ќе се здружат силите на моторот V8 и е-машината: Спринт до темпо сто за 3,8 секунди и крајна брзина ограничена на 290 km/h, со доплата за M Drivers Package. Во споредба со стандардната изведба, спринтот се скусува за половина секунда, во крајната брзина се добиваат 20 km/h екстра.
Дополнителната моќност од 95 КС е постигната на добриот стар начин. Место едноставно да се намотаат уште неколку метри бакарна жица околу калемот и на тој начин да се зголеми моќноста на електромоторот, како што тоа е вообичаено на влезот во електричната ера, Баварците прочепкаа во моторот и неговата моќност ја зголемија од 489 КС на 585 КС.

Од најновиот автомобил на M GmbH нема да поцрвенат само конкурентите, туку и купувачите, во двојна смисла. Серијата во ограничен број примероци ќе располага со каросерија во црвена боја, со црвени украсни лајсни и црвена маска, како и со линија околу прозорците и со големи издувни цевки што исто така се лакирани црвено. Во преносна смисла, купувачите ќе поцрвенат поради цената: Со 203.000 евра во германскиот ценовник, BMW XM Red Label е за околу 20 проценти поскап од стандардниот модел.

















