за

Kia лани продала близу три милиони автомобили ширум светот

Во минатата година Kia продала 2,9 милиони возила на светскиот пазар, за 4,6 проценти повеќе отколку преклани.

Продажната цел на Kia за претстојната година се 3,2 милиони возила. За овој раст да се постигне, ќе се поставуваат нови регионални стратегии и ќе се притиска на електромобилноста.

Корпорацијата Kia во 2022 година продаде 2.903.619 возила ширум светот, што претставува зголемување од 4,6 проценти во споредба со преклани. На пазарите надвор од Јужна Кореја се продадени за 5,4 проценти повеќе возила, односно вкупно 2.362.551 возила. Продажбата на домашниот пазар достигна 541.068 единици.

Само во последниот месец лани, Kia ја зголеми продажбата за 13,7 проценти, со вкупно 236.874 возила.

По модели, не е изненадување тоа што најпродаван е СУВ-моделот Sportage, со продадени 452.068 примероци, пред СУВ-моделот од една класа подолу Seltos, којшто постигна 310.418 продажби. Трет најпродаван модел е СУВ-знаменосецот Sorento со 222.570 примероци.

Kia го постигна значајното зголемување во продажбата преку успешно менаџирање на синџирот на набавки од добавувачите, што главно се однесува на набавка на микропроцесори. Голема заслуга има и лансирањето на новата генерација на Niro, како и освежувањето на Seltos.

Одлична пазарна прифатеност на електричниот кросовер Kia EV6, со близу 80.000 продадени примероци лани на светскиот пазар. Менаџерите во Киа Македонија најавија дека моделот од годинава ќе се нуди и на македонскиот пазар, заедно со Niro и со уште неколку хибридни и приклучни хибридни моделски изведби во гамата на марката.

Планот е растот во продажбата во 2023 година да се задржи преку примена на точно скроени стратегии во одредени региони. Тоа што се најавува како нов тренд во браншата е развој на т.н. Purpose Built Vehicles (PBV). Тука станува збор за возила што се конструирани строго за одредена намена, на пример возило за такси или возило за краткотрајно изнајмување. За тоа да се постигне е неопходен највисок степен на флексибилност во производството.

Во почетокот на 2023 година ќе биде лансиран престижен СУВ-модел со чисто електричен погон, со нов дизајн и технолошки супериорен, EV9.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески директор ќе биде втор човек во Tesla по Илон Маск

Opel Astra има филтер што чува од PM-честички