за

Кинески директор ќе биде втор човек во Tesla по Илон Маск

Директорот на фабриката на Tesla во Кина ќе биде унапреден на највисока позиција во компанијата, веднаш по Илон Маск.

Том Жу ја презема надлежноста над фабриките на Tesla во САД, како и над продажбата на пазарите во Северна Америка и Европа.

Директорот на фабриката на Tesla во Кина, Том Жу, презема директна надлежност над фабриките за електрични автомобили на компанијата во САД, како и врз организацијата на продажбата на пазарите во Северна Америка и Европа.

Со овој чекор, Жу добива највисока извршна функција во Tesla, веднаш по извршниот директор Илон Маск, со надлежност за испораката на возила на сите главни пазари и за производството во клучните фабрики.

Конструирањето и развојот на нови модели, како подрачја во коишто Маск има големо влијание, остануваат надвор од надлежностите на Жу. Тој повеќе ќе биде во улога на заменик на Маск, во поглед на краткорочните планови во раководењето со продажбата на светскиот пазар и во производството.

Жу останува на позицијата на заменик претседател на Tesla во Кина, а тој ги задржува и надлежностите како највисок извршен директор на продажба за останатите пазари во Азија.

Кинескиот менаџер и неговиот тим кон крајот на минатата година добија задача да ги надминат проблемите во производството на Tesla во САД. Уште тогаш во менаџерските кругови почна да се зборува дека тој ќе биде назначен на повисока позиција во комапнијата.

Унапредувањето на Жу на позиција на одговорност за светскиот пазар се случува во време кога Маск е зафатен со проблеми по купувањето на Твитер и во време кога аналитичарите и инвеститорите во Tesla бараат итно преземање чекори, за проширување на менаџерскиот тим, што ќе помогне Маск повеќе да се посвети на Tesla.

Под раководството на Жу, фабриката на Tesla во Шангај успеа за кратко време да се врати во производство, по строгите огреничувања што беа воведени поради ковид.

Американскиот производител на електрични автомобили објави во понеделникот дека се испорачани 405.278 возила во последниот квартал лани. Тоа е под предвидувањата на Вол Стрит. Компанијата во истиот период во 2021 година испорача 308.600 возила.

Том Жу засега нема директна надлежност над фабриката на Tesla во Берлин, којашто уште заостанува зад плановите, иако упатените лица очекуваат дека кинескиот менаџер ќе ја преземе и таа одговорност.

Роден во Кина, а сега со новозеландско државјанство, Жу почна да работи во Tesla во 2014 година. Тој претходно има работено како проект менаџер во компанија основана од неговите колеги на Универзитетот Дјук, во улога на советник на кинеските компании за нивните активности во инфраструктурни проекти во Африка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki S-Cross е избор на италијанската публика за Ауто Еуропа 2023

Kia лани продала близу три милиони автомобили ширум светот