Кинеските производители треба да ги скусат цените за да привлечат купувачи

Електричниот МГ4 во моментов во Германија чини повеќе од ривалот од Фолксваген, ИД.3.

Еден од секои десет очекува да види цена што е пониска за 10 проценти, па да земе предвид автомобил од кинески производител. Тоа го кажуваат од Ескалент, консултантска компанија, врз основа на истражувањето спроведено меѓу повеќе од 1.600 купувачи на нови автомобили во Франција, Германија, Италија, Шпанија и Обединетото Кралство, петте најголеми пазари во Европа. Пониските цени би привлекле нови купувачи во Италија и Шпанија, открива студијата.

Просечното намалување на цената што го очекуваат купувачите, пред да се решат за кинески производител на автомобили, изнесува 27 проценти. Околу една третина од анкетираните лица (31%), кажаа дека би се заинтересирале, доколку разликата во цената е меѓу 11 и 20 проценти.

Кинеските производители на автомобили што конкурираат на европскиот пазар настапуваат со цени што се приближно на исто рамниште со традиционалните производители. Во некои случаи, цените се и повисоки. Пример е МГ4, којшто во моментов во Германија чини 34.990 евра, додека неговиот соперник од Фолксваген, ИД.3, почнува од 33.330 евра. Дел од таа разлика се должи на фактот што МГ се соочува со повисоки царини, што ЕУ ги воведе за електрични автомобили произведени во Кина.

Производителите на автомобили, како БИД, МГ, Нио и Експенг, лани ја зголемија продажбата во Европа за 15 проценти, на 368.213 возила.

Недоверба и слаб имиџ се пречка за кинеските производители во Европа

Слабата доверба е клучен фактор што ги разубедува купувачите да се решат за автомобили од Кина, открива студијата.

Возачките и возачите во Европа, во целина имаат доверба кон автомобилите што се произведени во Европа, САД, Јапонија и Јужна Кореја, наспроти возилата од кинеските производители, кон коишто има послаба доверба, понатаму открива студијата.

Слабата доверба, заедно со отсуството на традиција на производство на кинеските автомобилски компании, во споредба со останатите национални индустрии, прави „европските купувачи релативно лесно да развијат сомневање и отфрлање“ за кинеските автомобили, според студијата.

Непознатоста исто така има важна улога. Единствено МГ у БИД се пласираа меѓу 25-те најпознати марки според Ескалент, и тоа на 22-то и 25-то место.

Студијата сепак утврди дека купувачите брзо ги запознаваат кинеските производители, благодарение на нивното „мудро рекламирање и добра стратегија на модели“. Тоа веројатно ќе им помогне да засенат некои европски производители.

Поставување нагласок на марката, заедно со пониски цени, може да помогне за брзо да се смени сликата околу електричните автомобили во Европа, оценува директорот на Ескалент за Обединетото Кралство, Марк Карпентер. „И покрај тоа што нивната активност е од скоро, тоа може да го вклучи алармот за докажаните автомобилски марки, што ќе треба да бидат повеќе загрижени околу растечката закана што им е зад грб,“ вели Карпентер.

Ескалент ја спроведе студијата со намера да им даде „водилка и на традиционалните и на кинеските марки, како најдобро да се справат со пазарните предизвици,“ соопштуваат од компанијата.

Претходна објаваВмешувањето на Маск во политиката ја преполови продажбата на Тесла во Европа?
Следна објаваАуди се враќа на старите ознаки, повеќе нема двоење на електрични и бензинци

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here