Вмешувањето на Маск во политиката ја преполови продажбата на Тесла во Европа?

Photo by Vlad Tchompalov

Продажбата на Тесла во Европа во јануари забележа пад во Германија, Обединетото Кралство, Франција и други пазари. Конкуренцијата со нови модели го презема пазарот на Тесла, а исто и анкетите покажаа лош имиџ на извршниот директор Илон Маск во јавноста.

Маск направи забележлив пробив на политичката сцена, главно како финансиски поддржувач на Доналд Трамп. Милтимилијардерот потроши 250 милиони долари за поддршка на враќањето на Трамп во Белата Куќа. Тој предизвика силна контроверза и со говорите за поддршка на крајно десничарските партии во Британија и Германија, на својата друштвена мрежа Икс.

Тесла изгуби многу од својот пазар во Германија, што наведува на заклучок дека говорите на Маск во знак на поддршка на крајно десничарската партија Алтернатива за Германија, влијаеја да се намали побарувачката за електричните автомобили на марката од САД.

Продажбата на Тесла во Германија во јануари се намали за 60 проценти, според веродостојните податоци од тамошната пазарна статистика. Целиот германски пазар во минатиот месец забави за само 2,8 проценти, додека во исто време имаше значителен раст од 54 проценти во продажбата на електрични автомобили, токму во сегментот во којшто Тесла е присутна.

Но, и останатите пазари во Европа покажаа пад во продажбата на Тесла. Во Франција се продадоа 63% помалку возила на Тесла, 44 проценти помалку во Шведска, 42 проценти во Холандија, 38 проценти во Норвешка и 23 проценти во Британија.

Компанијата го изгуби и 2-то место во продажбата на ЕВ во Британија и во јануари падна на 7-то место, зад Фолксваген, Мерцедес-Бенц и Пежо, сите тие со раст во продажбата.

Можно е причината да лежи во слабата залиха од возила, како и во очекувањето на освежениот Модел Ипсилон

Можно е причини што не се поврзани со политиката да имале влијание врз слабиот почеток на Тесла годинава. Компанијата ги приспособува фабриките да го произведуваат освеженото моделско годиште на Модел Ипсилон, најпродаваната серија на Тесла. Тоа значи дека ќе минат неколку недели додека новиот Модел Ипсилон почне да излегува од фабриките. Компанијата произведува возила и во близина на Берлин, Германија.

Друга можност е некои пазари да останале без залихи од возила, откако во декември завршија големите попусти и повластиците за бесплатно користење на полначите на Тесла во рок од една година.

Надвор од Европа се многу појасни знаците дека политиката на Маск влијае врз автомобилската компанија со којашто тој раководи. Тесла имаше смалена продажба во Калифорнија во сите четири квартали во минатата година. Продажбата на вториот најбаран модел на Тесла, Модел 3, падна за 36 проценти лани.

Тесла ја заврши минатата година со историски најдобра квартална продажба во светски рамки, но за малку не ги исполни проекциите што беа поставени за целата 2024 година. Компанијата имаше прв пад во добивката во повеќе од десет години наназад.

Настапите на Маск ги поларизираат купувачите

Неколку анкети покажаа дека купувачите имаат различни ставови околу Маск. Во истражувањето што во завршетокот на јануари го спроведе вебсајтот за електрични возила Елецтрифѕинг.цом , 59 проценти од сопственците на ЕВ во Британија и тие со намера да купат такво возило, кажале дека настапите на Маск може да ги одвратат од тоа да изберат Тесла.

„Влијанието на Маск врз марката предизвикува сé поголема поларизација и наведува голем број од купувачите да бараат друга марка,“ кажува извршната директорка на Елецтрифѕинг.цом Џини Бакли. „Со преку 130 големосериски модели на ЕВ што сега се достапни во ОК – во споредба со само 25 во 2020 година – конкуренцијата е поостра од кога било досега и Тесла веќе го чувствува притисокот.“

Европските политичари се оградија од неодамнешните коментари на Маск, кој меѓу другото го зајакнува присуството на подржувачите на крајната десница на мрежата Икс. Повеќе профили се затворија и како причина за тоа беше наведено дека се ширеле погрешни информации. Маск ја отрфли критиката дека бил противник на демократијата и слободниот говор.

Маск стана подржувач на крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) во изборите што се одржуваат во февруари. На неодамнешниот собир на партијата, во деновите кога се одбележуваа 80 години од затворањето на логорот Аушвиц, тој порача преку видеобим дека Германците не треба да чувствуваат вина поради гревовите на нивните прадедовци.

Уделот меѓу шведските граѓани што има позитивно мислење за Тесла падна на 11 проценти, во истражувањето на Новус што беше спроведено по инаугурацијата на Трамп. Во слично истражување спроведено пред тој чин, од 15-ти до 17-ти јануари, уделот изнесуваше 19 проценти, објави шведската новинска агенција ТТ.

Процентот на граѓаните што имаат негативно мислење за Маск, пак, порасна од 47 проценти на 63 проценти, соопштија ТТ.

Отсуство на иновации и нови модели

Главниот истражувач во Њу Аутомотив, Бен Нелмс, изјави за Ројтерс дека проблемите на Тесла не се само во однесувањето на Маск, туку тие потекнуваат и од отстуството на лансирање на нови модели – последниот нов модел е Ипсилон од 2020 година – додека соперниците, посебно кинеските производители на ЕВ, постојано пуштаат нови модели во продажба.

И покрај тоа, вредноста на акциите на Тесла се движи во подобра насока од целиот пазар. Акциите денес вредат двојно повеќе отколку една година претходно. На берзата во моментов се тргува со акции што постигнуваат сооднос цена-наспроти-добивка од 131, додека истиот сооднос кај традиционалните производители се движи околу 20.

Маск најави дека годинава ќе почне продажбата на долго најавуваниот достапен модел, а компанијата се посвети повеќе и на автономното возење.

 

Претходна објаваСитроен Ц3 Еркрос на прво возење во Шпанија · Со место за многу обожуватели
Следна објаваКинеските производители треба да ги скусат цените за да привлечат купувачи

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here